/ Прочитано:

947

ПЕНЗИОНИРАЊЕТО НА СУДИИТЕ ПРЕД УСТАВЕН: Како и за другите вработени граѓани и за судиите треба да важат нормите од ЗРО

Со членот 73 став 1 алинеја 3 од Законот за судови грубо се повредува правото на работа на судијата бидејќи е дискриминиран во однос на другите вработени граѓани во Република Македонија. Престанокот на судиската функција со навршување на 64 години старост е само престанок на мандатот. Но, истиот е во редовен работен однос и следствено на тоа и за него (судијата), треба да важат истите законски норми, кои што се предвидени во Законот за работните односи (ЗРО), се наведува во Иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 73 став 1 алинеја 3 од Законот за судови поднесена од познатиот правник Стамен Филипов.

Спoред членот  73 став 1 алинеја 3 од Законот за судови на судијата му престанува судиската функција со навршување на 64 години старост. Меѓутоа, вели поднесувачот на Иницијативата Стамен Филипов за Академик, во членот 104 став 2 од Законот за работните односи се определува дека работникот со писмена изјава до работодавачот може да побара да му се продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст (маж), односно до 65 години возраст (жена), доколку со закон поинаку не е утврдено. Во став 2 од истиот член, пак, се утвдрува дека работникот ја дава изјавата  најдоцна до 31 август во тековната година за продолжување на договорот за вработување, а за секое натамошно продолжување на договорот за вработување изјавата ја дава еднаш годишно,  а најдоцна до 31 август во тековната година за продолжување на договорот за вработување за наредната година. Работодавачот, пак, е должен по дадената изјава да го продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст (маж), односно најмногу до 65 години возраст (жена).

„Но, и покрај овие законски измени во работното законодавство на судијата му престанува судиската функција со навршувањето на 64 години старост, поради што основано се поставува прашањето за согласност на оспорената законска одредба со уставно утврденото начело на еднаквост на граѓаните определено во членот 9 на Уставот на Република Македонија“, истакнува Филипов.

Во Иницијативата до Уставниот суд се наведува дека  со оспорената одредба се повредуваат темелните вредности на уставниот поредок на Македонија: основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

„Покрај изнесеното, треба да се има предвид дека судијата за времетраењето на мандатот е во редовен работен однос. Но, со неуставност на оспорениот законски член грубо се повредува правото на работа на судијата бидејќи е дискриминиран  во однос на другите вработени граѓани во Република Македонија. Престанокот на судиската функција со навршување на 64 години старост е само престанок на мандатот. Но, истиот е во редовен работен однос и следствено на тоа и за него (судијата), треба да важат истите законски норми, кои што се предвидени во Законот за работните односи. Затоа што и судиите како граѓани се еднакви со другите вработени луѓе, согласно член 9 став 2 од Уставот. Судијата не е фунционер, туку тој со изборот добива мандат за вршење на судиската функција“, се вели во Иницијативата.

Со Иницијативата воедно се предлага Уставниот суд до донесувањето на конечната одлука врз основа на приоритет и итност да донесе решение за  запирање на извршување на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорената законска одредба бидејќи со нејзиното извршување, како што се наведува, би можеле да настанат тешко отстранливи и ненадоместливи последици и штети.

Експерти: Несомнено дека судиите се доведени во нееднаква положба

Според професорот и поранешен член на Републичкиот судски совет, Осман Кадриу,  постои очигледна колизија на законите и несомнено судиите се доведени во нееднаква положба. Тој особено акцент става на фактот што обвинителската професија, пак, за разлика од судската, ги користи изменетите услови за пензионирање.

„Ова е многу сериозно прашање кое заслужува внимание и од стручната фела. Несомнено дека постои колизија на законите и судиите се доведени во нееднаква положба. За разлика од нив, пак, за обвинителите, кои исто така се чинители во правосудството, ги користат благодетите на Законот за работните односи. Определбата на законските одредби е дискриминаторска, а тоа е лошо и за аворитетот на судството. Законодавецот произведува шареноликост на законите, кои потоа, пак, се оспоруваат пред Уставниот суд. Мора да постои хармонизацијата на законодавството. Во конкретниот случај со сигурност има повреда на уставно утврденото начело на еднаквост на граѓаните определено во членот 9 на Уставот на Република Македонија“, вели Кадриу.

Претседателот на Судскиот совет на РМ, Бранко Ушковски, пак, за Академик вели дека за разлика од Законот за јавно обвинителска служба, во Законот за судовите, но и Законот за судскиот совет децидно е наведено дека на судијата му престанува судиската функција со навршување на 64 години старост и дека тие мора да постапуваат во согласност со овие одредби.  

„Ние мораме да го почитуваме законот. И Законот за судовите, но и Законот за Судскиот совет, за разлика од Законот за јавнообвинителската служба, се децидни дека  на судијата му престанува судиската функција со навршување на 64 години старост. Во однос на уставноста на оваа одредба, не би можел да коментирам, бидејќи тоа не е во наша надлежност“, нагласува  Ушковски.  

Иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 73 став 1 алинеја 3 од Законот за судови е поднесена во јуни годинава и по нејзе е образуван предмет кој е земен во работа, но се уште не се нашла на дневен ред на разгледување. 


E. П. / pavlovskae@akademik.com.mk

Објавено: 6.10.2015