Отворена бесплатна линија за пријавување корупција во Министерството за одбрана и АРМ
Петок, 1 февруари 2013 – Граѓаните од денеска на бесплатната анонимна телефонска линија 0800-50030 ќе можат да пријават секаква појава на мито и корупција во рамките на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија.
Освен на споменатата телефонска линија, граѓаните пријава можат да поднесат на веб-страницата на Министерството, www.morm.gov.mk (анонимно, преку пополнување електронски формулар) или, пак, преку е-пошта на:prijavikorupcija@morm.gov.mk.
Како што соопштуваат од Министерството за одбрана, станува збор за реализација на проектот „Пријави корупција“, чија цел е навремено и целосно исклучување на можноста од појава на корупција и спречување на ризиците од оваа несакана појава во институциите кои уживаат најголема доверба во Република Македонија.
– Процесите за интеграција на Република Македонија во евроатлантските структури и бескомпромисната борба против корупцијата се едни од најважните стратешки цели на Програмата за работа на Владата на Република Македонија за периодот 2011-2015 година, стои во соопштението од Министерството за одбрана.