/ Прочитано:

2.032

Правосудниот испит од следната година исклучиво по електронски пат

Петок, 4 октомври 2013 – Усниот дел на полагање на правосудниот испит иде во историјата: Собранието на РМ  во рамки на 72-та седница, вчера попладне, го усвои Предлог-законот за правосудниот испит. Двата дела од правосудниот испит, теоретскиот и студијата на случај, веќе од октомври 2014 година ќе се полагаат исклучиво по електронски пат.

Според заменик министерот за правда Билјана Бришковска-Бошкоски,  унапредувањето на начинот на полагање на правосудниот испит се наметнало со развојот на информатичките технологии. Во новиот Закон за правосуден испит, како што таа истакна, се вградени позитивните искуства од воведувањето слични испити во рамките на МВР кои се полагаат преку електронски пат, а се земени предвид одредени решенија кои се однесуваат на студиите на случај содржани во законодавството на САД.

„Сметаме дека редизајнирањето на начинот на полагање, програмите кои се исклучително опсежни и комплементарни со бројните меѓународни стандарди и компаративни искуства, ќе придонесе за развивање на практичните вештини на кандидатите кои ќе го положат испитот. Исто така со предложениот закон ќе се подигне квалитетот на положените кандидати како и степенот на подготвеност на кандидатите при полагање на испитот“, рече Бришковска Бошковски.

Весна Бендевска од СДСМ посочи дека измените значат целосно деградирање на правосудниот систем и правничкото образование во Македонија. Според нејзе, ваквиот начин на полагање единствено ќе ги форсира слабите студенти со големи амбиции да станат идни судии или обвинители. 

„Законот е продолжение на катастрофалната измена на Законот за високо образование од ВМРО-ДПМНЕ со кој се форсираат слабите студенти и им се дава можност откако ќе дипломираат да преполагаат пет испити на кои добиле слаби оценки за да го подобрат просечниот успех кој е еден од главните услови за упис на Академија за судии и јавни обвинители“, рече Бендевска.

Заменик министерот Бришковска-Бошковски реплицираше дека знаењето е основ за успешноста на оние кои го полагаат испитот и посочи дека прашањата во врска со студиите на случај бараат од правникот кој го полага токму логично знаење на правото.

Високи глоби за технички проблеми

Новиот закон за правосуден испит, предвидува двата дела од правосудниот испит, теоретскиот и студијата на случај да се полагаат исклучиво електронски.

Базите на прашања за првиот и базите на студии на случај за вториот дел на испитот, согласно законот, ги изготвуваат едукаторите во Академијата за судии и јавни обвинители, а ги верификува Комисија составена од: претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, Јавниот обвинител на Република Македонија, претседателот на Апелациониот суд Скопје, претседателот на Апелациониот суд Битола, претседателот на Апелациониот суд Штип и претседателот на Апелациониот суд Гостивар.

Првиот дел од испитот содржи 50 прашања со пет опции за заокружување од кој едната е точна, две се слични, едната е неточна во мал обем и една е неточна во голем обем. Вториот дел од испитот се состои од две студии на случај по предметите кривично право (кривично материјално и процесно право) и граѓанско право (граѓанско материјално и процесно право). Прашањата кои се составен дел од студиите на случај се од областа на предметот на кој е заснована студијата на случајот и имаат десет можни опции на одговори од кои едната е точна, пет се слични и четири се различни.

„Полагањето на првиот дел од правосудниот испит се врши со одговарање на определен број прашања во вид на решавање на електронски тест на компјутер. Прашањата од тестот зависно од тежината, се вреднуваат со поени определени во тестот. Полагањето на вториот дел од правосудниот испит се врши со проучување на студиите на случај и одговарање на определен број прашања кои произлегуваат од студијата, во вид на електронско софтверско решение“, се наведува во материјалот на Законот.

На кандидатот за време на полагањето на првиот и вториот дел од испитот не му се дозволува да контактира со други кандидати или лица освен со информатичарот во случај доколку има технички проблем со компјутерот. Ако техничките проблеми со компјутерот бидат отстранети за пет минути испитот продолжува, а доколку не бидат отстранети во овој рок испитот само за тој кандидат се прекинува и ќе се одржи во рок од најмногу три дена од денот на прекинувањето на испитот. Ако има проблеми со повеќе од пет компјутери и тие не бидат отстранети во рок од пет минути испитот се прекинува за сите кандидати што го полагаат испитот и ќе се одржи во рок од најмногу три дена од денот на прекинувањето на испитот.

  • Глоба во износ од 4000 до 5000 евра во денарска противредност ќе се изрече на овластената институција која го спроведува испитот доколку не го прекине испитот доколку има технички проблеми со компјутерот повеќе од пет минути.

Испитот е предвидено да се полага во просторија посебно опремена за полагање на стручен испит со материјално-техничка и информатичка опрема, интернет врска и опрема за снимање на полагањето. Јавноста се информира за датумот и времето на полагањето на испитот  најмалку три дена пред одржувањето на испитот. Полагањето на испитот се снима и во живо се емитува на веб страницата на Министерството за правда, а ако поради технички причини снимањето се прекине, снимката од целиот испит се поставува на веб страницата на Министерството за правда.

  • Глоба во износ од 4000 до 5000 евра во денарска противредност ќе се изрече на овластеното правно лице кое технички го спроведува испитот доколку не го снима, не го емитува во живо на веб страницата на Минстерството за правда и доколку не  ја постави снимката од целиот испит на веб страницата на Министерството за правда.

Доколку Комисијата утврди нерегуларности во спроведувањето на испитот од страна на поединци предлага одземање на Уверението. Министерот за правда донесува Решение за одземање на Уверението врз основа на предлогот на Комисијата во рок од 3 дена од приемот на предлогот. Против Решението може да се поведе управен спор пред надлежен суд во рок од 30 дена од приемот на решението.

  • Глоба во износ од 1000 до 1500 евра во денарска противредност ќе му се изрече на Министерот за правда ако не го донесе решението во утврдениот рок.

Законoт влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”, а ќе започне да се применува по една година од денот на неговото влегување во сила.  

(E. П.)