/ Прочитано:

1.091

Падот на кингерот на Трајковски не бил атентат – детали до крајот на септември

Четврток, 4 септември 2014 – Падот на владиниот кингер во кој загина претседателот Борис Трајковски и неговите соработници не е атентат, туку склоп на грешки и неколку фактори поради кој се случи трагичната несреќа, јави 24 Вести. 

Ова за телевезијата, како што се наведува, го потврдиле претседателот на Комисијата за воздухопловство на Министерството за сообраќај на Босна и Херцеговина, Омер Кулиќ и претседателот на Комисијата за истражување на авионски несреќи во Македонија, Сотир Костов.  И Кулиќ и Костов не сакаат да откриваат детали. Велат дека тоа ќе го сторат кога и конечно ќе го објават целосниот извештај за падот на кингерот.

Кулиќ за агенцијата „Срна“ изјави дека извештајот за авионската несреќа до крајот на септември ќе им го предаде на Обвинителството на БиХ и на локалните власти, како и македонскиот обвинител и македонските власти.

„Точно утврдивме што се случило. Во истрагата беа опфатени сите актери од тој настан, не смеам да кажам кој е одговорен, наша задача е да испитаме како дошло до падот на авионот, тоа ќе му го кажеме на нашиот и на македонскиот обвинител, а нивна одлука е што натаму ќе прават со извештајот, бидејќи тоа се светските стандарди во вакви активности“, рече Кулиќ.

Според него, истражниот тим го лоцирал комплетното случување и ги лоцирал сите учесници во синџирот на случувањата.

Истрагата за падот на „кингерот“ повторно беше отворена на барање на Македонија по прибрање на дополнителни докази на македонското Министерство за внатрешни работи.

Комисијата за испитување на причините за несреќата, која претходно ја формираше Советот на министри на БиХ, заклучи дека причината за падот на авионот била „процедурална грешка на пилотската екипа во фаза на слетување на мостарскиот аеродром, која доведе до тоа авионот да удри во брдо“.

Во првичната истрага, Обвинителството на БиХ за авионската несреќа кај Мостар, во која загина претседателот Трајковски, шест членови на делегацијата и двајца пилоти, не обвини никого, бидејќи немало елемнетарни докази за покренување на кривична одоговорност.

Покрај претседателот Борис Трајковски, во несреќата загинаа и советниците од неговиот кабинет, Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски, Анита Лозановска,  Миле Крстевски, членовите на обезбедувањето Борис  Велинов и Аце Велиновски, како и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.