/ Прочитано:

1.149

Полицијата приведе петнаесетмина осомничени за инволвираност во меѓународен шверц на дрога, запленети 350 килограми марихуана на „Меџитлија“

Вторник, 8 јануари 2013 – Полицијата во заедничка акција со Царинската управа вчеравечер запленила 350 килограми марихуана на граничниот премин „Меџитлија“, а уапсила 5-мина. Денеска, по големата полициска опсада во скопските села Сингелиќ и Арачиново приведени се уште 10-мина под сомнение дека се поврзани со меѓународен шверц на дрога. Неофицијално, МВР се сомнева дека ова е продолжение од акцијата „Диригент“, кај нас позната како Франкфурстка мафија каде беше разбиена организирана мрежа за трговија со дрога во градовите Виена и Франкфурт, која започна во 2010 година во Австрија и во Германија.

Вчеравечер, Царинската управа открила околу 350 килограми марихуана на граничниот премин „Меџитлија“, по што денеска следуваше полициска опсада во скопските села Арачиново и Сингелиќ. Во рамки на акција на „Меџитлија“ осомничени се 7 македонски државјани од кои 5 се уапсени, а по двајца се трага. Вредноста на запленетата дрога се проценува на околу 1 милион евра за големпородажба и неколкукратно повеќе во малопродажба. Според информациите, дрогата од Албанија преку Македонија требала да заврши на нарко пазарот во Холандија, а полицијата ја нашла скриена во душеци за спиење.

Во полициската опсада во Сингелиќ и Арачиново МВР привела уште десетина лица кои се на распит во полиција. МВР се уште утврдува дали станува збор за продолжение на акцијата „Диригент“ кај нас позната како „Франкуфуртска мафија“ каде беше разбиена организирана мрежа за трговија со дрога во Франкфурт и Виена, а меѓу уапсените имаше 29 Македонци. МВР информира дека и оваа акција е во соработка со австриската полиција.

МВР најавува повеќе детали за утре откако ќе биде завршен распитот на приведените осомничени од Сингелиќ и Арачиново. Во акцијата „Диригент“ досега беа спроведени повеќе апсења во Австрија, Германија и во Македонија каде од слобода беа лишени околу 400 лица од кои 29 македонски државјани. Во земјава случајот познат како „Франкфуртска мафија“ има судска завршница. Основен суд Скопје 1 во јуни минатата година им изрече и затворски казни на 29-те обвинети Македонци вмешани во шверцот со дрога во Германија и Австрија. Највисока казна му беше изречена на првообвинетиот  Спасе Димовски од Велес, познат како Ајдукот, кој важеше за водач на таканаречената „Франкфуртска мафија“. Тој беше осуден на казна затвор од 13 година. Неговиот син Томе Димовски доби десет години затвор, а Зоран Манасков беше осуден на единаесет години затвор. Останатите обвинети добија помали затворски казни.