/ Прочитано:

4.963

„ОВЛАСТЕНИТЕ ЗДРУЖЕНИЈА И АДВОКАТОТ МНОГУ МИ ПОМОГНАА“ – Жртвите на семејно насилство да се охрабрат и да побараат бесплатна правна помош

Најчести баратели на бесплатна правна помош се невработени и материјално необезбедени лица кои живеат во лоши услови и на кои правната помош во остварувањето на правата им е повеќе од потребна. Бесплатна правна помош бараат и жртвите на семејно насилство, беше истакнато на денешниот настан во организација на Проектот за унапредување и промовирање на правото на бесплатна правна помош „Пристап до правда во Македонија“, финансиран од страна на Европската Унија и спроведуван од Фондацијата Отворено општество Македонија, заедно со партнерите Национален ромски центар од Куманово, ЕХО Едукативно-хуманитарна организација од Штип, Младински центар Битола, Избор од Струмица и Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија.

Во изминатите години, откако проектот започна да се имплементира, повеќе од 1000 граѓани се обратиле кај овластените здруженија и побарале бесплатно правно советување. Баратели на бесплатна правна помош, беше нагласено на денешниот настан насловен „Правна заштита на жртвите на семејно насилство преку проектот ‘Пристап до правда во Македонија’“, се и жртвите на семејно насилство.

Според податоците, во изминативе 12 месеци, 40 жртви на семејно насилство побарале бесплатен правен совет и информација кај овластените здруженија, а на дел од нив им било потребно судско застапување, со цел заштита на нивните права.

„Жртвите на семејно насилство најчесто се обраќаат до овластените здруженија, каде што правниците ги советуваат и им помагаат при пополнување на барањето за бесплатен адвокат. Ваквото барање се доставува на одобрување до Министерството за правда“, образложи Христина Василевска, координаторка на проектот „Пристап до правда во Македонија“.

Благица Киров, правник во ЕХО Едукативно-хуманитарна организација од Штип, на денешниот настан нагласи дека овластените здруженија за давање на бесплатна правна помош  им помагаат на жртвите на семејно насилство од кои голем дел се и барателки на бесплатна правна помош.

„Она, пак, што е карактеристично за случаите со жртвите што поминуваат низ семејно насилство е што тие се оставени сами на себе да поминуваат низ лавиринтот на институциите. Но, затоа ние, здруженијата, сме тука за да им помогнеме на жртвите“, истакна Киров.

Појаснувајќи ги механизмите за правната заштита, Киров подвлече дека жртвите на семејно насилство покрај тоа што поминуваат низ правните лавиринти на институциите барајќи ја својата заштита, понатаму поминуваат и низ економски и финансиски проблеми, за што им е потребна континуирана поддршка.

Како организација, додаде Киров, им помагаме на жртвите да ги остварат своите права и од тој аспект, особено ако се земе предвид дека голем број од жртвите поминуваат и низ економско насилство, што е особено застапено кај жените жртви на семејно насилство.

На денешниот настан беше истакнато дека бесплатна правна помош граѓаните може да добијат преку овластените здруженија и преку подрачните одделенија на Министерството за правда. Со овој Закон за бесплатна правна помош се уредуваат: правото на бесплатна правна помош, постапката во која се остварува, корисниците, условите и начинот на неговото остварување, давателите на бесплатна правна помош, органите надлежни за одлучување, заштитата на правото на бесплатна правна помош, финансирањето и надзорот над неговото спроведување, организирање на денови на бесплатен правен совет, бесплатна правна помош во прекугранични спорови, како и надзор над примената на одредбите од овој закон.

Целта на законот е еднаков пристап до правдата, но како што беше потенцирано на настанот, во реалниот живот тоа не секогаш е така. И покрај утврдените слабости на постојниот систем на бесплатна правна помош, овластените здруженија, сепак, се посветени на обезбедување правда за сите граѓани.

Во таа насока, излагањата на денешниот настан беа поткрепени и со сведоштво на барателка на бесплатна правна помош која поминала низ семејно насилство. Барателката со помош на овластено здружение добила бесплатен адвокат за утврдување на правото на издршка на малолетно дете во март 2015 година. Благодарение на бесплатниот адвокат кој го добила со помош на овластените здруженија, жената што поминала низ семејно насилство  сега добива издршка од својот татко.

„Успеав да добијам адвокат благодарение на невладините организации. Постојано се консултирам со организациите што многу ми помагаат и многу се посветени во својата работа. Тие ме охрабрија да започнам со правните битки и да се справам со сите нелогичности на кои наидував низ постапките во институциите. Ги охрабрувам жените што поминуваат низ семејно насилство да се охрабрат да побараат бесплатна правна помош“, истакна барателката на бесплатната правна помош која поминала низ семејно насилство.

Како што беше образложено на денешниот настан, овластените здруженија на барателката на бесплатна правна помош ѝ помогнале да оствари повеќе свои права и тоа во однос на кривичната постапка за неплаќање на издршка на малолетно дете, водење постапка за уредување на начинот и динамиката на одржување лични контакти и средби, како и можноста за користење на правни лекови.

На жената барателка на бесплатна правна помош ѝ било помогнато да ги добие информациите за постојана парична помош како самохрана мајка со дете до три години и за обврската за пријавување во Центарот за социјални работи дека ќе биде вклучена во програмата за општокорисна работа и ќе остварува приходи по тој основ, како и информација дека ќе и мирува правото на социјална парична помош во тој период.

Исто така, на жена барателка на бесплатна правна помош организациите ѝ помогнале во врска со остварувањето на правото на надомест на штета што ѝ била причинета нејзе како жртва на кривично дело, а воедно ѝ било помогнато и во поглед на остварувањето на правото да извади патна исправа за малолетно дете, без согласност од другиот родител за тоа.

Проектот „Пристап до правда во Македонија“ ги поддржува овластените здруженија за давање на бесплатна правна помош во согласност со Законот за бесплатна правна помош. Проектот, беше подвлечено на денешниот настан, има за цел да придонесе за подобрување на системот за заштита на човековите права во земјата, преку оценување на задоволството од постојниот систем за бесплатна правна помош од страна на граѓаните и утврдување на слабостите во неговото спроведување, со цел давање препораки за подобрување на системот.

M.В