/ Прочитано:

987

МВР: Откриен сторител на 16 разбојништва во кои се стекнал со плен од околу 5,5 милиони денари

Среда, 24 октомври 2012 – Полицијата поднесе кривична пријава до скопското Јавно обвинителство против Ф.А викан „Фичо“ под сомнение дека е сторител на 16 разбојништва при што прибавил 5,5 милиони денари. „Фичо“ и бил познат на полицијата по голем број на прекршоци, а сега е осомничен дека од март до септември годинава освен што ограбувал, на нелегален начин поседувал и оружје. 

Според полицијата, серијата на разбојништва се всушност грабежи во 14 различни банки, една бензиска пумпа и еден маркет, сето тоа на територијата на Скопје. Осомничениот е во бегство, а полицијата го откри начинот на кој осомничениот ги направил грабежите. Бил маскиран со плетена црна капа фантомка, сив дуксер и плетени црни ракавици, се заканувал  со огнено оружје – пиштол  и на тој начин од вработените успевал да земе пари.

Последното разбојништво всушност е главната алка за расветлување на останатите 15 грабежи. На 20 овој месец, во Влае, осомничениот наводно влегол во експозитурата на  АД “Алфа Банка“ лоцирана на булеварот  Партизански одреди. Неговиот автомобил марка „Ровер“ бил паркиран на булеварот зад објектот, а до банката дошол пеш. Од вработените преку директна закана со пиштол изнудил 71.000 денари, парите ги ставил во црна најлонска кеса и веднаш го напуштил местото.

Банката била обезбедена преку агенцијата за обезбедување „Никоб“, па откако им било сигнализирано за ситуацијата што се случила, вработено лице од Никоб излегло на терен и кај населбата Хром го забележал автомобилот марка „Ровер“. Осомничениот успеал да побегне, но облеката и дел од парите ги оставил во автомобилот.

По ова, полицијата ги пронашла останатите предмети, го утврдила идентитетот на сторителот, а на фотографијата бил препознаен од вработеното лице во Никоб  кое потврдило дека тој го возел возилото марка „Ровер“.

„Фичо“ и е познат на полицијата уште кога бил малолетен, со што има издржувано казна во Казнено поправен дом за малолетници. Откако станал полнолетен успел да заработи 7 кривични пријави за тешки кражби.