/ Прочитано:

2.658

Правните експерти од најнекорумпираната земја во светот ги советуваа македонските судии: За борба против корупцијата, етиката е најважна

За да биде независен, судијата мора да има изграден и силно изразен морален закон преку кој ќе одговори на сите можности и на сите закани за влијание врз неговото работење, кое пак треба да биде во согласност со прописите и со етичките кодекси, беше нагласено на денешниот настан посветен на етиката, кој се одржа во Академијата за судии и јавни обвинители.

akad 7

Прашањето за европските принципи во поглед на етиката и владеењето на правото беше централна тема на денешниот настан, на кој присуствуваа претседатели на судови, судии и претставници на судската администрација.

„Претседателите на судовите треба да бидат пример за етичност, како за своите колеги така и за граѓаните, и секогаш треба да се однесуваат во согласност со законите и со етичкиот кодекс, но не само во професионалниот, туку и во приватниот живот. Исто така, во поглед на угледот на еден суд, треба да се нагласи дека и администрацијата има суштинска улога. Имено, администрацијата е таа која е прва во контакт со странките и со адвокатите и токму таа е огледало на судот, истакна директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудовска.

За судиската етика на денешниот настан говореа познатите европски правници и поранешни судии во Европскиот суд на правдата, Јорген Алс Андерсен, Питер Голдшмит, Петер Гјортлер, кои доаѓаат од Данска, која во вчерашниот извештај на „Транспаренси интернешнл“ беше оценета како најнекорумпирана земја во светот. Петер Гјортлер е директор и виш експерт во „Лекснет – европски информатор“ (СИА),  Јорген Алс Андерсен е сопственик на „ТРАДУЛЕКС“ и Питер Голдшмит е директор на Европскиот центар за судии и адвокати.

Пренесувајќи ги своите искуства и знаења од областа на правосудството и примената на етичките принципи во контекст на независноста на судиите и  етиката и владеењето на правото, данските експерти подвлекоа дека судиите мора секогаш да се придржуваат до законот и да ја практикуваат судската професија независно од парламентот и од извршната власт.

Во таа насока, осврнувајќи се на прашањето на корупцијата во контекст на етиката, данските експерти истакнаа дека во Данска му се дава многу сериозен приод на прашањето за етиката, особено во поглед на предвидените казни, кои се високи. Корупцијата се смета за голема закана на општествено-правните и етичките вредности и оттука постои изградена јавна свест за последиците што ги предизвикува овој негативен општествен феномен.

Со постоење на корупцијата во судството не може да се говори ниту за правда, ниту за објективност, ниту за непристрасност. Затоа, велат данските експерти, судијата мора да биде сфатен како непристрасен и мора да ја практикува судската професија на начин кој нема да предизвика појава на разумни сомнежи во врска со неговата неутралност.

Судијата мора да суди правично, а тоа може да се овозможи преку пристапот до правично судење, што е регулирано и во клучните меѓународни документи за човековите права, кои наведуваат дека судиите треба да држат јавни судења и да носат образложени одлуки кои ќе бидат напишани на јасен и разбирлив начин.

Исто така, судијата мора да дејствува на начин соодветен за зачувување на општата доверба во работите на судовите и судиите, притоа имајќи корелација помеѓу вредностите на судовите и дејствувањето од страна на судиите.

„Во Данска, доколку донесете погрешна судска одлука затоа што сте прифатиле поткуп, се смета за кривично дело кое е на исто ниво како и убиство, односно можете да бидете осудени со иста затворска казна како за убиство, особено ако сте судија кој донел судска одлука како резултат на поткуп“, нагласи Јорген Алс Андерсен.

Судијата, како и секој друг, има уставни права, вклучувајќи и слобода на изразување и слобода на здружување. Во практикување на своите права, судијата мора да биде свесен за посебната улога на судовите и судиите во општеството.

Исто така, нагласија данските експерти, судијата мора да се однесува кон секого на соодветен начин и со почит. Судијата, покрај тоа што треба да ја почитува својата должност за доверливост, мора да ја практикува потребната дискреција за работите што ги дознава во текот на својата работа.

„Судијата мора да ги врши своите должности со најголем можен квалитет, постапувајќи со случаите професионално, темелно и ефикасно, според потребите на случаите и интересите на страните, но тој мора и да ја одржува и да ја развива својата професионална компетентност за да може да ги извршува своите должности со најголем можен квалитет. Воедно, судијата мора да биде отворен и восприемлив во поглед на јавниот интерес, да покаже одговорност за правни и судски работи и да соработува со останатите судии“, беше истакнато на денешниот настан.

Андерсен, Голдшмит и Гјортлер говореа и за доброто управување со судовите, кое го оценуваат како предуслов за остварување на најдобрите професионални резултати. За ефикасноста и за угледот на еден суд, потребно е и постојано усовршување на судовите. Доброто управување, подвлекоа некогашните судии на Европскиот суд на правдата, подразбира дека оној што раководи со судот мора  постојано да им биде на располагање на вработените и, во таа насока, да спроведува активно лидерство. Доброто лидерство не се подразбира само по себе, истакнаа данските експерти, бидејќи доброто управување е процес што треба да се развива постојано и доследно во рамки на правосудството.

M.В