/Прочитано:

998

ПОЛИТИЧКАТА КУЛТУРА, ЕВРОПЕИЗАЦИЈАТА И СТРАВОВИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА – Извештај од анкетното истражување „Еврометар“ за 2014

Автори: Бојан Маричиќ и Љупчо Петковски, Македонски центар за европско образование

Чест исказ кој силно го обоил наративот за пристапувањето на новите европски демократии во Европската Унија (натаму во текстот: ЕУ) е дека европеизацијата и демократизацијата се, всушност, еден и идентичен процес. Имајќи на ум дека омеѓувањето на значењата на двата поима е (и треба да биде) предмет на академските дебати, доволно за целите на овој документ е да се прифати нивната нејасност и повеќезначност. Сепак, осветлувањето на корените на овој исказ и на контекстот во кој добил смисла е добар вовед во целата дебата во чиишто рамки се прекршуваат комплексната динамика на транзицијата кон пазарни општества, демократизацијата и пристапувањето на новите европски демократии во ЕУ. Изедначувањето на двата поима има смисла поради историските околности во кои новите европски демократии истовремено се решија за демократска транзиција од еднопартиски системи во политички плурализам и за пристапување во евроатланските структури. Сепак, барем во првата фаза, политичките и интелектуалните елити ја изедначуваа Европската Унија со економските аспекти на транзицијата и ја сметаа за извор на правни норми, додека НАТО беше повеќе изедначуван со демократските вредности и со безбедносните аспекти. Преведено на јазикот на македонскиот политички фолклор, ова уверување беше преточено во максимата „ЕУ ќе нè рани, НАТО ќе нè брани“. Новите демократии ја прифатија таканаречената транзициска парадигма според која демократизацијата е линеарен процес што се одвива по одреден редослед, од една во друга фаза: економска и политичка либерализација – демократска транзиција – демократска консолидација, без застранувања. Накратко, целата транзиција беше замислена како кумулативен процес: напредокот се зголемува до конечната консолидација на либералнодемократскиот режим. И Копенхашките критериуми за членство во ЕУ се совпаѓаат со претпоставките на транзициската парадигма. Според политичките критериуми, потребно е државата да има функционални институции способни да гарантираат демократија, владеење на правото, заштита на човековите права и правата на малцинства, и исполнувањето на овие критериуми треба да се одвива паралелно со исполнувањето на економските критериуми. Оттука, не изненадува тоа што транзицискиот консензус беше втемелен на две претпоставки: 1) обезбедување уставни аранжмани кои гарантираат поделба на власта, создавање неутрални и независни институции, повеќепартиски политички систем, што силно се одразило во претпочитањето на конституционализмот на сметка на граѓанското учество, односно на сметка на демократската легитимација на проектот; 2) овозможување економска либерализација, која се одразила во широка приватизација на општествената сопственост во сите посткомунистички држави. Сепак, она што транзициската парадигма воопшто не го третирала е граѓанското учество, односно активната граѓанска поддршка и давањето легитимитет на сеопфатната преобразба на општествата и на нивната политичка култура. Парадоксално, може да се претпостави дека транзицијата ниту ќе беше толку брза ниту толку успешна доколку во посткомунистичките општества постоеше подемократска партиципативна култура, односно силно граѓанско општество, синдикати и разни групи на интерес.

ПОЛИТИЧКАТА КУЛТУРА, ЕВРОПЕИЗАЦИЈАТА И СТРАВОВИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА –  Извештај од анкетното истражување „Еврометар“ за 2014