/Прочитано:

408

Осуди за инцидентот во КПУ Затвор Скопје

Министерството за правда објави соопштение во врска со инцидентот во КПУ Затвор – Скопје каде беа нападнати поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески.

„Министерството за правда на Република Северна Македонија најостро го осудува вербалниот, а потоа и физичкиот инцидент во КПУ Затвор – Скопје, и очекува санкционирање на сторителите на насилство, но, и на сите оние кои не презеле мерки за спречување на вакви ситуации. Воедно, бараме и очекуваме сите надлежни институции да одговорат на највисоко професионално ниво во расветлувањето на денешниот настан“, се вели во соопштението на Министерството за правда.

Министерката за правда, Рената Дескоска вели дека е згрозена од инцидентот во КПУ Затвор – Скопје. Насилството не е и не смее да биде начин на комуникација никаде, ниту во затворите.

„Побарав целосно информирање од управата на КПУ Затвор – Скопје, но и очекувам сите надлежни институции професионално и одговорно да го расветлат случајот, а потоа и да покренат постапки за санкционирање на сторителите на насилство, но, и на сите оние кои не презеле мерки за спречување на вакви ситуации“, истакнува Дескоска.

Во врска со инцидентот од КПУ Затвор – Скопје соопштија дека затворот ги презема сите активности извршителите да бидат санкционирани, дека ќе се истражува дали има пропусти кај затворската полиција и дека ќе се преземат сите предвидени мерки за безбедност.

Денеска во јавноста се огласија и сопругите на Јанакиески и Ристовски кои се сериозно загрижени за нивната безбедност во КПУ Затвор – Скопје. Тие ги повикаа надлежните институции да ги заштитат нивните  животи.

Професорката Мирјана Најчевска вели дека за вакво нешто се прави сериозна истрага и дека треба да има и поднесување на оставки. Тоа, нагласува Најчевска,  се вика одговорност, се друго е поддршка на неправото.

Кривичниот суд вчера на барање на Јавното обвинителство определи мерка притвор за Ристовски и Јанакиески. Истражната постапка е против пет лица за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело – Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, предвидено и казниво по членот 313 од Кривичниот законик.

Кривичниот суд за определувањето мерка притвор за Ристовски и Јанакиески

ЈОРМ: Под истрага организаторите на настаните во Собранието

М.В