/ Прочитано:

4.347

„Потребен ни е духовен препород и менување на свеста за нашата улога во трудот“ – Доц. д-р Лазар Јовевски, професор по трудово право

Пред трудовото право денес се исправени неколку глобални предизвици. Работните односи ја одразуваат динамиката на трудот и економијата и секако дека и во иднина тие ќе се менуваат и ќе се обидуваат луѓето преку правните норми за трудот да одговорат на таа динамика. Сметаме дека клучни точки и предизвици каде ќе треба да се делува е справувањето со глобалните кризи изразени преку драматични флуктации на пазарите на труд, односно со намалување на навработеноста предизвикана од несовршеноста на капитализмот, понатаму стареењето на населението кое според некои показатели во 2047 година бројот на стари лица за прв пат ќе ја надмине бројката на деца во светски рамки, вели во интервјуто за Академик, Доц. д-р Лазар Јовевски, професор по трудово право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

Според теоретските опсервaции, кои се основните правно-филозофски постулати и согледби за трудот и трудовото право?

Трудот во себе содржи компонента која допира до длабочините на човечкото суштествување и постоење, го обликува неговиот карактер, ја манифестира неговата психолошка димензија и е дел од концептот на човековата реализација во рамките на неговото постоење во општеството, во интеракцијата со другите луѓе, но и како индивидуа. Оттука, философијата на трудот претставува неразделна компонента на појавната манифестација на трудот преку конктретна работа изразена во работен однос и го детерминира трудот во симбиотоичка целина како филозофија на живеење и практична работа.

Гледајќи ја големата слика на современото право и иднината на правните практики и политики, кои се светските тенденции на модерното и компаративно трудово право?

Светските процеси кои ги гледаме денес и чии современици сме, во голем дел се поврзани со процесите поврзани и детерминирани од трудовите односи, кои се само една страна на „медаљата“ која се нарекува општествено-економска формација. Модерниот труд е дел од капиталистичкиот систем и влијае на него и го моделира, но и обратно, економските флуктуации и текови влијаат на работните односи и на трудот воопшто и го моделираат преку конкретни законски решенија. Се чини дека модерниот клапитализам и свет, се соочува со одреден број на контрадикции кои дирекно се поврзани од начинот на кој се уредуваат и сфаќаат трудовите односи. Пред се распределбата на приходите, која се повеќе станува нерамномерна во глобални рамки во иднина силно ќе влијае на економските и политчките односи во светот. Користењето на трудот како средство и алатка за поробување на човекот, па и цели општества преку ниски плати и друг начин на експлоатација (детски труд, работа повеќе од 10 часа дневно и сл.) ќе влијае на зголемувањето на сиромаштијата и поделбите во светот. Од друга страна постои глобализација на трудовите и економските односи која во себе крие одредени придобивки, но и предизвици, односно искушенија кои треба да се надминуваат. Тоа резултира за нов однос помеѓу трудот и капиталот, кој ја губи од вид суштината на односот труд – капитал, а тоа е однос човек – материја. За да ја видиме големата слика потребно е да ја разбереме тензијата (борбата) која постои од секогаш помеѓу овие две компоненти, која борба на крајот се сведува на борба на човекот со сопствените внатрешни духовни состојби како што се алчноста, лакомоста, лагата, идолопоклонството кон парите и материјалните добра. Трудот овде е инструмент, алатка, која може да ослободува, или да го поробува човекот (човештвото). Глобалната економска криза иако не беше предизвикана директно од односите на пазарите на труд, силно се одрази на нив и доведе до дисбаланс. Тоа само го продлабочи и зацврсти глобалниот тренд на сегрегација која резултираше со зголемување на милијардерите во последните 5 години за повеќе од 100%. (на пр. од 268 на 543 милијардери во САД).

Трудовото право последниве години, а споредено со оној период на „железната завеса“ доживува една, условно кажано, „револуција“ со оглед на фактот дека се докажува значењето дека токму оваа област е носечкиот столб на светските економии како концепт сфатен повеќе практично, а помалку со идеолошкиот товар на доминантна политичка коректност. Спроред Вас, кои се клучните точки и процеси низ кои ќе се движат работните односи во иднината?

Да, трудот е носечката компонента на економиите во светот, но и повеќе од тоа, а како што само делумно напомнав претходно. Пред трудовото право денес се исправени неколку глобални предизвици. Работните односи ја одразуваат динамиката на трудот и економијата и секако дека и во иднина тие ќе се менуваат и ќе се обидуваат луѓето преку правните норми за трудот да одговорат на таа динамика. Сметаме дека клучни точки и предизвици каде ќе треба да се делува е справувањето со глобалните кризи изразени преку драматични флуктации на пазарите на труд, односно со намалување на невработеноста предизвикана од несовршеноста на капитализмот, понатаму стареењето на населението кое според некои показатели во 2047 година бројот на стари лица за прв пат ќе ја надмине бројката на деца во светски рамки. Тоа дополнително и неминовно ќе доведе до зголемување на старосната граница за пензионирање и ќе се одрази на пензиските шеми кои ќе се најдат пред нови предизвици и проблеми. Решавањето на овие проблеми од една страна ќе оди во насока на дополнителна флексибилизација на работните односи, а со цел за намалување на невработеноста, што според нас е само делумно и привремено решение, а од друга страна ќе се промовираат се повеќе приватните шеми за осигурување и се помалата улога на државата, што според нас ќе биде лошо решение.

Исто така, може да се очекува дека социјалниот дијалог ќе слабее, за сметка на радикализација на синдикалното движење глобално, а разликата во приходите ќе продолжи да се зголемува, дотолку повеќе што и денес состојбата е алармантна бидејќи 85 луѓе во светот го имаат половината богатство на планетата. Оттука, воочливо е колкава е улогата, а пред се одговорноста при креирањето на социјаната политика и регулирањето на трудовите односи во одредена земја, како и глобално.

Би можеле ли да ни објасните како ги толкувате последните промени во македонското трудово законодавство, а особено во делот за хонорарците, а во контекст на економско-легислативниот „домино ефект“?

 Да, идејата беше да се реши проблемот на хонорарците кои беа во една незавидна положба, и тука решението е на линија на градење на систем на еднаквост и социјална правда. Но, проблематично е тоа што ова решение по својот обем ги надминува овие случаи и го опфаќа целокупниот труд на граѓанинот во Македонија без разлика од која природа е. Тоа значи дека секоја правна работа која има трудова компонента како на пример цртање слика, или давање правен совет ќе мора индирекно да влезе во системот на трудовото-право ако се плаќа, иако правата од работен однос ги нема (одмор, работно време, плата и сл.) Исто така може да доведе до проблеми тоа што веќе вработените лица доколку вршат дополнително некои правни дела по основ на авторство или договор за дело повторно ќе мораат да плаќаат придонеси за социјално осигурување. Тоа од една страна можеби е добро за нив, но тогаш зошто е ограничен максималниот износ на пензиите. Од друга страна ова решение може да предизвика и обратен ефект во стопанството, каде одредени хонорари би се намалувале или укинале, а со тоа платежната моќ на граѓаните ќе се намали, што негативно ќе се одрази на економијата. Значи хонорарците особено во јавниот сектор треба да се решат како проблем, но решението не смее да биде на штета на останатите „хонорарци“ кои имаат слобода на воља да влегуваат во различни облигационо-правни дела. Затоа ваквите решенија треба добро да се осмислат бидејќи прашањата од трудово-правен карактер по својата природа се сложени и бараат посебни увиди и експертизи.

Што се однесува до зголемувањето на старосната граница за пензионирање сметаме дека е одговор на одредени предизвици кои ние уште предходно ги навестивме и претставуваат дел од глобалните текови кои се случуваат, а за кои само делумно напоменавме погоре. Македонското решение е пофлексибилно од некои решенија во регионот, па и Европа бидејќи се остава на слободната волја на вработените да одлучат со колку години ќе се пензионираат. Сметаме дека ова е преодно решение, и релативно брзо ќе дојде до фиксација на годините, особено затоа што не очекуваме дека ќе има голем број на граѓани кои ќе бидат стимулирани (пред се финасиски) да продолжат да работат до горната старосна граница. Би рекле дека повеќе ќе одлучува психолошкиот момент за премин од една фаза во трудот и животот, во друга, односно од работа, во користење на плодовите на работата.

Што сметате дека му е непходност на трудовото законодавтсво и трудовата етика, потребни ли се некои промени, но не само од законодавно-номотехнички, туку и од оној онтолошко-аксиолошки аспект?

Понекогаш на шега велам дека на трудовото законодавство секогаш му се потребни промени, што и не е многу далеку од вистината ако земеме во предвид дека трудот ја одразува динамиката на животот. Всушност како го разбираш животот, така го гледаш, доживуваш и влегуваш во трудот, поточно во работниот однос. Нас ни е потребен духовен препород внатре во нас, менување на свеста за себе и за нашата улога и делување во трудот, а изразен пред се преку работните односи. Имам впечаток дека докрај не го разбираме трудово-правниот однос, не се снаоѓаме во него и не знаеме да го уредиме на начин кој е најдобар за индивидуата, но и за заедницата. Ова го мислам национално, но и глобално. Тоа е затоа што пред се не сме искрени во трудот. Сакаме малку да работиме, а многу да добиеме, или пак многу да заработуваме, а малку да дадеме (платиме) на другите, зошто себе се ставаме во центарот. Трудот подразбира индивидуално да се реализараме, но во интеракција со другите, без на нив да им штетиме. Впрочем ова е потврдено и во многу максими од праисторијата, римското право, средновековната европска, а особено византиска мисла, па до денес.

Го проучувате трудовото право и од еден друг метод и пристап: историско-филозофскиот, па и политичкиот и религиозниот. Што е она што треба да го знаат правниците за трудовото право анализирано од тој, поекстензивен приод на опсервација?

 Јас сум само еден од многуте кои сметаат дека „трудовото право е правото на животот“. Ако тоа е така не можеме трудот и работните односи да ги гледаме едновалентно, само низ призмата на правничката техника и позитивниот емпиризам од Келзинистички тип. Напротив, за да ги разбереме внатрешните законитости, промени и дијалектика, мораме трудот да го поставиме со поширок опфат на матрица на гледање, за да можеме да ја спознаеме вистината. А бидејќи вистината секогаш ослободува, тогаш можеме ослободени да ги креираме трудовите односи, што на крајот значи квалитетно решение.

Знаете, во трудот постои една голема илузија бидејќи е во конвергација со материјалните добра. Овде се создава една илузиуја каде луѓето работат само за пари, а бидејќи трудот е животот, всушност парите им се се во животот. Веќе разбирате дека тоа што го зборувам има логика и дека затоа гледате многу намуртени и нервозни лица при прошетка низ нашите улици (бидејќи немаат, или тие така мислат, доволно пари). Тоа се поробени луѓе преку трудот, а без да се свесни за тоа, бидејќи основна цел им е како повеќе да заработат преку работата (секако овде не се мисли на оние кои не заработуваат основни средства за живот). Кога човек би се одврзал од тоа идеја би се случило нешто што умот не може да го замисли. А тоа е животна радост и труд кој ослободува. А бидејќи секој сака да биде во опкружување на такви луѓе, кои пред се ја носат животната радост во себе, понудите за работа многу почесто ќе доаѓаат. Ова можеби звучи смешно, но ги предизвикувам тие кои што не веруваат да пробаат.

Му благодарам на Господа, Кој не по моја заслуга, ме благослови со дарот да можам да ги знам и разберам овие процеси и односи и ете на еден поинаков начин да ми се откријат тајните на човековото постоење преку трудот и работниот однос.

Благодарен сум на оваа можност што можев со вас да споделам некои мои согледби и ги поздравувам сите ваши читатели со искрени желби работата која што ја работат да им биде за нивно изградување и радост.


Разговараше: Милчо Велјаноски Објавено: 08. 08. 2014