/ Прочитано:

932

По цела деценија од атентатот на Зоран Ѓинѓиќ – се знаат убијците, но не и нарачателите

Вторник, 12 март 2013 – Србија денеска се сеќава на поранешниот премиер Зоран Ѓинѓиќ кој пред точно една деценија беше застрелан со снајпер пред зградата на српската Влада. Државниците, неговите пријатели и семејството му оддадоа почит со положување цвеќе на неговиот вечен дом, а медимите пишуваат на темата зошто и по 10 години се знаат само убијците, но не и нарачателите на атентатот. 

Повеќе од 15 илјади лица денеска во Белград маршираа во чест на поранешниот српски премиер Зоран Ѓинѓиќ, кој беше убиен точно на овој ден во 2003 година од раката на снајперист пред зградата на српската Влада. Атентатот доби завршница со осудителна пресуда за повеќе од десетина националистички паравоени припадници и членови на банди, но и по една деценија медиумите пишуваат на темата зошто се знаат само убијците, но не и нарачателите на убиството.

Судот најде вина за оние што на 12 март 2003 година го повлекоа чкрапалото и кај оние кои ги пречекале и со возило ги одвеле напаѓачите. Меѓу нив се Милорад Улемек Легија, Звездан Јовановиќ и остатокот од групата кои веќе се вдомија во затворот Забела, а во тој затвор крај Пожаревац ќе ја дочекаат и криминалната пензија. Легија се смета за мозок на операцијата за ликвидација на Ѓинѓиќ, а Јовановиќ за снајперистот кој со два куршума го уби Ѓинѓиќ. Судските истражни органи тешко ќе дојдат до вистината бидејќи директните убијци одлучија да молчат за инспираторите. Во меѓувреме, членовите на „Земунскиот клан“ веќе ја одлежуваат затворската казна за организирање и извршување на атентат кои беа осудени на од 30 до 40 години затвор.  

Атентатот се поврзува со побуната на специјалната единица „Црвени беретки“

На атентатот на премиерот му претходеше вооружена побуна во 2001 година на Единицата за специјални операции (ЈСО), во јавноста познати како „Црвени беретки“. Осудените убијци на премиерот се истите лица на кои им се судеше за организирање на побуната. Медиумите, а и институциите побуната ја нарекоа вовед во атентатот, а револтот на најелитната српска единица траеше дури 8 денови, од 9 до 17 ноември 2001 година, и предизвика голема напнатост во целата земја. Според наводите на обвинението, единицата ја откажала послушноста и ги прекинала сите врски со командата. Тогаш припадниците на единицата ја блокирале базата во Кула и го соопштиле своето барање за смена на министерот за внатрешни работи, началникот на Ресорот на државната безбедност и неговиот заменик. Потоа, како што се наведува во обвинението, тие со употреба на борбени возила и вооружување, го блокирале автопатот кај Врбас. Следниот ден тоа го повториле и со блокада на автопатот низ Белград кај „Сава центарот“, одбивајќи истовремено наредби да се вратат во базата.

Причината за побуната, како што тогаш тврдеа командантите на единицата, било апсењето на браќата близнаци Ненад и Предраг Бановиќ, обвинети од Хаг, а „беретките“ барале итно да се донесе Закон за соработка со Трибуналот. Браќата Бановиќ, кои во Србија живееја со лажни документи, уапсени се на пазар во Обреновац и истата вечер се префрлени во притворната единица во Шевенинген. Близнаците во Хаг беа обвинети за воени злосторства направени во логорот „Кератерм“.

Сепак ниту судскиот процес против „Црвените беретки“ не ги откри нарачателите на ликвидацијата на тогашниот српски премиер. Во меѓувреме, првиот командант на единицата Милорад Улемек Легија веќе е на отслужување максимална затворска казна од 40 години, меѓу другото и за убиството на Ѓинѓиќ. Максималната затворска казна ја одлежува и Звездан Јовановиќ Змија, како директен убиец на премиерот Ѓинѓиќ.