Потврдена ослободителната пресуда за „Тајвански кредити“
Петок, 13 декември 2013 – Апелациониот суд Скопје ја потврди ослободителната пресуда за случајот „Тајвански кредити“, потврдуваат од Основен суд Скопје 1 за АКАДЕМИК.
По 6 години битка во скопскиот Кривичен суд, второстепениот суд деновиве ја потврдил ослободителната пресуда за тогашни челници на Агенцијата за обнова и развој на РМ, Васил Тупурковски и Јован Андонов. Во два наврати, Апелациониот суд ја укинуваше пресудата на Кривичниот и го враќаше процесот на повторно судење.
На расправата во Апелациониот суд Скопје, која се одржа пред повеќе од еден месец, обвинителството побара да им се уважи жалбата против ослободителната пресуда за обвинетите.
Во жалбата, Обвинителството наведува дека првостепениот суд не постапил во целост, односно ги интерпретирал, но не ги извел доказите, а тоа довело до погрешен заклучок кон утврдувањето на фактичката состојба. Поради овие причини, Обвинителството бараше предметот да се врати на повторно одлучување.
Одбраната, пак, потсети дека во првостепената постапка се расчистени сите спорни елементи односно дека Стопанска банка можела да се занимава со кредитирање, а не Агенцијата за обнова и развој. Адвокатката, Светлана Савиќ, рече дека Агенцијата само ја следела владината политика и изготвувала листа на потенцијални баратели на кредити. Понатаму, таа појасни дека Агенцијата била владино тело и оттука, според нејзе, не е основан наводот дека Владата не знаела за земените кредити. По однос на пропустите на банката, Савиќ посочи дека судот сослушал голем број на вешти лица и од нивните искази, како што потенцираше, правилно утврдил дека обвинетите не ги сториле кривичните дела.
„Банката работи во свое име и врз основа на склучените договори помеѓу Агенцијата и Банката е должна да ги следи и да ги почитува одредбите од истите договори. Налозите се потпишани од банкарски службеници, а не од обвинетите“, посочи на јавната седница адвокатката, Светлана Савиќ.
Обвинетиот Васил Тупурковски на судскиот совет му се пожали, за како што рече, деветгодишното кршење на неговите човекови права. Тој посочи дека обвинителството треба да се бори за вистината, а потсети дека трпеливо со години чека да се утврдат фактите и вистината да излезе на виделина. Според него, сведоците воопшто не биле од корист за постапката, а Обвинителството„ преку креации со години го одржува обвинението“.
Предметот за првпат беше вратен на повторно одлучување откако Апелациониот суд во Скопје ја укина простепената пресудата на Кривичниот суд со која Тупурковски беше осуден на казна затвор во траење од 3 години и надомест на штетата на Република Македонија во износ од 89.008.917,00 денари. Јован Андонов беше осуден на казна затвор од 2 години. Солидарно беа осудени да и го надоместат износот од 61.992.398,00 денари на Република Македонија и да ги платат трошоците за кривичната постапка. Пресудата беше укината поради утврдување на повреди во постапката. Жалбата на ЈО за гонење на организиран криминал и корупција беше отфрлена како беспредметна. Откако Апелациониот суд го врати предметот на повторно судење, по нешто повеќе од половина година финишираше со ослободителна пресуда за Тупурковски и Андонов. Ваквата одлука е донесена врз основа на образложение дека немало докази за да се докаже обвинението од ЈО. 11 месеци подоцна, Апелација ја уважи жалбата на Основното јавно обвинителство и ја укина првостепената пресуда со образложение дека истата била нејасна, неразбирлива и противречна сама на себе.
>> Предметот целосно можете да го проследите тука.