/ Прочитано:

3.679

ПАТНИ ТРОШОЦИ ИЛИ ЛИЧНИ ПРИМАЊА НА ПРАТЕНИЦИТЕ – Славко Лазовски, експерт за даночни прашања

Во една од најсиромашните земји во Европа се исплатуваат големи износи по основа на патни трошоци. Како ли го прифаќаат тоа нашите соседи што примаат социјална помош од 23 евра месечно или 40 евра, сеедно?

Јас ги молам моите поранешни колеги пратеници што земаат по 1.700 евра  месечно да одат и да им објаснат на тие страдални души и гладни усти по кои закони, донесени од самите нив, остваруваат за себе толкави износи? Нека одат, блиску се до нив, а знаат каде се ромското маало кај црквата во Струмица, Баирот во Битола, Тризла во Прилеп и многу други.

Граѓаните на РМ се огорчени од исплатата на овие големи износи и со право се прашуваат дали е тоа навистина надомест за направените патни трошоци или голем дел од тие износи претставуваат лични примања на пратениците?

Одговор на овие прашање треба да даде УЈП по спроведената контрола кај исплатувачот – Собранието на РМ. На тоа ја обврзуваат и Законот за УЈП и Законот за даночната постапка. Но не само одредбите од овие закони, туку и конкретниот член 11 од Законот за исплата на плати во РМ кој јасно и недвосмислено вели дека УЈП врши контрола на примената за Законот за исплата на плати.

Во РМ, покрај овој закон за исплати на плати, постојат и многу други закони само за платите. Така, покрај Законот за плати, постои Закон за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, па Закон за плати на судиите, па уште еден за членовите на Судскиот совет, па Закон за платите на јавните обвинители и уште еден за платите на Советот на јавните обвинители, а можеби и други „специјални“ закони за „специјални плати“. А господинот министер за финансии спроведуваше еден проект наречен „гилотина“, за намалување на бројот на прописите во нашето законодавство.

Но не е само ова, народе. Уште поголемо изненадување е кога ќе видите дека основниот текст на предметниот закон – Закон за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица е од 1990 година, односно од текст објавен во „Службен лист на СФРЈ“. Менуван е 13 пати, но не за да се подобри и за да биде појасен туку, тука за да се создаде општ хаос во регулирањето на оваа материја.

И во овој хаос е тешко да се подведе под правната терминологија оваа фактичка ситуација  која е во примена, а таа е следната:

 1) патни трошоци,

2) превоз од работа и до работа во висина утврдена со закон,

 3) надоместоци на трошоци за користење на сопствен автомобил за потребите на работодавачот во висина од 30% од цената на литар гориво што го користи автомобилот за секој изминат километар, а најмногу до 3.500 денари месечно, или

4) надоместок на трошоците за превоз на функционерот заради посета на потесното семејство од кое живее одвоено до четирипати месечно, со правдање на трошоците за превоз, ако не прима надомест за одвоен живот од семејството, а нема право на бесплатен превоз.

Меѓутоа, овде нема бирање во смисла што е најповолно за примателот, туку тоа се конкретни одредби за одредена фактичка ситуација. Само на изглед излегува дека под точката 1 можат да се исплатат најголеми износи, но  тоа не е така бидејќи се бара документирање на лесно проверлив начин, а бидејќи пратениците имаат „свој“ закон, тука нема што да се бира.  За нив се применува она што пишува под точката 4. бидејќи така гласи законската одредба што е во примена од 1 јануари 2010 година.

За пратениците не се применува ниту 30% од цената на бензинот, ниту трошоците за превоз до и од работа во висина на најниските реални трошоци, значи не алинејата втора и седма од членот 21 од Општиот колективен договор за јавниот сектор, туку се применува членот 28 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, дадена погоре под точка 4.

И уште едно апсурдно решение. Имено, со Законот за извршување на Буџетот се укинати дневниците во земјата, а кога би се исплатувала дневница за секој ден, тогаш надоместокот за цел месец би бил 365 евра, трипати помалку од исплатеното по 1.700 евра месечно. Така нашиот министер за финансии прави заштеди во Буџетот на РМ!

УЈП мора да ја утврди фактичката состојба: да се разграничи што се надоместоци на трошоци поврзани со работа, а кој дел е лично примање што се оданочува со персоналниот данок на доход. Треба да се обелодени дали е платен персонален данок на исплатите над 3.500 денари (види погоре  под т.3), дали има неправилности сторени од исплатувачот или дали се поднесувале невалидни докази со цел да се остварат незаконски лични примања.

Ова е добар повод за посериозно да се проучи и прецизно да се уреди оваа материја. На колегите пратеници ова нема да им биде тешко бидејќи добро ја познаваат оваа материја.

 За АКАДЕМИК, Славко Лазовски, експерт за даночни прашања

Објавено: 11.02.2015