/ Прочитано:

1.056

Правната култура на стаклени нозе — кога забранетото ни е дозволено, а полицијата помила од судството

Легалистичката култура во Македонија не ужива завидно внимание кај јавноста, иако се врзува за неизмерно битна општествена фасета: подготвеноста на граѓаните да дејствуваат во согласност со законите и да ги прифатат судовите како носители на конечните одлуки доколку се соочат со конфликт. Една од најпроблематичните области кога станува збор за доверба во политичкиот систем на земјата е токму судството: граѓанството се покажува исклучително недоверливо кон правосудниот систем, додека засилено ја свртува својата доверба кон репресивните и кон безбедносните институции, како што се полицијата и армијата. Македонија нема Веберијанска, туку крајно политизирана администрација, којашто носи одговорност само пред својот политички патрон, а не кон Уставот и кон законите на државата, тврди проф. д-р Гордана Силјановска-Давкова, експерт за уставно право и за политички системи. Феномените на правната култура мора да се подложат на интензивирани и што подетални истражувања, порачува проф. д-р Рената Дескоска.

Природата на културата и нејзиното значење се мегдан на вечно кршење наострени копја: колку повеќе интелектулаците прават усилби за разбирање на нејзините подробности, толку посилна се покажува нејзината многустраност. Исклучително тешко е да се добие увид во сето она што човештвото го создало за да им даде смисла на односите во опкружувањето. Стеснувајќи го погледот кон македонскиот културен систем, особено нејасен впечаток оддава местото на правната култура во него. Честопати мешана со политичката култура, којашто во многу погледи може да се смета за историски наметната одредница, легалистичката култура во Македонија не го ужива вниманието на пошироката јавност, иако се врзува за мошне важен аспект на општествениот живот: подготвеноста на граѓаните да дејствуваат во согласност со законите и да ги прифатат судовите како носители на конечните одлуки доколку се соочат со каков било конфликт што им го нарушува секојдневието.

Лоренс Фридман, професор по американско право на Универзитетот во Стенфорд и експерт по историја на американското право, воведувајќи го овој концепт во 1975 година, ја прифаќа правната култура како систем составен од структури што црпи ресурси од определена средина и што испраќа соодветни функции назад кон неа. Според него, системот на правната култура го сочинуваат три крупни делови: социјални и правни сили што го создаваат правото, односно ресурсите; правото, само по себе, како корпус на структури и на правила од кои произлегуваат соодветни функции, како и влијанието на правото врз надворешниот свет. Поимот ги обединува во себе знаењето и ставовите на граѓанството во врска со правниот систем, но и начинот на кој граѓанското тело се однесува кон правниот систем, земајќи ги предвид неговите расудувања за справедливоста на правото и за легитимноста на воспоставениот правен систем.

Забранетото е дозволено, на очиглед на сите, е сосема нормална работа

Во пресек на сликата на правната култура во Република Македонија, неодамнешно истражување издадено од Канцеларијата на германската Фондација „Фридрих Еберт“ во Скопје, доловува интересна слика за гледиштата и за ставовите на граѓаните на Македонија во однос на повеќе прашања поврзани со системот и со легалистичката култура. На пример, на прашањето до кој степен граѓаните се согласуваат со исказот дека понекогаш е оправдано да се затајува данок, повеќе од 60 отсто од испитаниците не се согласуваат со исказот, додека мал дел од нив се согласни (24,9 отсто). Повозрасните луѓе ви поголема мера не се согласуваат, отколку подмладокот, а уште поинтересен е наодот според кој испитаниците од руралните области се наклонети повеќе да се согласат со овој исказ, отколку оние во урбаните средини.

На претходното се надоврзува прашањето во колкава мера граѓанството се согласува со тврдењето дека е оправдано да се користат јавните бенефиции, дури и доколку некој не е квалификуван за нив. Мнозинството испитаници (60,1 отсто) не се согласуваат со исказот. Други 18,3 отсто од вкупниот број испитаници искажале неутрален став, додека, пак, вкупно 21,6 отсто се согласиле со исказот. Истражувањето изнело заклучок дека помалку образованите тежнеат помалку да се согласуваат. Резултатите од овие прашања покажуваат дека овие две практики, главно, се неприфатливи, но степенот до кој, сепак, се сметаат за нормални, и натаму е висок. Еден од факторите што придонесуваат кон тоа, се вели во студијата, е високата мера на недоверба во институциите. Наодите воопшто не ја изненадуваат проф. д-р Гордана Силјановска-Давкова, експерт за уставно право и за политички системи.

„Правната култура, како и политичката, не можат да се уредат со устав: тие настануваат и се развиваат спонтано врз основа на мноштво општествени фактори. Главниот, веројатно, е хетерогеноста на нашето општество на различни основи. Во недостиг од државност и од демократска традиција, нашата демократска консолидација сѐ уште е незавршена, па така остануваме соочени со извесна шизофренија што ја заразува македонската реалност, пред сѐ, во поглед на институциите на системот. Ние, просто, немаме административна култура заснована на знаење и на владеење на правото. Одговорно тврдам дека без таква култура Македонија не може да чекори напред кон Европа: најслабата точка во евроинтеграцијата на оваа земја ќе дојде до израз кога ќе почнат преговорите со Брисел. Ние немаме Веберијанска, туку крајно политизирана администрација којашто е одговорна пред својот политички патрон, а не кон Уставот и кон законите на државата“, уверува Силјановска-Давкова.

Граѓанството повеќе ѝ верува на полицијата отколку на судството

Демократијата во Македонија, според Силјановска-Давкова, е нефункционална и не се базира на солидарност и на доверба. Нејзиното убедување е блиско со наодот на споменатото истражување дека една од најпроблематичните области кога се зборува за доверба во политичкиот систем е судството. Само 28 отсто од испитаниците искажале доверба во работата на судството, додека, пак, повеќе од половина (51 отсто) не веруваат во судските институции. Ваквиот став, се наведува, го споделуваат речиси сите етнички заедници подеднакво. Од географски аспект, интересно е што скопскиот регион е еден од оние во кои судството најмногу се оценува како незадоволително. Наспроти овој наод, граѓаните искажуваат многу поголема доверба во репресивните и во безбедносните институции (полицијата, армијата), што упатува на претпоставката оти граѓанството би толерирало одредени институционални дејства на сила ако тие се спроведуваат за сметка на општото добро.

Претходно изнесената слика на правната и на политичката култура во Македонија изнудува сличен став и кај проф. д-р Рената Дескоска, експерт по уставно право, непосредно посочувајќи пример од својата практика.

„Од огромно значење е да се истражуваат феномените на правната култура. Иако не може да се одделат една од друга, правната култура често е во сенката на политичката. На едно мое излагање во врска со она што во светот се практикува како култура на заштита на човековите права, се сеќавам, еден академик-економист реагира дека правниците секогаш си бараат алиби во тоа што законите не се добри, во тоа што институциите не се функционални и истакна оти е вина на правниците што не создале добар правен систем, дека не ќе дошло до безредието во функционирањето на институционалниот апарат ако постоеле јасно формулирани норми и точно одредени санкции. Сред крутоста во мислењето и сред афективниот однос на административното тело кон властите, не сум оптимист дека ќе ги подобриме нашите напори за прифаќање и за унапредување на европските вредности во системот“, порачува Дескоска.


Автор: Далибор Стајиќ Објавено на: 17.05.2013