/ Прочитано:

1.315

ОБВИНЕНИЕ ЗА УБИСТВО СО УМИСЛА НА АНГЕЛ ОД ЃОРЧЕ: Одбраната останува на ставот дека е самоодбрана

Среда, 12 ноември 2014 – Скопското Јавно обвинителство покрена обвинение против 19-годишниот Насер Е. – осомничениот за убиството на матурантот Ангел Петковски од населбата Ѓорче Петров. Тој се гони за кривичните дела – тешка кражба и убиство со умисла. Јавниот обвинителот до надлежниот суд предложил и продолжување на мерката Притвор.

„Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје ја заврши во целина истрагата за убиството на матурантот во населбата Ѓорче Петров. Врз основа на утврдените факти и докази во предметот поднесе Обвинителен акт до Основниот суд Скопје 1 Скопје против едно лице за сторени кривични дела Тешка кражба од член 236 став 1 точка 3 и Убиство од член 123 став 1 од Кривичниот Законик на Република Македонија“, се вели во соопштението на Обвинителството. Тој се сомничи дека на 19 мај годинава откако го украл велосипедот од дворот на семејството Петковски, при што бил забележан од таткото на Ангел, побегнал кон мостот кој води кон Сарај. „По извршеното противправно присвојување на велосипедот, се упатил кон пешачкиот мост кој води кон с.Сарај, каде на патеката на насипот го пречекале таткото на сега покојниот кој го блокирал патот обвинетиот да не побегне кон мостот и сега покојниот кој го блокирал патот во правец спрема течението на реката Вардар. Притоа, обвинетиот извадил нож со едностран сечивен дел и замавнал два пати кон сега покојниот нанесувајќи му убодна рана на десната страна на градниот кош. Обвинетиот потоа бил нападнат од страна на таткото на сега починатиот со дрвен стап и му биле нанесени телесни повреди, по што успеал да избега. Таткото на покојниот и покојниот се упатиле до Европската очна болница да побараат медицинска помош, но како резултат на повредите од убодната рана дошло до брзо и обилно внатрешно и надворешно искрварување и развиток на хеморагичен шок, што довело до смрт кај сега покојниот на скалите пред Болницата“, се вели во соопштението. Од утре тече и рокот од 8 дена за жалби кој осомничениот и неговиот адвокат ќе можат да го искористат за да поднесат приговор по поднесеното обвинение. Термин за почеток на судењето кое ќе се води по новиот ЗКП ќе биде закажан откако обвинението ќе стане правосилно, односно по оценка на истиот од страна на Судот. Убиството предизвика насилни протести на дел од жителите на Ѓорче при што, 5 лице беа уапсени, а беа и опожарени неколку угостителски објекти.

Одбраната тврди дека се работи за убиство во самоодбрана

И по завршувањето на истрагата, одбраната останува на ставот дека станува збор убиство во самоодбрана. Оружјето со кое сторено убиството полицијата не го пронајде.

Адвокатот Рубин Двојаков за АКАДЕМИК вели дека осомничениот пред истражен судија не негирал  дека сакал да го украде велосипедот,  ниту, пак, го негирал убиството, но дека ножот не бил негов и дека бил претепан од две лица. 

„Според исказот на осомничениот, се работело за убиство во самоодбрана. Во исказот пред истражниот судија тој не го негираше убиството, но вели дека ножот не бил негов и дека бил претепан од двајца и дека добил неколку повреди со палка и дека ножот за време на физичката пресметка паднал од раката на Ангел“, вели Двојаков.

Според бранителот, тоа е и причината што осомничениот сам се предал на полицијата.

Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk