/ Прочитано:

1.579

Огромен интерес и богата дискусија на обуката на Академик за новиот Закон за општа управна постапка

Петок, 11 септември 2015 – Огромен интерес проследен со богата и корисна дискусија ја одбележаа обуката на Академик посветена на новиот Закон за општа управна постапка што се одржа на 9 септември  во конференцискиот центар на хотелот „Квинс“ – Трговски центар „Зебра“ „Обуките на Академик се секогаш одлично организирани. Исцрпно се анализираат законските одредби и се дебатираат дилеми што произлегуваат од практичната примена. Предавачите се на висина на задачата, стручни и директно упатени во тематиката која ја презентираат“, оценуваат учесниците.

Спецификите на новиот закон наспроти решенијата во постојниот, транспарентност во управните постапки, управна постапка ориентирана кон услуги, ефективно и етичко постапување на државните и јавните службеници, економичност при донесување на управните акти…, беа само дел од темите кои беа обработени на обуката.

Предавачите се осврнаа и на насоките за водење на управните постапки, со посебен фокус на нивното времетраење и обезбедување на потребните докази, односно документи од странките, а беа објаснети и новите институти од ЗОУП.

Според Георги Димитров, управувачки партнер во Адвокатското друштво „Георги Димитров адвокати“, член работната група за изготвување на ЗОУП и еден од предавачите на обуката, донесувањето на новиот закон е  значајно за сите правници кои се занимаваат со управната материја.

„Донесување на новиот ЗОУП е значаен настан за сите правници кои се занимаваат со управната материја, особено за правниците во јавните органи и организациите на кои им се доделени јавни овластувања со закон. Сметам дека масовното присуство на обуката е логичен резултат на потребата на колегите  покрај редовните обуки во администрацијата да добијат и специјално скроени обуки на едно повисоко ниво што секогаш го нуди Академик“, истакнува Димитров.

Учесниците имаа прилика директно да се информираат и да дискутираат за новиот ЗОУП со претседателката на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, Ирена Брзанова, која во улога на предавач говореше за комуникацијата и соработката меѓу органите во управната постапка и одговорноста на првостепениот и второстепениот орган во управната постапка, презентирајќи истовремено специфични примери од практиката во жалбената постапка.

„Во моето излагање за првата тема прво пристапив кон идентификација на главните точки на комуникација и соработка меѓу органите, кои во најголем број на случаи претставуваат и главни причини за одолговлекување на управната постапка. Во таа насока потоа ги презентирав и одредбите од новиот ЗОУП кои даваат солидни решенија за подобрување на комуникацијата и соработката меѓу органите.  Во однос на втората тема од моето излагање – се осврнав на одредбите од новиот ЗОУП кои предвидуваат поголема одговорност на органите при водењето на постапката. Во таа смисла, посебно ги истакнав одредбите кои го уредувааат постапувањето на првостепениот орган кога еднаш е поништено првостепеното решение, но и обврските на второстепениот орган кога постапува по жалба изјавена против решение кое еднаш веќе било поништено од негова страна“, појаснува таа.

Обуките кои Академик ги организира, смета Брзанова, се исклучително корисни, особено бидејќи разработуваат теми што се актуeлни и се однесуваат на најновите законски решенија.

„Овие обуки даваат моќност да се разговара и дискутира за дилемите кои се јавуваат во пракса од определена област, а она што посебно ми се допаѓа е што во обуките како предавачи се вклучени колеги од праксата, кои работат на материјата која ја презентираат, што значи дека нема само теоретски, туку и практичен осврт на одредена материја“, потцртува претседателката на Државната комисија за одлучување во управна постапка.

 Учесниците за обуката

– Многу сум задоволна од обуките на Академик, кои се секогаш одлично организирани. Исцрпно се анализираат законските одредби и се дебатираат дилеми од практичната примена. Имајте предвид дека сите исто не го читаат законот, а се трудат да го применуваат. Меѓутоа ваквите обуки даваат можност да се изградат одредени ставови коишто практиката треба да ги потврди за целта на крајот да биде остварување на правата на граѓаните и на правните лица. – Милена Најдова, супервизор во Дирекцијата за вонтеренска супервизија и лиценцирање при НБРМ.

– Обуката е многу корисна од аспект на тоа што тука се присутни предавачи кои директно учествувале во подготовката на законот и кои директно можат да не подучат во однос на примената, бидејќи во секојдневното работење немаме со кога да се консултираме. Јас доаѓам од акционерско друштво во државна сопственост и можеби ние не сме  директни учесници, односно не издаваме решенија, меѓутоа реагираме на решенија на органите на управата. Не постои друг начин, кога има измени на Законот за општа управна постапка да се дојде до одговори, освен овој – со обука на која можат да се  постават прашања и да се презентираат практични проблеми од досегашниот закон, да се појасни дали истите ќе се разрешат со новите одредби од законот. Сметам дека на овие обуки дури можеме да дебатираме и за прашањето – што понатаму, што ќе правиме со новите дилеми и проблеми кои сметаме дека ќе произлезат од новото законско решение. Значи можеме да предочиме и предлози за уште пореална примена на законот. – Лилјана Гелева, раководител на Сектор за правни работи при АД „Македонска пошта“.

– Обуката е едно многу позитивно искуство бидејќи се работи за нов закон. Јас доаѓам од приватна фирма, не доаѓам од управата, тие можеби имаат нивни проблеми, меѓутоа, странката која мора да води еден управен спор има многу повеќе проблеми. Добро е што е поедноставена постапката во прибирање на доказите, макар што ќе треба време да заживее со оглед на други искуства. Меѓутоа го поздравувам ваквиот начин на запознавање со  новите законски решенија и сметам дека треба да се продолжи на овој начин. Академик во принцип организира многу убави советувања, сум имала прилика досега да присуствувам на неколку.  Ги  поздравувам организаторите и да продолжите со ова темпо и понатаму.  – Јулијана Масларкова, директор на Дирекција за правни работи во Окта.

– За мене лично, ваквите обуки се многу корисни бидејќи тука ги согледуваме реалните можности на практиката на законот, измените – нивните предности и недостатоци, ни се разјаснуваат бројни дилеми.  – Симона Крунтовска, помлад соработник во Генерален секретаријат на Владата на РМ.

– Втор пат присуствувам на обука организирана од Академик и го охрабрувам организаторот почесто да ги организира. Ми се допаѓа начинот на објаснување на законите и на новините кои законот ги носат. Сметам дека навистина се корисни за нас учесниците бидејќи се во насока на унапредување на нашето знаење со крајна цел подобрување на работата со странките. – Џинет Даути, виш соработник во Правното одделение при Агенцијата за електронски комуникации. 

– Овој закон воедначува една цела примена, така што колку повеќе сме информирани толку во иднина би била полесна примената. Со обуките се придонесува за избегнување на проблемите кои би се јавиле во практиката. – Сашо Стоилков, раководител на сектор во Државната комисија за одлучување во управна постапка.

– Сметам дека обуката е многу корисна за лица кои работат во органите на државната на управа или во приватните фирми. Со деталното објаснување на материјата се дава една јасна порака и визија како во иднина треба да се постапува при одредена постапка. Имаме многу појасна слика за новото законско решение. – Вергим Шерифи, раководител на Одделени за правни работи во Агенцијата за електронски комуникации.

– Обуката е исклучително корисна, а правните лица кои се соочени со оваа материја во практиката. –  Билјана Николова, правен застапник во АД „Макпетрол“.

– Обуката, со оглед дека има нов закон, е премногу корисна. Доаѓам од Царинската управа и сметам дека на обуки од овој тип треба да има што повеќе учесници од органите на управата. Факт е дека не може секој да го примени сѐ она што се предочува,  но ете, ние, од Царинската управа, се трудиме тука да бидат најбитните луѓе, соодветно на обуката, кои што можат понатаму да  го имплементираат правилно законот во практиката и тоа треба да биде препорака. – Методи Мицевски, началник во Царинска управа на РМ.

 – Јас конкретно работам во орган на управата, Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството, и за нас е многу значајна оваа обука со оглед дека има многу новини во предметното законодавство. Се надевам дека и понатаму ќе се организираат вакви советувања. Какво ќе биде реализирањето на одредбите во практиката ќе покаже времето. – Марија Лекиќ, раководител на Правниот сектор при Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.

– Сум присуствувала и претходно на обуки организирани од Академик и навистина се многу корисни. Предавачите се стручни и директно упатени во материјата која ја презентираат  со примери од практиката што ни се најбитни. – Весна Таневска, Секретар на Шумарскиот факултет – Скопје.

– Овие обуки користат многу во практиката, поготово како што е во случајов кога се работи за нов закон. – Маријана Трифуновска, помошник раководител на сектор при Агенцијата за администрација.

Месецов во организација на Академик ќе се одржат уште две обуки за многу значајни теми и тоа – на 21 септември обуката ќе биде посветена на најдобрите и најлошите практики, искуства и примери од тримесечната примена на измените во Законот за јавни набавки во врска со добивањето на согласности од Советот за јавни набавки, додека на 25 септември ќе се одржи практична обука за примената на измените на Законот за катастар во корелација со други закони. Повеќе информации на следните линкови: