/ Прочитано:

964

„Правна социјализација на младите во Република Македонија“: Тетовските основци се информираа за нивните права

Четврток, 23 мај 2013 – Превентивно-едукативниот проект „Правна социјализација на младите во Република Македонија“ што повеќе од месец и половина се спроведуваше  во Тетово заврши оваа недела, информира денеска портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски. Основната цел на овој пилот-проект е основците адекватно да се информираат и едуцираат за нивните законски права и обврски, пред се од областа на малолетничката правда, малолетничко претстапништво, јавен ред и мир, педофилија, злоупотреба на дроги и друго. 

Со проектот, чии носители беа Министерствата за внатрешни работи и  за образование, а негов поддржувач Американската невладина организација „ПХ-Интернационал“, беа опфатени четири паралелки од седмо одделение во тетовските основни училишта „Гоце Делчев“ и „Братство Миѓени“ со над 100 ученици кои следат настава на македонски и албански јазик.

Четворица полициски службеници на СВР Тетово во  соработка со неколкумина наставници од овие училишта со седмооделенците интерактивно обработиле 12 различни тематски содржини.

„Првична оценка е дека на предавањата учениците – учесници во проектот искажале мошне забележителен интерес за повеќето од темите за кои поставувале повеќе прашања и добиле соодветни одговори, но комплетната евалуација на проектот допрва претстои кога всушност ќе се направат и поконкретни анализи за секоја паралелка и секоја тема посебно“, изјави Јосифовски.