/ Прочитано:

951

Поднесени кривични пријави против десет лекари од Струмица

Петок, 8 март 2013СВР Струмица поднесе кривични пријави против десетина лекари по општа медицина за кои постои сомнение дека издале 80 фалсификувани уверенија наменети за вадење на бугарско државјанство. Според првичните сознанија, осомничените лекари за едно уверение земале од 300 до 3000 денари.  

Лекарите се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување, фалсификување службена исправа, издавање и употреба на невистинито лекарско или ветеринарно уверение и примање награда за противзаконито влијание. Според СВР Струмица лекарите работеле спротивно на Законот за евиденции во областа на здравството, во период од почетокот на 2010 до 2012 година. За две години наводно издале 80 фалсификувани лекарски уверенија.

Некои од уверенијата биле бланко пополнети без впишано име и презиме и со дата, без притоа да бидат евидентирани во амбулантските дневници за извршени прегледи и издадени уверенија. Осомничените лекари за услугата од заинтересираните странки наплатувале паричен износ од 300 до 3.000 денари за едно лекарско уверение. Откако клиентите ќе ги добиеле лажните лекарски уверенија, документите ги употребувале во постапки за добивање бугарско државјанство.