/ Прочитано:

1.550

ПРАВНИ ФАКУЛТЕТИ МНОГУ, ПРАКТИЧНА НАСТАВА МАЛКУ: Студентите по право мора да развиваат вештини за правно пишување, реторика и анализа

Идните студенти по право мора задолжително да ги изучуваат  практичните вештини како особено важни за професионалниот развој на идните правници, се дел од препораките во истражувањето за правното образование во Република Македонија спроведено од Македонското здружение на млади правници. Гоце Коцевски од ова здружение вели дека практичните вештини речиси воопшто не се застапени за време на студирањето, што го прави сегашното правно образование некомплетно.

Практичните вештини речиси воопшто не се застапени за време на студирањето

„Секој правник мора да располага со вештини за правно расудување и анализа, за правно пишување и за правен говор, како и за правно истражување. Практичните вештини речиси воопшто не се застапени за време на студирањето, што го прави сегашното правно образование некомплетно. Дисциплина како што е номотехниката, која е суштинска во правото, е изоставена од задолжителните наставни програми на правните факултети“, истакнува Коцевски, надоврзувајќи се на истражувањето Анализа на реформите кои (не) го унапредија правното образование.

Тој нагласува дека не може да се говори за квалитетно правничко образование во услови кога не се изучуваат практичните вештини кои мора да бидат составен дел од курикулумот на правните факултети.

„Работи како: комуникација со клиенти, етика, реторика, пишување документи, нормативни акти, усно изразување, писмено изразување, правно истражување и истражување на прописи, правна логика, правно аргументирање, мора да ги има секој правник. Младите правници мора да бидат запознаени со нив, да знаат како да ги практикуваат. Тука говорам и од моето  лично искуство. Ние малку ги знаевме овие работи на факултет зашто не се изучуваа. Ние бевме соочени, кога почнувавме на работа, да ги учиме овие работи на „брза лента“. Значи се работи за големи едукативни недостатоци кои понатаму имаат реперкусии во професијата, се разбира, негативни“, истакнува Коцевски.

Прифаќањето на работата во судството и во адвокатурата „по терк“

„Незнаењето некои вештини може да зададе многу проблеми понатаму кога ќе се почне со работа. На пример, комуникацијата со клиент, етичките прашања во однос на професионалната адвокатска етика, потоа составот на поднесоците, писменото изразување. Едноставно, тоа понатаму троши 95 % од времето како правник, како практичар, а за време на студиите дали е опфатен еден процент од овие работи“, додава тој.

Коцевски укажува и на, како што вели, делот на прифаќањето на работата во судството и во адвокатурата „по терк“.

„Понатаму младите правници го прифаќаат делот ‘по терк’. Тоа е чест случај поради отсуството на практичните вештини. Голем дел од адвокатурата функционира ‘по терк’. Многу малку има резонирање, аргументирање да се состави текст. Реално, така е поедноставно. Процесот на пишувањето тужба е тежок и  бара време, а посебно ако не си навикнат на тоа. Па се оди кон методологија ‘копи-пејст’“, вели Коцевски.

Сепак, според истражувањата, кај некои факултети има интерес да има практична настави преку ангажирање адвокати и правници.

„Тоа е добро, но мора да биде на поинакво ниво. Имено, овие предмети треба да бидат дел од курикулумот на факултетите. Позитивно е, на пример, што  има одлична судница во Штип, тоа е позитивна иницијална основа за практична работа. Тука нагласувам дека за да се заклучи дали има пракса или не во студирањето,  зависи од ентузијазмот на кадарот. Некој од кадарот има ентузијазам, а некој нема. Меѓутоа, тоа е оставено на случајот, а не е дел од системското решавање на проблемот.

Не се посветува доволно внимание и на пренесување на вредностите на правничката професија 

Овој проблем, образложува Коцевски, понатаму на новодипломираните правници им носи потешкотии при вработувањето и го одолжува нивниот професионален развој.

„Од друга страна, пак, се наметнува потребата работодавците да ги оспособат нововработените правници (обврска која не секогаш ја исполнуваат). Покрај вештините што треба да ги всади правното образование во студентите по право, а не ги всадува, не се посветува доволно внимание и на пренесување на вредностите на правничката професија кои вклучуваат посветеност кон клиентите, почит кон владеењето на правото и етичките кодекси и норми, почитување на работата на колегите и многу други. Овие вредности се важни за изградба на правници со висок личен интегритет. Отсуството на овие вредности од наставниот курикулум го остава стекнувањето на овие вредности на индивидуалните моралните вредности на поединецот, наместо да се градат колективни норми кои ќе ги споделуваат сите правници“, смета Гоце Коцевски.

Според податоците, на кои посочува Коцевски, во Македонија постои хиперпродукција на правници што студираат по неадекватни програми во однос на практичната настава и влегувањето на пазарот на труд, кој, сепак, за нив останува ограничен.

Хиперпродукцијата на правници и избалансираноста со пазарот на трудот не е единствен проблем 

Хиперпродукцијата на правници и избалансираноста со пазарот на трудот, според истражувачите, не е единствен проблем со кој се соочува македонското правно образование. Инклузијата на практичните вештини во наставните програми на правните факултети, недостапноста на литературата, слабостите во предавањата, мобилноста на студентите, исто така, се едни од поголемите проблеми од кои се доаѓа до сознание  дека правното образование не ги подготвува идните правници за полагање на правосудниот испит, за компатибилност со пазарот на трудот и за работа во практиката.

„Инфлацијата на факултети придонесе за инфлација на правници. Тоа се одразува на квалитетот. Има правници што сакаат да студираат право и нивна желба е да бидат посветени на правото како наука и практика, но има и такви што велат дека одат бидејќи нема математика и, секако, за голем дел од случаите како мотивацијата е влезот во администрацијата“, вели Коцевски, резимирајќи дека за нарушувањето на квалитетот на правното образование се должи на два фактори: воведувањето на Болоњскиот процес и инфлацијата на правни факултети.

„Правното образование е мошне сложен систем каде што мора да се пристапи мошне внимателно кон сите реформи, со предвидување на долгорочните ефекти од промените. Поради тоа професионалната фела никако не смее да биде оставена немо да ги набљудува реформите, туку треба да се вклучи активно во нив и гласно да укажува на проблемите што можат да остават последици во професијата и правосудниот испит. Само на овој начин би можеле да се избегнат опасностите од наивните реформи во правното образование и да се изгради систем на квалитетно правно образование кое ќе одговара на стандардите на правничката професија и на потребите за овој кадар во земјата“, заклучува Коцевски.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

12.8.2015