/ Прочитано:

872

Почина Брус Рејнолдс – организатор на најпознатиот грабеж во британската историја

Петок, 1 март 2013 –  Почина „мозокот“ на најголемиот грабеж во британската историја Брус Рејнолдс, кој во 1963 година успеа да украде 2,6 милиони фунти од поштенски воз кој влезе  од Глазгов во Лондон. Денешната вредност на овие пари е проценета на 40 милиони фунти, а потегот на крадецот го вивна меѓу легендите и остана запамeтен како  „Големиот грабеж на воз“. 

Пред половина век, Брус Рејнолдс (81)  членувал во банда која не одбирала начин како да стигнат до пари. Рејнолдс важи за „мозок“ на „Големиот грабеж на воз“ кој во британската историја стои како најголем грабеж што и се случил на земјата во тоа време. Грабежот се случи на 8 Август 1963 година на железничкиот мост во Бакингхемшир. Рејнолдс и неговите 16 соработници направиле заседа и го ограбиле поштенскиот воз, кој превезувал 2,6 милиони фунти.

Крадците ги оштетиле сигналните уреди и го натерале возот да застане на една напуштена железнчка станица, па откако лесно ги совладале поштенските службеници и придружбата, ги зеле парите. Најголемиот дел од крадците набргу биле фатени. Сите биле осудени на временски казни од по 30 години. Најпознат меѓу нив, сепак е Рони Бигз кој избегал од затворот во Лондон, преку Париз во Австралија, а оттаму во Бразил, каде останал повеќе од 20 години, се додека самиот не одлучи да се врати во Велика Британија во 2001 година предавајќи се на британските власти кој го осудија на 8 години затвор. 

Освен по грабежот Рејнолдс е познат и како автор на една од најреспектабилните криминални автобиографии. Неговата книга „Автобиграфијата на еден крадец“ се уште важи за една од најдобрите во британската литература.

Веста за смртта на овој познат криминалец ја соопшти неговиот син Ник Рејнолдс, лидер на џез бендот „Алабама 3“, во кој повремено настапувал и неговиот татко. Рејнолдс не успеа да ја дочека 50 годишнината од најспектакуларниот грабеж што некогаш се случил во Велика Британија. 

По грабежот тој заедно со сопругата Анџела и неговиот син избегали во Мексико и живееле екстравагантно со парите од поштенскиот воз. Оттаму заминуваат за Канада каде го менуваат идентитетот и се обидуваат да живеат нормално барајќи работа. Во своите мемоари раскажува за тешкотиите кои ги преживувале постојано менувајќи го идентитетот и обидувајќи се во новата средина да молчат за својата тајна. По 5 години е пронајден и уапсен од британските власти, кој судот во Лондон го осудува на 25 години затвор. Но по 10 години, во 1978 година за чудо е помилуван и пуштен на слобода. Од затворската ќелија влегува во уште поголем пекол, разведен и банкротиран му останува само слободата. За среќа пријателите му излегуваат во пресрет, па полека застанува на нозе. Почнува да пишува мемоари и повремено да се занимава со новинарство. Меѓу неговите најголеми авторски дела е  „Автобиографијата на крадецот“ каде пишува за операцијата што ја извел при ограбувањето на поштенскиот воз.

Според неговата автобиографија се снимани повеќе серии и филмови.