/ Прочитано:

2.322

ПРАКТИЧНИ ПРИМЕРИ И ЕДУКАЦИЈА ЗА ЈАВНИТЕ НАБАВКИ: Академик одржа семинар наменет за големите договорни органи

Понеделник, 7 декември 2015 – Академик одржa еднодневен семинар (работилница) наменет за големите договорни органи, а во врска со повеќе актуелни и практични прашања од областа на јавните набавки. Успешно реализираната еднодневна работилница беше  наменета за големи договорни органи – министерства, агенции, јавни претпријатија, трговски друштва во државна сопственост и општини.

На работилницата се дискутираа прашањата за подготовката на специфични технички спецификации за набавка на стоки, услуги и работи кај големите договорни органи, а со цел добивање на квалитет и добивање на согласност од Советот за јавни набавки. Потоа се говореше за дефинирањето на критериуми за способност во специфични јавни набавки, како и за организациската поставеност на големите договорни органи во спроведување на постапките за јавните набавки.

Исто така, на работилницата се дискутираа и најчестите повреди во спроведувањето на постапките по јавните набавки. Прашањата кои се елаборираа на работилницата, беа образложени низ практични примери, упатства и искуства, а во насока на доследното применување на Законот за јавните набавки.

Предавачи на семинарот  беа м-р Ненад Николовски, магистер по економски науки, кој има над деветгодишно искуство во Министерството за внатрешни работи, м-р Маја Малахова, магистер по правни науки, претседател на Државната комисија за жалби по јавни набавки и Ирена Стоименова, дипл.екк,  сертифициран обучувач за јавните набавки со долгогодишно практично искуство во спроведувањето на постапките за доделување на договори за јавни набавки во повеќе јавни институции.

„На работилницата се разработија конкретни примери од пракса за начинот на подготовка на техничките спецификации со цел обезбедување на потребно ниво на квалитет на стоки/услуги/работи што треба да се набават, како и правилното дефинирање на критериумите за способност, кое нешто има клучна улога во обезбедувањето на конкуренција меѓу економските оператори и рационалното и ефикасно искористување на средствата во постапките за јавни набавки“,  вели предавачката Ирена Стоименова.

Предавачот  Ненад Николовски, исто така, нагласува дека еден од клучните апспекти за кои учесниците го искажаа својот интерес е делот на  јавните набавки од аспект на техничките спецификации, но и утврдувањето на критериумите за способност

„Утврдувањето на критериумите за способност во делот на спроведувањето на Законот за јавни набавки, исто така, како дел од мојата презентација предизвика дискусија во насока на потребата од образложенија за примената на решенијата низ праксата во овој дел, па заедно со учесниците, на интерактивен начин, детално го разгледавме и разјаснивме ова прашање“, вели Николовски.

Учесниците за работилницата: Корисни предавања, интерактивна дискусија и размена на мислења

„Висока оценка за реализирањето на обуката, имаше одлични предавања, дискусии, разменување на мислења и искуства. Посебно важно е што имаше интеракција можеше да се слушнат и нашите мислења и во таа насока да бидат дообразложени работите кои стручно се коментираа на обуката“, велат за работилницата, Ивана Јаневска и Горан Ефремовски од Општина Центар.

„Можеме да кажеме дека прашањата кои ги образложуваа предавачите во многу нешта се објаснија и се покажа како практично да се применат законските одредби, каде се прават грешки, што треба да се стори, а да не дојде до погрешно толкување“, велат Дејан Димитровски и Камелија Стојанова од Општина Зелениково.

„Премногу сме задоволни од начинот на спроведувањето на обуката и од начинот на кој предавачите се посветија на прашањата кои беа предмет на дискусија. На обуката се говореше за суштински тематики од областа на јавните набавки, тие тематики практично се објаснија, се дадоа многу практични примери, многу совети и многу сугестии како правилно да се применат законските решенија“, велат Игор Трајковски, Елена Димитриевска Јане Петковски  и Ивона Јовчевска од Министерството за внатрешни работи.

„За овие прашања во врска со јавните набавки, практичните обуки се многу потребни и затоа оваа обука навистина одговори на тие барања. Одлични презентации, објаснувања и корисни дискусии, тоа е изворниот впечаток за оваа обука“, вели Данијела Спасиќ Тумовска од Агенцијата за пошти.

„Голем дел од работите на оваа обука станаа појасни. Предавањата беа добри и корисни. Обуката помина во најдобар ред“, вели Ермира Мехмеди од Општина Струга.

 „Повеќе пати доаѓам на обуките на Академик и знам дека се извонредни. Така помина и оваа обука. Пофални зборови за реализацијата и за предавањата и образложувањата на предавачите. Се разбира, и во иднина ќе бидам дел од овие обуки кои многу значат за нашата едукацијата на овој план“, вели Анета Лазова од ЈП Комуналец Неготино.

АКАДЕМИК ПРАКТИКУМ: Еднодневна обука за јавни набавки наменета за договорни органи и економски оператори