/ Прочитано:

836

Охрид, градот на просветителството – пример за родова рамноправност

Петок, 7 март 2014 – Последните неколку години значително е зголемен бројот на жени кои седат во директорските фотељи во Охрид. За сметка на припадниците на посилниот пол, кои во минатото беа доминантни во менаџерските и раководните структури, охридските жени полека но сигурно докажуваат дека се спремни да управуваат, да раководат и да бидат лидери. Со својата успешност тие ја носат пораката за рамноправност на жената во општеството, која е и суштината на утрешниот празник 8-ми Март, пренесува OhridNews.

Иако во минатото тоа не било случај, денес припадничките на понежниот пол управуваат со низа важни институции и установи како што се Општинското јавно претпријатие ,,Охридски Комуналец”, Охридскиот Завод и музеј, НУ Охридско лето и Заводот за кардиоваскуларни заболувања ,,Свети Стефан”.

Освен во гореспоменатите институции, жени на директорска позиција во Охрид има и во охридското музичко училиште ,,Методи Патче’’, во Работничкиот универзитет ,,Кузман Шапкарев’’, во Центарот за култура ,,Григор Прличев’’ и во Охридската Библиотека.

Исто така, жени раководители има и во Подрачното одделение на Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделието, Подрачното одделение на Државниот архив како и во Подрачното одделение на Катастарот.

Жените директори се побројни и во рамки на охридскиот образовен сектор, односно управуваат со Детската градинка ,,Јасна Ристеска” и со вкупно пет училишта.

Според познавачите на родовата рамноправност, освен во бројноста на раководни позиции, големо придвижување на охридското женско лоби има и во политичките води, така што за прв пат имаме и жена претседател на Советот на Општина Охрид.

Но, сепак мажите остануваат позастапени во советничката структура, па од  вкупно 23  советнички места, на жените им припаѓаат само седум.