/ Прочитано:

1.675

ОСНОВЕН СУД КАВАДАРЦИ: 11 месеци затвор за надрилекарката Каревска

Вторник, 5 ноември 2013Основниот суд во Кавадарци ја осуди на 11 месеци казна затвор и парична казна од 250 евра надрилекарката од Кавадарци, Љубица Каревска, јави Канал 5. 

Каревска е прогласена за виновна за трите кривични дела за кои беше обвинета: фалсификување на исправа, измама и надрилекарство.

Адвокатот на Каревска, Оливер Ристевски, вели дека одбрната вчера ја добила пресудата на судот во Кавадарци. Ристевски најави жалба поради, како што вели,  погрешна примена на материјално право и висината на казната што судот ја изрекол .

Пред седум месеци се обелодени аферата дека во Здравствениот дом во Кавадарци работи лекарка со фалсификувана диплома на Медицинскиот факултет и лажна лиценца на Лекарската комора на Македонија.

Тогаш Каревска беше експресно отстранета од работното место. Следеше истрага која покажа дека дваесет и седум годишната девојка неколку месеци работела во службата на Итната помош.