Организацијата на работодавачи на Македонија со предлог-политики за унапредување на бизнис-климата
Корупцијата е една од најголемите пречки за македонските компании која доведува до зголемени трошоци за работење на фирмите и честопати може да ги загрози нивната конкурентност и опстанокот на пазарот. Истражувањата покажуваат дека за да води бизнис во Македонија, една фирма во просек плаќа поткуп од 56.178 денари годишно. Плаќањето поткуп е непосакувано за компаниите и 40,75% од нив не би плаќале поткуп, доколку би имале друг начин за решавање на проблемот. Мнозинството компании не ги пријавуваат случаите на корупција бидејќи сметаат дека нема да променат ништо или пак се плашат од негативни последици за нивниот бизнис.
Во пет предлог-мерки што ги подготви Организацијата на работодавачи на Македонија се содржани повеќе од 70 проекти чија примарна цел е подобрување на бизнис-климата во земјава. Петте документи се дел од проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“, кој го спроведува Меѓународната организација на трудот и во нив се потенцирани клучните препораки за унапредување на бизнис-климата, за чиј развој најголемо влијание имаат: владеењето на правото и елиминирање на митото и корупцијата, квалитетна регулатива во чие изготвување активно ќе учествува и бизнис-заедницата, елиминирање на нелојалната конкуренција и изедначување на условите за работење на компаниите, зголемување на можностите за пристап до финансиски услуги и еднаков третман на домашните претприемачи и странските инвеститори.
Една од предлог-политиките, која денеска беше презентирана од страна на Организацијата на работодавачите, е „Владеење на правото и обезбедени права на сопственост“.
„Нееднаквата и неефикасна примена на регулативата доведува до правна несигурност кај претпријатијата и ги зголемува трошоците на нивното работење, со што ги доведува во нееднаква положба на пазарот. Во однос на решавањето на споровите, неефикасноста и селективноста на судскиот систем во Македонија ги забавуваат судските процеси, а истовремено ги зголемуваат трошоците на компаниите за решавање на споровите. Македонските фирми сметаат дека им се заштитени правата на сопственост, но повеќето мислат дека третманот не е еднаков за сите претпријатија во земјава. Корупцијата е една од најголемите пречки за македонските компании која доведува до зголемени трошоци за работење на фирмите и честопати може да ги загрози нивната конкурентност и опстанокот на пазарот. Истражувањата покажуваат дека за да води бизнис во Македонија, една фирма во просек плаќа поткуп од 56.178 денари годишно. Плаќањето поткуп е непосакувано за компаниите и 40,75% од нив не би плаќале поткуп, доколку би имале друг начин за решавање на проблемот. Мнозинството компании не ги пријавуваат случаите на корупција бидејќи сметаат дека нема да променат ништо или пак се плашат од негативни последици за нивниот бизнис. Од овие причини, во согласност со идентификуваните состојби, предлог-политиките за унапредување на владеењето на правото и правото на сопственост се насочени кон системски решенија кои ќе овозможат зголемено ниво на транспарентност, отчетност, еднаков третман кон фирмите на пазарот и системски ќе ги превенираат можностите за коруптивно дејствување“, истакнаа од Организацијата на работодавачи.
Постигнувањето квалитетна правна и регулативна средина е една од клучните задачи на владите на секоја држава за да се постигне поволна бизнис-клима. Соодветна правна рамка е неопходна за да се овозможи функционална пазарна економија, непречен развој на претпријатијата, како и корекција на пазарните аномалии. Ова, според претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, е од особена важност за малите и средните претпријатија кои често немаат доволно ресурси за да ги следат измените на регулативата, соодветно да ја толкуваат и секако, да ја спроведуваат.
„Иако во изминативе години Македонија направи извесен напредок во овој домен, квалитетот на законската регулатива сѐ уште е на ниско ниво и остава простор за понатамошно унапредување. Од анализата што ја спроведовме, голем дел од фирмите најчесто се жалат на честите законски измени.
Во Македонија не значи дека само со донесување на закони ќе ја подобриме бизнис- климата, туку таа може да се унапреди само со подобра имплементација на законските решенија. Не сите закони во Македонија се лоши. Некои од нив се навистина квалитетни, како што е на пример Законот за безбедност и заштита при работа. Ова е добар закон, но не ги дава ефектите. Во оваа насока, во согласност со идентификуваните предизвици, предлагаме: изготвување и донесување на нов Закон за работни односи, унапредување на соработката работник – работодавач, како и унапредување на примената на легислативата и на инспекцискиот надзор“, истакна Димитров.
На формулирањето на овие мерки и предлог-политики е работено подолг временски период, посочи Димитров, нагласувајќи дека овие предлог-политики ќе бидат основа за идното дејствување и дијалог со социјалните партнери што ќе го иницира Организацијата на работодавачи на Македонија заради унапредување на бизнис-климата во земјата и зголемување на конкурентската способност на домашните компании.
А. Б.