/ Прочитано:

2.002

Покрај насмевката и скромноста, убавиот збор пренесен од човек на човек е најважна за името на адвокатот – Живко Кочев, адвокат од Гевгелија

Вели дека за младите адвокати во Македонија тежок е патот до успехот, особено за адвокатите од помалите места низ земјата. Според него, најважно е адвокатот да има насмевка на лицето, да биде срдечен и  со добри намери кон клиентот што е одраз на искреност во работата. „Убавиот збор пренесен од човек на човек е најважната работа за да се чуе името на адвокатот, се друго е помалку важно“, со насмевка на лицето, младиот гевгелиски адвокат Живко Кочев за Академик открива низ какви премрежија поминува гевгелиската адвокатура.

Адвокатската реалност не е „како од американски филмови“

„Немам родители кои се адвокати, не потекнувам од адвокатско семејство и сам ја отворив канцеларијата, па решив и сам да го пробивам патот, па здравје, ако тргне работата повеќе понатаму, моите поколенија доколку сакаат би ја наследиле. Така е во животот, една генерација секогаш е прва“, вели Кочев за почетоците на својата адвокатска канцеларија и кариера, во која работи граѓански, управни, кривични и работни спорови.

Според него, реалноста е сосема поинаква од оној, како што вели, филмски сјај на професијата што може да се погледне на американските филмови.

„Се соочуваме со многу проблеми. Многумина адвокатурата ја поврзуваат со екстра приходи, но не е така. Еве, јас како адвокат од помало место, могу добро го знам и чувствувам тоа. На времето почнав како приправник во гевгелискиот суд, но си реков, подобро да почнам нешто свое, да пробам. Не згрешив, но се соочив со реалноста, која знае да биде и непријатна во одредени ситуации. Сепак само со упорност и жртва може да се надмине тоа“, посочува Кочев.

Тој вели дека во своето неколкугодишно работење како адвокат во Гевгелија детектирал многу проблеми, за кои е општо согласна гевгелиската адвокатска заедница.

Нелогично одземената општа надлежност на гевгелискиот Суд – мака за гевгелиските адвокати

„Како израз да, но не би можел да го употребам зборот заедница во смисла на солидарноста, затоа што не сме организирани на локално ниво и не постои соработка. Можеби со посолидарен пристап би имале резултати за подобрување на состојбата во гевгелиската адвокатура, на пример случајот со нелогично одземената надлежност на гевгелискиот Суд“, открива Кочев, додавајќи дека и соработката со Адвокатската Комора е на слабо ниво.

Во тој контекст, Кочев вели дека најголем проблем на гевгелиските адвокати е тоа што мора да патуваат во Велес, односно во тамошниот суд, затоа што, откако му се одземала општата надлежност на гевгелискиот Суд, мора да се поминуваат километри кои се поврзани со патни трошоци, изгубено време, но и со тоа што канцеларијата останува без никого со часови.

„И не е само тоа. Еве за мене како релативно млад во оваа дејност ме мачат и други трошоци. Плаќаме адвокатски чланарини, трошоци за нафта, кирија, вода, книговодство и згора на се персоналниот данок на УЈП кој ни пресметува со некоја хипотетичка проценка  и по некоја небулозна методологија. Се согласувам дека овие трошоци за адвокатурата мора да се земат во предвид кога се основа адвокатска канцеларија, но илустрирам дека трнлив е патот на младиот адвокат на почетокот“, емотивно изјавува Кочев.

Покрај насмевката, убавиот збор пренесен од човек на човек е најважна за името на адвокатот

Ваквите проблеми, Кочев ги смета за институционален хендикеп и очекувана потешкотија, но сепак и лична мотивација за да се подобрат состојбите.

„Не се предавам. Напротив, дополнително сум мотивиран. Се одлучив за оваа работа за да работам и правам се за да се пробијам. Треба да се биде насмеан и да  се остави чист образ и лице. Да се биде љубезен и да не се биде негативен. И кога е тешко адвокатот мора да внесе позитивен тон. Само со насмевка кон клиентот, судијата, колегата, службеникот во банка, со катастарските и државните службеници може да се постигне добар, човечки впечаток кај другите. А, добриот впечаток носи и клиенти, па нив ќе им го докажеш тоа со чесноста и посветеноста. Потоа тие со убав збор ќе те пофалат, а најважно е да се говори убаво за еден адвокат, тоа е најбитно за да се чуе неговото име, а и клиентите тоа најмногу интересира“, ги потенцира Кочев човечките вредности кои треба да ги поседува секој адвокат.

Вербата во вистината – адвокатски идеолошки ориентир

За крупните измени во кривичното и граѓаноското законодавство Кочев смета дека има и позитивни и негативни аспекти. Според него, времето и праксата најдобро ќе покаже како тие ќе профункционираат.

„Ќе треба да помине време. Како и да е, во правото е најважна вистината, треба да се стремиме кон неа затоа што таа секогаш испливува на површина“, вели младиот адвокат, кој додава дека клиентите секогаш се заинтересирани за вистината, која покрај процедуралниот аспект, на правото му дава нишка на неопходната етичност која не се постигнува со законски реформи туку со јакнење на свеста.

„На адвокатот останува дали вистината ќе ја каже веднаш или подоцна. Таа сепак доаѓа, можеби некогаш задоцнето, но доаѓа, како и правдата. Јас сум тип на човек и адвокат што верува во вистината“, акцентира Кочев.

Судиите да се научат да ги слушаат адвокатите

Во таа насока, тој упатува критика за непочитувањето на законите и дека фелата на судиите и адвокатите се најповикани за тоа.

„Мора да се почитуваат законите. Мора да се почитуваат роковите. И секако, да се почитува достоинството на адвокатите, а судиите да се научат да ги слушаат адвокатите. Се додека судиите не се научат да ги слушаат адвокатите не може да се збори за реформи во правосудството“, дециден е Кочев.

Вели дека ако веќе се анализира и реформира правосудниот систем, тогаш треба реформите да се движат во рамки на сите градови, затоа што не е системот изолиран на едно подрачје.

„Да резимираме со гевгелискиот пример. Неопходно за почетокот е поголема соработка со Адвокатската комора, солидаризирање на адвокатската заедница и проширување на надлежноста на гевгелискиот суд. Не е правосудството сегментирано, правосудството е и тука во Гевгелија, а во овој град за оваа професија, во вака помало место, треба да се вложи дупло повеќе напор од страна на адвокатот“, резимира адвокатот Живко Кочев, кој останувајќи во добро расположение додава дека останува доследен на својата професија, онака како што тој умее – со насмевка и борба во животот и професијата.


Разговараше: Милчо Велјаноски / veljanoskim@akademik.mk

Објавено: 17. о3.2014