/ Прочитано:

3.414

„Подготвуваме арбитражна судница. Времето на арбитражата допрва доаѓа“ – велат од Постојаниот избран суд ­Арбитража

И покрај предностите што ги нуди, во Македонија сè уште е мал бројот на споровите кои се решаваат пред Постојаниот избран суд Арбитража при Стопанската комора на Македонија. Минатата година имало 10 спорови кои се решавале по пат на арбитража. Од нив, решени се осум, додека два се во процедура. За споредба, во Романија има околу 1 600 спорови годишно, што значи дека половина од постапките се решаваат по пат на арбитра, додека другата половина пред суд.

slika

Од Постојаниот избран суд ­Арбитража при Стопанската комора на Македонија велат дека за афирмација на арбитражата, преку која најчесто се решаваат  трговски и облигациони спорови, клучни се едукацијата и промоцијата, а во насока на зајакнување на деловната свест за предностите кои ги носи арбитражата.

Како алтернативен начин на судење, истакнуваат од Постојаниот избран суд –Арбитража, арбитражата е професионална и независна. Поаѓајќи од тие начела, голема корист од арбитражата имаат компаниите и стопанствениците.  Арбитражата за компаниите значи поголема сигурност во работењето, но и доверба во законите. ­

Судството е преоптоварено

„Судството е преоптоварено и нивото на неговото работење не е задоволително за стопанството. За разлика од ваквото процесирање на предметите, арбитражата нуди брзи, ефикасни постапки, во кои двете страни постојано се во тек со процедурата која завршува за максимум шест до девет месеци со финално решение за кое не постои право на жалба. Треба да се нагласи дека нема инстанција над арбитражата и, во таа смисла, арбитражната пресуда е последна и мора да се примени и е извршна. Во последните 30 години, откога постои арбитражата кај нас, решени се повеќе од 150 предмети. Притоа, нема приговори во однос на начинот на решавањето, а многу малку се и приговорите во однос на формата. Постојаниот избран суд има капацитет годишно да решава околу 10 отсто од вкупниот број случаи во судството“, вели Горан Рафајловски, претседател на Постојаниот избран суд ­Арбитража при Стопанската комора на Македонија.

Во подготовка е и арбитражна судница

Од Постојаниот избран суд Арбитража најавуваат дека во подготовка е и арбитражна судница која ќе биде целосно опремена и ќе функционира според сите стандарди. Во наредните пет години, велат од  Постојаниот избран суд Арбитража, очекуваме да дојдеме до решавање на 70 случаи годишно.

Надлежност

Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија e постојана арбитражна институција основана во согласност со Законот за стопанските комори и Статутот на Стопанската комора на Македонија.

Арбитражата при Стопанската комора на Македонија е надлежна за решавање спорови за права со кои странките можат слободно да располагаат и за кои со закон не е пропишана исклучива надлежност на судовите на Република Македонија, доколку странките ја договорат нејзината надлежност.

Како институција надлежна за арбитражно решавање на домашни спорови и на спорови со меѓународен елемент, Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија функционира од 1993 година.

Договарањето на надлежноста на арбитражата се врши со писмен договор, кој може да биде во вид на арбитражна клаузула предвидена во основниот договор или во вид на посебен договор со кој на недвосмислен начин се утврдува дека надлежност за решавање на одреден спор ќе има Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија, во согласност со утврдените правила на постапката.

Клаузула која се препорачува

За договарање на надлежноста на арбитражата за решавање на евентуалните спорови меѓу деловните партнери се препорачува во договорите да се внесува следнава клаузула:

„Сите спорови кои ќе произлезат од овој договор или во врска со него, вклучувајќи ги споровите за неговата полноважност, ќе се решаваат пред Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија, во согласност со одредбите на Правилникот на Постојаниот избран суд – Арбитража“.

Покрај тоа, договорните страни во арбитражната клаузула можат да го договорат составот на арбитражниот суд (арбитер поединец или арбитражен совет од тројца арбитри), јазикот или местото на арбитражата.

Предности на Арбитражата

Многубројни се причините поради кои  треба да се договара надлежноста на арбитражата, велат од Постојаниот избран суд ­Арбитража при Стопанската комора на Македонија.  Некои од причините се следни:

  • непристрасност во одлучувањето – со изборот на арбитер странките можат да го сведат ризикот на пристрасност во одлучувањето на најмала можна мера;
  • стручност– арбитрите кои учествуваат во решавањето на споровите се познати и признати експерти во својата област и за својата независност и непристрасност во постапката се должни да дадат писмена изјава;
  • степени на одлучување– во арбитражната постапка за предметот на спорот се одлучува во еден степен;
  • брзина на постапката– вообичаено траење на арбитражната постапка е 6-9 месеци.
  • кратки рокови– роковите што ги одредува арбитражниот суд за поднесување на поднесоците не би требало да се подолги од 30 дена;
  • доверливост– арбитражните рочишта се затворени за јавноста. Целата документација во врска со арбитражната постапка се смета за доверлива, а донесената пресуда може да се објави само со согласност на странките;
  • правосилност и извршност на арбитражната одлука– арбитражната пресуда е конечна и ги обврзува странките. Арбитражната пресуда е правосилна и извршна. Странките се обврзуваат пресудата да ја извршат без одлагање, но доколку не се исполни доброволно, може да се изврши по пат на присилно извршување.

M.В