/ Прочитано:

1.074

Правните ризици треба да се детектираат навремено, во спротивно штетите се големи — Невен Вранковиќ, потпретседател за корпоративни активности во „Атлантик груп“

Некогаш дипломат, денес дел од управата на една од најголемите хрватски компании. Потпретседателот за корпоративни активности во групацијата „Атлантик груп“, Невен Вранковиќ, македонската јавност имаше прилика поблиску да го запознае на првата регионална конференција на тема „Управување со правни ризици“ што во организација на Академик се одржа во Скопје. Во интервјуто за Академик тој говори за впечатоците од конференцијата, правните ризици со кои најчесто се соочува компанијата – сопственик на познатите брендови како Цедевита, Кокта и Аргета, но и дипломатскиот свет наспроти корпоративниот.

Како ја оценувате идејата на Академик во Република Македонија да се одржи конференција на тема „Управување со правните ризици“? Дали сметате дека треба да се продолжи со серија на вакви регионални конференции?

Кога г-нот Димитров ја покрена идејата, ми се чинеше како многу тешка цел, бидејќи се работи за многу специфична тема која не е многу обработувана претходно. Но конференцијата беше полн погодок! Во однос на другото прашање, можам да истакнам дека се работи за теми кои се универзални за регионот и пошироко и мислам дека луѓето навистина би биле заинтересирани. Важно е да се погоди таргет групата и сметам дека би било многу интересно.

Колку според Вас конференцијата допринесе за размена на идеи и искуства?

Конференцијата беше одлично место за размена на искуства, но и стекнување, како и возобновување на пријателства. Еден мал детал кој сакам да го истакнам, а е многу значаен за мене: јас студирав во Америка, а тука замислете сретнав колега од студиите, на конференцијата го видов првпат после толку многу години. Тој е правен консултант на „Титан“ во Грција. Тој од Грција дојде на конференцијата и се најдовме тука, што навистина беше еден ептен убав момент за мене.

Како корпорациите ги минимизираат правните ризици?

Ние имаме релативно голем тим на луѓе кои управуваат со тие ризици. Само во нашата компанија имаме преку 30 правници, а ризиците се алоцирани во специфични полиња. Значи има ризици кои произлегуваат од работните односи и со нив се справува една личност која е специјализирана само за тоа. Ние не влегуваме во судски спор, доколку имаме  впечаток дека може да се постигне ефект со договор – тоа е наш став. Од таа причина имаме малку судски спорови, и она што го имаме, главно сме го наследиле од стекнатите компании. Затоа тешките ризици треба да се детектираат навреме, во рана фаза бидејќи може да предизвикаат сериозни штети. Кај ризиците кои може да се премостат најважно е да се запази односот продавач – купувач, да се внимава на психологијата и на потребите на купувачот. Така што споровите од посериозна природа речиси да ги немаме. Можам да кажам дека во нашата компанија правните ризици се сведени на минимум.

Како член на работната група за подготовка на преговорите за пристапување на Република Хрватска во Европската унија за поглавјето 6 – право на трговски друштва, што говори Вашето искуство од процесот на пристапување кон ЕУ? 

Хрватска, изминативе 10 години настојува своето законодавство да го усогласи со закoнодавството на ЕУ и многу малку правни институти останаа неусогласени до пред една година. Релативно долго преговаравме за влез во ЕУ и институциите се припремаа на начин што кога се носеше некој закон тој да се донесе така што да ги признава институцииите на ЕУ.  Како и Македонија, така и Хрватска потпиша Спогодба за стабилизација  со ЕУ која во некои сегменти многу рано почна директно да се применува. Имено, во подрачјето на заштитата на пазарната кокуренција, таа спогодба предвидуваше дека Хрватска директно ќе ги применува европските институти. Што значи дека голем број на европските директиви можеа да се користат во постапките пред европските судови. Тоа доста помогна во постапката на придружување и самото прифаќање на законодавството на Европската унија. Долготран процес во секој случај.

Во Вашата богата биографија е запишана и дипломатската функција. Колку  дипломатијата се разликува од она што денес го практикувате?

Многу различен свет. Јас од секогаш сум сакал да бидам дипломат, такво и образование имам. Работев во Њујорк, Вашингтон и Белград речиси 10 години, додека сопругата не ми рече дека морам да се вратам и тогаш ја променив професијата. Но потполно различна динамика, потполно различна дејност,  иако јас го покривав оној дел што се вика Конзуларно право – сегмент кој не е толку политизиран. Значи не е толку во дипломатските односи, туку се однесува на заштита на вашите државјани во држава каде се наоѓате. Значи јас им помагав на хрватските државјани во Америка, односно онаму каде бев стациониран.


Разговараше: Елена Павловска

Објавено: 28.01.2014