/ Прочитано:

886

Отпечаток од сите прсти за подолг престој во Шенген зоната

Среда, 24 септември 2014 – На македонските граѓани кои ќе бараат престој во земјите од Шенген зоната подолг од 90 дена, од утре ќе им биде земен отпечаток на прстите од двете раце и дигитална фотографија.

Како што соопштуваат од ЕУ, оваа процедура дека е дел од модерниот визен информативен систем со кој се подобрува безбедноста на граѓаните и претставува чекор напред во борбата против прекуграничниот криминал, а граѓаните на овој начин ќе се заштитуваат од крадци на идентитети и фалсификување на патните исправи.

Македонските граѓани кои ќе бараат престој во некоја од земјите – членки на Европската унија подолг од 90 дена, освен редовните формулари, од утре ќе треба да остават и биометриски податоци – отпечатоци од прстите.

Оние граѓани кои веќе престојуваат во земјите на ЕУ со виза за подолг престој, како студенти, вработени и слично, нема потреба да се враќаат за да ги задоволат овие барања по стапувањето на оваа регулатива на сила, но, при обновувањето на визата, и тие ќе треба да остават отпечатоци.

Освен за граѓаните на Република Македонија, од четврток оваа регулатива ќе се применува и кај патниците кои доаѓаат од  Турција, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија.

Со ваквите правила веќе се опфатени земјите од Северна Африка, Блискиот Исток, Персискиот Залив, Западна и Централна Африка, Јужна и Централна Америка, Централна и Источна Азија, Карибите и Австралија.