Повеќето од дипломираните студенти и магистри во Македонија се жени
По повод 8 Март - Меѓународниот ден на жената, Државниот завод за статистика објави податоци за женската популација во Република Македoнија.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во Македoнија најчесто женско име е Марија. Според процената на населението (состојба од 30.06.2015), во Република Македонија 49.9% од населението се жени.
Жените во Македонија, велат од Државниот завод за статистика, сè почесто се одлучуваат да раѓаат по 1 или по 2 деца. Жените живеат 77.4 години или 3.9 години подолго од мажите.
Бројот на дипломирани жени изнесува 4 831 или 57.1% од вкупниот број дипломирани студенти. Бројот на жени магистри на науки изнесува 1 290 или 58.6% од вкупниот број магистри. Бројот на жени доктори на науки изнесува 143.
Од вкупниот број вработени жени кој изнесува 282 078 во 2015, 76.3% се вработени во деловни субјекти во приватна сопственост. Од вкупниот број вработени жени во 2015 година, 95.3% се вработени со цело работно време.
Како жените го користат своето време?
Во домаќинствата што имаат деца, посочуваат од Државниот завод за статистика, жените просечно дневно поминуваат по 1 час и 57 минути во нивно згрижување. Жените што имаат домашни миленици просечно дневно поминуваат со нив по 1 час и 41 минута.
Жените просечно дневно поминуваат по 1 час и 50 минути на гледање телевизија. Жените во урбаните средини на забава и култура поминуваат просечно дневно по 2 часа и 16 минути што е двојно повеќе од жените во руралните средини, односно 1 час и 13 минути.
Во текот на денот, вработените жени користат 15% од своето време во слободни активности, а невработените жени 21%. Од сите домашни активности на жените, посочуваат од Државниот завод за статистика, 16% отпаѓаат на чистење на станот.
M.В