/ Прочитано:

1.715

ПОБЕДНИЧКИОТ ГОВОР НА ЗЛАТКО ЈАКИМОВСКИ НА ОРАТОРСКАТА ВЕЧЕР „ИВО ПУХАН“ 2013: Иселување на младите од Македонија

Социјализмот ни дојде со доброволна работа. Си замина со принуден одмор. Во социјализмот немавме слобода. Сега имаме и многумина ја искористија. Слободно си заминаа од Македонија. Според податоците на Светската банка, 450 илјади луѓе се иселени од Македонија. Една третина од нив се високообразовани млади луѓе: инженери, лекари, правници, економисти. Фатиле штрафта! Можеби веќе не работат на струката. Некои од нив се садоперачи, одржувачи на јавни тоалети, градинари. Ретките среќници станаа бродски келнери и готвачи. Служат пензионирани богати старци, кои го крстосуваат Атлантикот. Добро е што немаат пранги, па може да се спасат, ако не дај Боже ги снајде судбината на Титаник. Македонска работна сила, во која се вложувало со децении, сега е свеж човечки капитал на Германија, Швајцарија, Канада, Нов Зеланд, Австралија. Како што тргнало, и првите работници на Марс ќе бидат, исто така, Македонци. И бумеранг да фрлите одовде, сигурен сум дека нема да се врати. За Македонците важи правилото: заминав, видов, останав.

Зошто Македонците заминуваат од Македонија? Не дека платите се ниски — тие се супер, само месецот има многу денови. А, вие, интелектуалци, професори, студенти — каде е вашата моќ на ураниум? Ни петарди веќе не сте! Ви ставиле фластери на устите, молчите, удобно ви е што сега ќе бранувате. Баш ви е гајле што цели градови и села се избришани од географската карта, а нивните жители сега се странски државјани. Колкумина од вас навистина бараат работа, а колкумина веднаш креваат бело знаме? Зоран Ѓинѓиќ кажа: „За мене патриотизам е моите деца да останат да живеат во мојата земја, да не одат во белиот свет во потрага по парче леб.“ При невработеност од 30 отсто и при епидемија на непотизам, најлесно би ми било да заминам од тука. Кукавиците први бегаат. Песимистички расположени ја одбираат најмрачната прогноза. А животот умира таму каде што борбата престанува. Јас стојам тука пред вас, затоа што одбивам таму во странство да бидам евтина работна сила од прва класа, а граѓанин од втор ред. Сакам да живеам и да работам во својата земја! Мораме да веруваме во себе, да ги разликуваме вистината и лагата, честа и криминалот. Ако неквалитетните добиваат работа, а квалитетните се невработени, да го промениме тоа! Вредно и упорно, со нашите одлуки, да се бориме за резултатите од својот труд. Сите заедно да ја направиме Македонија земја во која соништата се остваруваат. Секогаш има решение. Вие сте на потег!