Поднесено обвинение за бесправно градење во Центар
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно физичко и едно правно лице, кои се товарат дека сториле кривично дело – Бесправно градење од член 244 – а од Кривичниот законик.
Обвинетиот, како одговорно лице – управител во правното лице, почнувајќи од 2018 година, без правосилно одобрение за градење издадено од надлежен орган, во име и за сметка на правното лице како инвеститор градел деловен објект на сопствено земјиште на улицата „Даме Груев“, општина Центар.
За предметните две катастарски парцели, обвинетиот во 2016-та година добил Одобрение за градење, кое се однесува на доградба и надградба на тогаш постоечкиот објект Стоковна куќа Беко Скопје со ширина од 28,5 м и должина од 42,5 м. Со стручно мислење за неисполнување на карактеристиките за носивост на доградбата и надградбата, во 2018 година тој обезбедил Одобрение од Општина Центар за отстранување на постоечкиот деловен објект. Откако го урнал објектот, без да добие ново одобрение за градење, на лице место започнал и градел нов објект со димензии од 61 м х 34,5 м. Од градбата со нови димензии, која била проектирана како – Деловен објект со намена Б-5 хотелски комплекси од 2-ра категорија на градби, без соодветно одобрение биле изградени две подземни нивоа.