/ Прочитано:

6.522

Судење „Биг Фиш“: По втор пат доживотен затвор за Тони Денковски

Вторник, 27 ноември 2012 – По вторпат судот одлучи, доживотен затвор за Тони Денковски за тројното убиство во ресторанот „Биг Фиш“ од пред 2 години. Претходно Врховниот суд му ја укина доживотната казна затвор со проценка дека одлуката била донесена по констатирани суштествени повреди во текот на постапката која се водела против него. Денковски по неколку месечните закани во септември 2010 година со калашников ги уби Јордан Јорданов-`Ркулот, Влатко Андревски и Владо Милошев, во рибниот ресторан „Биг Фиш“ во скопски аеродром. 

Тони Денковски доби идентична пресуда како и минатата година. Останува доживотно во затвор поради тројното убиство што се случи пред 2 години. Судскиот совет со незначителни измени, истата судијка Љубинка Башевска претседаваше со судскиот совет во минатата постапка и сега. Пресудата за Денковски која беше донесена на 4 март минатата година падна на Врховен суд откако беа забележани низа пропусти во текот на судскиот процес.

Повтореното судење помина без измени, на истите изјави остана Валентина, сопругата на Десковски и сведоците на одбраната. Судењето со внимание го следеа синот и ќерката на обвинетиот Денковски, роднини на убиените Јордан Јорданов – Ркулот и Влатко Андреевски и сопругата на Владо Милошев, Лидија.

Сопругата на Денковски во текот на судскиот процес сведочеше дека последните месеци пред убиството, Денковски бил многу нервозен, параноично го проверувал целото семејство каде и за неговите проблеми не сакал да разговара. Истиот исказ го даде и ќерката појаснувајќи го однесувањето на татко и во последните 3 месеци. Според нејзините зборови неговиот страв и параноја направиле неподносливи услови за живеење на целото семејство.

На 3 септември 2010 година, Денковски влегол во ресторанот  „Биг Фиш“ во ТЦ „Три бисери“ каде седеле убиените заедно со уште една девојка на маса. Денковски во рацете имал вреќа, од неа извадил калашников и почнал да пука. Во крвавиот инцидент жива останала само девојката што седела со нив. Најпрвин полицијата информираше дека целта на Денковски му бил велешанецот Јордан Јорданов – Ркулот кој беше дел од Франкфуртската мафија и продаваше дрога во западна Европа. Влатко Андреевски исто така велешанец и обвинети во Франкфуртската мафија, и Владо Милошев, роднина на обезбедувањето на премиерот Дејан Митровски – Урко наводно случајно се нашле на масата. Сепак, во судскиот процес, Денковски тврдеше дека посегањето по огнено оружје дошло поради заканите по неговото семејство и малтретирањето кое што го трпел со месеци од сите тројца, заради долговите кои ги имал кон нив.