/ Прочитано:

841

Постигнат договор меѓу Синдикатот за здравство и министерот Тодоров

Петок, 11 јануари 2013 – Реформата плаќање по учинок во здравството да се спроведува при формирање на висината на платите. Специјалистите ќе добијат зголемување на платите од 19,2 проценти во период од 15 месеци. Тоа е утврдено во анексот на Колективниот договор што го потпишаа доцна синоќа министерот за здравство Никола Тодоров и претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита Љубиша Каранфиловски, со што е постигнат договор за надминување  на состојбите  по  неодамнешниот  штрајк на лекарите.

Според договореното, како што потврдуваат од Министерството за здравство, проектот ќе се модифицира со квартална пресметка што значи дека учинокот ќе се пресметува на секои три месеци и специјалистот ќе зема плата по учинок како просек од трите последни месеци со што ќе се отвори поголема можност за корекција.

Утврдена е и обврска директорот да му укаже на здравствениот работник кој имал помала работна успешност и да му овозможи да оствари 100 проценти плата, воведен е и администратор кој ќе го врши целокупниот внес на интервенции за да не се оптоварува здравствениот работник со административни работи.

Специјалистите  добиваат зголемување на платите во висина од 19,2 проценти во период од 15 месеци. Веќе од февруари специјалистите ќе добијат зголемени плати за 4,8 проценти. Второто зголемување од 4,8 проценти ќе биде во октомври, а во мај следната година платите ќе се зголемат за уште 9,6 проценти.

Извор: МИА