/ Прочитано:

2.373

ПОВРЕДЕНО ПРАВО НА ПРИСТАП ДО СУД: На иницијатива на адвокат, Уставниот суд поведе постапка за членот 18, став 4 од Законот за управната инспекција

Уставниот суд на Република Македонија поведе постапка за оценување на уставноста на членот 18 став 4 од Законот за управната инспекција.

akademik foto 1

Во оспорениот став 4 од членот 18, кој е дел од главата посветена на инспекциската постапка, се вели дека против решението на министерот не може да се води управен спор.

За адвокатот Блаже Крчински од Скопје, кој е подносител на иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата, оспорената законска одредба не е во согласност со Уставот бидејќи со членот 50 став 2 од Уставот се предвидува дека: „Уставот на Република Македонија гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања“.

Законодавецот, вели адвокатот, изречно забранил судска заштита на акт на орган на управата, која Уставот ја дозволува. Уставот, истакнува адвокатот, има супрематијата над законите и другите прописи.

Посочената одредба од Законот за управната инспекција на директен начин го повредува ова уставно правило, т.е. го повредува правото на пристап до суд, што е во спротивност како со Уставот, така и со меѓународните договори, поточно со Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи, која била составен дел на позитивниот правен поредок на Република Македонија и општоприфатените норми на меѓународното право“, истакнува адвокатот Крчински, кој оценува дека оспорената одредба  ги разнишува правниот поредок, правната сигурност и владеењето на правото.

Подносителот на иницијативата додава и дека оспорената законска одредба е контрадикторна и нејасна. Имено, аргументира адвокатот, во неа во истиот член, во ставовите 1 и 3, како орган кој одлучува по жалба е предвидена Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочна постапка.

„Оттука, ако се имало предвид дека суштествено се разликувале Министерството и Државната комисија, односно едниот орган бил формиран како дел од извршната власт во согласност со Законот за организација и работа на органите на државната управа, додека Комисијата била државен орган кој е самостоен во својата работа и има својство на правно лице, останувало нејасно односно правело забуна против кое решение не било дозволено поведување на управен спор“, се вели во решението на Уставниот суд.

Во таа насока, според Судот, нема оправдување натамошното опстојување во правниот поредок на оспорениот член 18 став 4 од Законот за управната инспекција.

„Одредбата е нејасна и може да создава забуна при остварување на правната заштита во случај на донесено решение од страна на инспектор, што води кон повреда на начелото на владеењето на правото. Поради наведеното, пред Судот основано се постави прашањето дека натамошното опстојување на оваа одредба во правниот поредок е неуставно“, истакнуваат од Уставниот суд.
М.В