/ Прочитано:

813

Палестинец организирал група во Македонија за превезување на мигранти од Блискиот и Средниот Исток

Четврток, 6 март 2014 – Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против лицето А.А. (48) палестински државјанин, со признаено право на азил во Република Македонија, поради постоење основано сомнение дека сторил кривично дело организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе и криумчарење миграти и криумчарење мигранти.

Според првичните сознанија, како дел од поголема меѓународна група, осомничениот подолг временски период преземал активности насочени кон организирање криминална група во Македонија за прифаќање и превезување мигранти со потекло од Блискиот и Средниот Исток.

Како што денеска соопшти МВР, на 26. минатиот месец, по претходен договор со непознати лица од Грција и непознато лице од Куманово, организирал прифаќање и транспорт на шест лица – еритрејски државјани, кои од Грција илегално влегле во Република Македонија, а тие требало да се транспортираат од подрачјето на Гевгелија до кумановскиот регион. За таа цел телефонски ги ангажирал лицата Б.Г. (41) и Е.А. (44) двајцата од Скопје, кои во организација и добиени инструкции од страна на пријавениот, ги прифатиле мигрантите на подрачјето на Гевгелија и требало да ги транспортираат до кумановскиот регион.

Во Гевгелија на Б.Г. и Е.А. им се приклучил и А.А. со друго возило, по што се упатиле заедно кон Куманово, при што од страна полициска патрола, во близина на Демир Капија, Б.Г. и Е.А. биле запрени и истите  биле приведени во Полициската станица во Неготино.

Од Регионалниот центар за гранични работи „Југ“ до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција е поднесена кривична пријава против лицата Б.Г. и Е.А., за кривично дело „криумчарење мигранти“.

По преземени дополнителни мерки и активности, од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, идентификувано е лицето А.А., по што завчера тој е приведен и против него е поднесена соодветна кривична пријава.