/ Прочитано:

1.626

Правните и физичките лица ќе може да вложуваат во недвижности и во хартии од вредност во странство, потврдуваат од НБРМ и од МФ

Правните и физичките лица можат да вложуваат во недвижности и во хартии од вредност во странство со преминувањето на земјата во втората фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА), велат од Народната банка на Република Македонија и од Министерството за финасии.

„Преминот кон втората фаза од ССА овозможува не само поголеми инвестициски можности за физичките и правните лица, туку и поголем степен на интеграција на домашниот финансиски пазар со меѓународните финансиски пазари. Исто така, се олеснува издавањето и регистрирањето странски хартии од вредност во земјава, како и на домашни хартии од вредност во странство.

Инвестирањето на странските финансиски пазари треба да се темели врз бројни информации врз кои се засноваат очекувањата на економските субјекти во кои се планира инвестирањето. Затоа се претпоставува дека резидентите, а особено физичките лица што ќе се одлучат да инвестираат во странство, се добро информирани за потенцијалните ефекти од нивните одлуки, дека имаат формирано јасни очекувања за приносите и степенот на ризичност, како и дека се запознаени со своите даночни обврски.

Резидентите треба да ги имаат предвид и да ги почитуваат обврските што произлегуваат од Законот за девизно работење кои се однесуваат за регистрирањето и известувањето за трансакциите. Забраната за отворање сметки на правни и физички лица во странски банки и натаму останува во примена, освен во случаите предвидени со Одлуката за начинот и условите под кои резидентите коишто не се овластени банки, можат да отвораат и да имаат сметки во странство.

Со потпишување на ССА, нашата земја се обврза на почитување на едно од основните начела врз кои се заснова единствениот пазар на Европската Унија – слободното движење на капиталот, што подразбира целосно, но фазно либерализирање на тековите од капиталната и финансиската сметка. Најголем дел од капиталните трансакции, како што се кредитните работи, странските директни инвестиции, вложувањата на нерезиденти во хартии од вредност и во недвижности, и претходно беа либерализирани. Пристапувањето кон втората фаза од ССА значи натамошна либерализација на капиталните текови“, соопштуваат од НБРМ и од Министерството за финансии.

Како што објави Академик, на 25 јануари 2019 година стапи во сила Одлуката за премин во втората фаза на асоцијација меѓу Република Македонија и Европската заедница и нејзините земји членки. Со оваа новина, во согласност со Спогодбата за стабилизација и асоцијација, престануваат да важат одредбите на член 11 став 1, член 13 став 2, член 14 ставови 4, 5, 6 и 7 и член 15 став 3 од Законот за девизно работење, со кои досега се ограничуваа инвестициските можности на домашните физички и правни лица во странство.

Истовремено, Советот на Народната банка на Република Македонија, на 31 јануари годинава ја донесе Одлуката за престанување на важењето на Одлуката за условите што треба да ги исполнуваат хартиите од вредност во странство во кои може да вложува овластена банка. Донесувањето на оваа одлука има за цел натамошно либерализирање на тековите од капиталната и финансиската сметка.

Преминот во втора фаза на асоцијација меѓу Република Македонија и Европската заедница и нејзините членки е особено важен од аспект на девизното работење, процената и супервизијата на осигурувањето.

Клучно е што со преминот во втората фаза се овозможува македонските државјани да може да вложуваат во недвижности во странство, како и  во хартии од вредност.

Имено, со преминот во втората фаза престануваат да важат законските забрани од Законот за девизно работење дека резидентите, односно македонските државјани не можат да вложуваат во недвижности во странство и дека  македонските државјани не можат да вложуваат во хартии од вредност во странство. Исто така, престанува да важи и забраната за издавање и регистрирање на странски должнички хартии од вредност во Република Македонија, со рок на доспевање над три години.

Во врска, пак, со Законот за процена, значајна новина е што, според законските одредби кои стапуваат во примена, процена ќе може да вршат и странски проценувач или странски стручни институции од државите членки на Европската Унија кои ги исполнуваат условите за вршење на процена во земјата во која се регистрирани.

Со преминот во втората фаза има значајни промени и во Законот за супервизија на осигурувањето, особено во поглед  на вложувањето на капиталот на друштвото за осигурување.

Една од целите на Спогодбата за стабилизација и асоцијација е усогласување на законодавството со ЕУ-регулативите и постапно да се развива слободна трговска зона помеѓу ЕУ и Република Македонија.

Пречистените текстови на законите врз чии одредби има влијание преминувањето во втора фаза на процесот на стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и Европската заедница се објавени и може да се погледнат на akademika.com.mk.

Ќе престане да важи Одлуката за условите што треба да ги исполнуваат хартиите од вредност во странство во кои може да вложува овластена банка

Македонските државјани конечно слободни да стекнуваат недвижности и хартии од вредност во странство

M.В