/ Прочитано:

2.974

Правото е духот на спортот, а фер играта создава вредности! – ЛАЗАР НАНЕВ, судија и универзитетски професор

Еден од поавтентичните прикази за врската помеѓу правото и спортот најдобро може да се спознаат преку активностите и научните трудови на г-дин Лазар Нанев, професор по казнено право на Правниот факултет при Универзитетот во Штип, долгогодишен судија во Основниот суд во Кавадарци, спортски работник и спортист. Таа симбиоза на правничко и професорско искуство со спортот преку личноста на професорот Нанев откриваат оригинален модус вивенди кој е заснован на бескомпромисен ентузијазам што најдобро може да се согледа од разговорите со него низ кои открива една друга  животна, филзофска врска на спортот и правото, аргументирана пред се и во неговите научни трудови за Спортот и општеството, Спортот и правото и Спортскиот бон тон. Спортското право е една од најновите гранки на правниот систем, вели професорот, кој во интервјуто за Академик детално ги објаснува сите контексти на оваа научна дисциплина заснована на заеднички и универзални вредности на спортот и правото, затоа што, како што тој потенцира, правото е духот на спортот !

Професоре Нанев, вашиот интелектуален придонес и активност во областа за спортот и правото како општествен феномен и спој е исклучителен и оригинален. Би ни посочиле кои се клучните точки на поврзувањето на правото и спортот, во теоријата и практиката и што всушност претставува спортското право?

Спортот и правото имаат две заеднички карактеристики – систем на правила и судење. Спортското право е една од најновите гранки на правниот систем. Детерминирано е од темелните начела и од конкретни нормативни решенија кои што припаѓаат на уставното, граѓанското, кривичното и управното право како и на други гранки од правото. Токму поради тоа, севкупноста на спортското право, неговата модифицираност доведе до обединување на наведените сегменти во посебна системска целина мотивирана пред се од практични потреби. Правниот систем на државите од почетокот на XXI век го препознаваат и прифаќаат спортското право и спортските прописи кои ја прават општествена реалност, а содржината на постоечките прописи кои што ја уредуваат материјата спорт, всушност покажуваат дека државата по пат на правно регулирање на спортот и спортските активности се обидува да ги заштити вредностите кои спортот ги нуди и ги промовира.

Мотивот на државата да интервенира во спортските односи, и со правни норми да го уреди функционирањето на спортскиот систем како и остварувањето на спортските активности, го наоѓа пред се во потребата за воспоставување и зачувување на стабилен државен поредок во кој сите граѓани можат однапред да ги согледаат своите права и обврски, истовремено гарантирајќи му правна заштита и извршување на општествените активности меѓу кои спаѓа и спортот.

Со оглед на тоа што правото претставува збир на правила за човековото однесување и кое што поропишува и принудни санкции, тоа значи дека и спортските активности, како еден вид на човекова дејност се наоѓа во надлежност на државата и нејзиниот правен поредок. Покрај тоа, улогата на државата е да го овозможи и поддржи остварувањето на социјалните функции на спортот, што е возможно само ако спортскиот систем функционира, а спортските активности се организираат и се спроведуваат, по однапред пропишани правила кои уживаат заштита од страна на државата.

Неопходно е истовремено да се укаже дека спортот игра исклучително важна улога во културната историја на секоја земја, и паралелно со тоа се развива во високо-профитабилна стопанска гранка – модерен бизнис кој се состои од овозможување на разновидни услуги поврзани со спортот.

Иако, спортот по својата содржина и форма, како и по неговото дефинирање се доживува пред се како забава, разонода и начин на исполнување на слободното време, сепак како незадолжителна спортска активност потребно е да биде правно регулирана со закон или со некои други прописи.

Неспорно е дека спортот, од неговото настанување до денес се одвивал врз основа на одредени однапред утврдени правила, без кои спортското натпреварување не би имало никаква смисла за опстанок и развој. Тоа што спортот се разликува од одредени стихиски физички активности на луѓето, што го прави општествено прифатлива дејност, е одреденото ниво на правна уреденост на спортските односи кои овозоможуваат остварување и зачувување на основните вредности со кои спортот се заснива, а кои се претставени преку основните начела на коректна и фер игра и слободно натпреварување.

Всушност, тоа ја претставува и врската помеѓу спортот и правото како два посебни феномена кои секој засебно се развивал, а со чија интеракција настанало спортското право како посебна гранка на правото.

Како судија со долгогодишно искуство, какво е вашето мислење за спортското законодавство, дали се потребни промени во некои сегменти во функција на општото подобрување на спортот на државно ниво?

Спортот како и сите области на општественото живеење, во денешно време не можат да работат и да опстојуваат како независни и без надворешни влијанија од другите системи во општетсвото. Особено, тоа е невозможно во случај кога за време на спортски натпревар како последица ќе настане тешка повреда или смрт на некој учесник. Тоа значи дека концептот на апсолутна автономија на спортските прописи во третманот на ваквите настани во светот е одамна надминат.

Прашањето кое се поставува не е дали државата има легитимитет да интервенира во еден спортски однос, туку што треба да се направи за да се спречат ваквите специфични односи. Во случајот се прави разлика помеѓу директните и индиректните мешања со законите во спортот.

Директна интервенција може да биде последно средство на апсолутната забрана за спортскиот сектор, во спротивно тоа се манифестира со директно законско влијание врз правилата на спортската дициплина. Индиректната интервенција ги опфаќа само одредени аспекти на спортот, како што е процена на правна одговорност за несреќи предизвикани од спортистите за време на спортски настани. Изборот на видот и на кој начин ќе се манифестира интензитетот на мешање на законот, првенствено треба да биде врз основа на критериумитеза соодветност, ефикасност и социјална ефикасност на одредена законска интервенција.

Таквото мешање секогаш треба да биде со користење на правен инструмент, оправдан јавен интерес и пропорционален на целите што треба да се постигнат. Често, за да се постигнат посакуваните резултати е доволно регулирање на ,,нормативен систем“ од внатрешна природа.

Што се однесува на јавниот интерес, се чини дека е препорачливо да се забележат проблемите кои се повеќе се појавуваат во пракса, бидејќи тоа ја нагласува потребата на самото законодавство во однос на различните аспекти на спортот. Оваа е особено значајно во допинг скандалите и корупцијата, како и во зголемувањето на насилството на навивачите на спортските натпревари. Исто така, треба да се направи проценка на јавниот интерес врз основа на специфичните национални услови, како и праксата на некоја друга земја со различни традиции и култура на однесување, од причина што ваквите прашања често варираат во одделни земји во голема мера, бидејќи секогаш се определени од геоспецифични и социјални услови.

Од аспект на потребата за поинтензивна законска интервенција во спортот во последно време се повеќе се нагласува потребата за спроведување на кривичниот закон и идентификувањето на кривични дела и нивните сторители во делот на организраниот спортски криминал, корупцијата, митото, перењето на пари, фалсификувањето, злоупотребите, местењето на спортските натпревари, кои се повеќе го дерогираат целокупниот спортски систем во сите држави во светот, што како појава во последниве години е се поизразита и во нашето општествено живеење и секојдневие.

Исто така, за разлика од кривичното законодавство, се повеќе се нагласува и потребата за примена и редефинирање на сферата од приватното право, односно во областа на договорите и законот за работни односи, како и трговското право кои се повеќе од неопходни во областа на спортот.

Самиот процес на потребата на трансформацијата на спортските клубови од здрженија на граѓани во трговски друштва бара поширок аспект на правна примена на законите од приватното право, со што му дава нова димензија на спортот, но и на законодавецот во дефинирањето на специфични спортски односи кои треба да настанат помеѓу самите субјекти во спортските односи што самото по себе ја зајакнува законодавната позиција на државата.

Сметам дека ваквиот пристап и се понагласената потреба од директна примена на законите од приватното право во никој случај не терба да го доведува во прашање правото на степенот на мешање во спортските односи на државата како едно од клучните прашања, и дека ова прашање мора да се сфати како неопходност и потреба.

Во светски рамки, се понагласен е трендот на државна интервенција во делот на комерцијализација на спортот. На највисоко ниво често преовладува правно-фискалниот аспект кој се наведува како еден од главните аргументи за правна интервенција на државата, која има примарна цел за заштита на социјалните вредности на спортот.

Спортот одсекогаш ја задржувал својата посебност, и е незиводливо негово правно нормирање од страна на државата на ист начин како и останатите општествени односи.

Во иднина ќе биде многу важно да се постави одреден степен на мешање на законите во областа на спортот, но со јасни и прифатени правила на општеството, кои нема и не смеат да доведат до судски постапки.

Осебно е важно што во законодавството во секторот спорт секогаш треба да воспостави тесна соработка со нашите искусни професионалци од спортот кои имаат практично искуство во спортот и кој го прилагодуваат на специфичните барања на спортската реалност.

Исто така, е многу важно да се избегнува едноставно преземање концепти од други држави и надлежности без да се земат предвид нивните сопствени специфични традиции и социјалните услови во кои се развива и оргнизира спортот во сопствената држава.

За самиот однос на спортски и правни стандарди, кои влијаат на спортските односи во теоријата постои разлика на: спортски активности во потесна смисла, и во поширока смисла на зборот.

Оваа поделба е семантички во согласност со поделбата на спортските правила наведени погоре.

Под спортски активности во потесна смисла, т.н. правила на играта, претежно се регулираат само спортските стандарди, со што се обезбедува автономија на спортот. Се разбира оваа не е апсолутна автономија, со други зборови, дури и тука наоѓаме области каде што законот мора да интервенира.

Постои и индиректна интервенција, како на пример во случајот на гореспоменатите одговорности кога настануваат спортски повреди, и кога се преминува пред редовните судови за кривично гонење, барањето за оштета во рамките на граѓанското право, итн.

Како прилагодување на спортски активности во потесна смисла, „во пракса се среќаваме со случаи на меѓусебна пенетрација на спортската и законската регулатива.“ Идеална би била онаа состојба во која одреден правен стандард би дефинирал спортска регулатива и би ја обезбедил автономијата на спортските организации.

Но сепак, исто така од особено значење и посебно е важно да се зацврсти правната можност за судско преиспитување на одлуките на спортските организации, односно воспоставување на правно институционален механизам кој ќе ја испитува законитоста на одлуките на спортските организации, во насока на зајакнување на владеењето на спортското право и задоволување на принципот на „законски спортски правни стандарди“

Република Македонија, делимично го воспоставува овој концепт, кога повеќето од спортските организации постојат во форма на граѓански здруженија во рамките на Законот за здруженија на граѓани и фондации и кој обезбедува судска заштита само за точно наброени случаеви.

Но, не постои судка заштита во делот на незаконитоста на одлуките кои ги носат органите и телата на спортската организација, како посебни екстремни случаеви со кој се нарушува законитото и спортско работење и кој доведуваат до околности на делегитимирање на целокупниот правен систем.

Спортот, не е надвор од правниот ситем, тој има обезбедено своја автономија, но притоа автономијата мора да ја бара само во уставноста и законитоста на одлуките кои ги носат неговите субјекти. Секоја одлука која е незаконска не може да прозиведува никакви спортски ефекти.

Колку филзофијата на правото е блиска со филозофијата на спортот, особено во делот на градењето на карактерот на личноста, фер играта и волјата за успех, погледнато и од аксиолошките компоненти на „спортската теорија на правото“?

Многу, тоа е синоним на современото општество, имаат иста цел да создадат вредности, личности, да развиваат култура на однесување, култура на успех, на развој, на напредок.

Фер играта и волјата за успех мора да создава вредности, не противници, да создава личности не губитници, затоа правото е духот на спортот, силата и енергијата за правичен и коректен спорт, спорт без насилство, спорт за развој на другарството, пријателството, обединувањето, забавата.

Имено, добар дел на дебати што ги водиме и кои се водат во јавноста, посебно во она стручната, глвано прашање се стандардите кои што треба да се воспостават во спортот и да се покаже дека спортот претставува поле на разум, правда, идеали, култура, место за градење на карактерот на личноста, за фер игра и волјата за успех како на поединци така и на групи, па и на цели нации. Инаку, без некои станарди кои не се поставуваат како цел, не знаеме што би требало да препорачаме за да промените бидат морално оправдани. Се повеќе и повеќе моралните реформи ги вклучуват и многу повеќе од усвојувањето на морални принципи по секоја цена. Моралните принципи можат да се усвојуват и применуват на привлечен и праведен начин. Понекогаш, моралната и политичката цена на некои принципи може да биде толку голема, при што разгледувањето на правдата или користа од нас бара да усвоиме “второ најдобро” решение.

Во секој случај, гледиштетата развиени во овој период имаат развиени импликации за спортска политика. Тие ни наговестуват дека не е лесно да се повлече црта помеѓу тоа што е спортско однесување и фер-плеј кои се нормативно дозволени и девијантно неспортско однесување кое по правило се санкционира.

Оведе би ја спомнал и спортската етика која што може и треба да се истакнува дека е таа која ги почитува учесниците како личности, но и таа која што избегнува да ја прави двојната грешка: односно од една страна не остава доволно простор за манипулирање со идеи во спортот кои што се залагаат за интелигентна употреба на сила, и од друга страна поединците (спортисти) во потрага за победа (профит) нема да бидат во можност да направат нешто погрешно што ќе ги наруши моралните начела кои владеат во спортот, во правото, а и на нив самите.

Што претставува спортскиот бон-тон во контекст на општествено-спортската култура?

Спортскиот бон-тон во својата суштина ги содржи оние норми и вредности кои се основа на спортската култура и кои ги уредуваат и насочуваат односите меѓу поединците и групите за време на спортските манифестации.Во поширока смисла спортскиот бон-тон го уредува и претставува односот на луѓето кон спортот,ја иницира желбата тој да се поддржи и да се учествува во него,директно или индиректно, на правилен и посакуван начин. Исто така, вклучува норми кои го уредуваат и изразуваат односот на спортистот или навивачот кон клубот, како и неговата лојалност, ги одредува на себе својствен начин, индивидуалните и колективните интереси, го определува начинот на градење на однос на спортистот кон спортот како активност, кон клубот и кон севкупната спортска јавност.

Она што е суштинско за спортскиот бон-тон се нормите со помош на кои се регулираат и уредуваат односите меѓу поединците и групите во спортото ис о помош на кои се регулира однесувањето на секој активен чинител на натпреварот или манифестацијата.

Секое општество, без оглед на степенот на неговиот равој, преставува еден вид на мрежа на взаемно делување на поединци и групи. Со цел подобра и полесна, како и правилна комуникација, заедницата бара од поединецот да ги почитува правиулата кои таа му ги наметнува. Поединецот мора да почитува и да се држи до одредени општо прифатени правила, бидејќи на тој начин тој ги уредува односите помеѓу себе и другите. Во оваа насока од особено значење се моралните норми во спортото кои преставуваат правила на однесување за време на спортските манифестации и кои им покажуваат на директните и индиректните учесници во спортската игра што е добро, а што лошо, што е правилно, а што погрешно, што е поќелно, а што непожелно, со еден збор му покажуваат на секој поединец кој е инволвиран во спортот како треба да се однесува.

Во оваа прилика би сакал да го напоменам моделот на Македонскиот Спортски БОН-ТОН, и проектот СПОРТСКИ БОН-ТОН, инициран од Геостратешкиот институт, со цел социјална и етничка инеграција на поединците и општетсвените групи со различна етничка,конфесионална и културна природа, и кој под покровителство на Претседателот на РМ, се имплеменира изминативе две години во република Македонија. Ова е поле на работа во кое изминативе неколку години заедно со мојот колега и пријател проф. д-р Иван Анастасовкси, се обидуваме да ја подигнеме целокупната јавност за промовирање на нови вредности, во однесувањето на спортските терени, а спречување на насиствата на спортските терени, и за промоција на идејата за СПОРТСКИ БОН-ТОН.

Колку денес Светските првенства во фудбал може да се наречат обединувачи на глобалниот дух и позитивната енергија?

Светските фудбалски превенства во фудбал како посебен глобален феномен целосно ја менуваат филозофијата на однесувањата на цели нации и народи, промовираат вредности, стилови, енергија.

Светското фудбалско превенство не е само игра, не е само натпревар за престиж, тоа претставува прослава на социјалните врски и разбирање меѓу различните културни традиции, помеѓу нациите и народите.

Тоа е најголемиот планетарен јавен настан, кој стимулира однесување на милиони луѓе во одреден временски период, кај некој со позитивна енергија, кај некој со негативна, но во суштина ја манифестира позитивните вредности. Ваквите глобални манифестации имаа моќ да промовираат и нови вредности на воспоставување на мир, пријателства.

Тие се можност да се видат спортските звезди и легенди, и својот колективен амбиент, силно да влијаат врз гледачите. Овие спортски манифестации се “A get together show“ – да се направи заедничка претстава, претстава во која луѓето ќе се чувствуваат многу слични еден на друг, или публиката од стадионите, сака да биде составен дел од она што пред нив се случува, до крајот, за кој не се знае каков ќе е, и во кој има можност и самата да игра одредена улога.

Ваквите фудбалски спектакли кои мамат милиони фанови, служат и како вистинска разонода и уживање за гледачите, уживање во ферплеј, но сепак, неспорна е вредноста на спортските манифестации во доживувањето на гледачите и нивното чувство за еден од основните проблеми на човековата егзистенција: борба меѓу луѓето и доживување на победа или пораз. Но, тие доживувања и тоа чувство во исто време предупредуваат на примитивноста и ограниченоста на луѓето за сфаќањата за личната егзистенција која за многу, пасионирани поборници на фудбалот, го смалува нивното животно богатство на еден единствен поглед, на спортските манифестации.

Многу важен аспект се податоците за бројот на посетителите на ваквите манифестации или за тоа колку луѓе ги следат, во светот и кај нас, и кои навистина, се импозантни. Публиката во натпреварите зема учество со навивање, овации.

Но особено важно и карактеристично за светските фудбалски првенства е тоа што помеѓу гледачите и натпреварувачите се гради емоционална врска, чувства кои во исто време ги обзема и играчите и оние кои се сведоци на таа игра, па заедно градат една целина. Таа духовна врска се изразува со она ние, што значи градат една целина и успехот или неуспехот е заеднички.

Денес е огромен бројот луѓе кои се интересираат за светското фудбалско превенство, учествуваат или ги следат збиднувањата во него. Многу од нив преку весниците, радиото или преку телевизијата ги следат сите, па и најмалите информации за фудбалот, а самиот факт што проблемите во фудбалот можат многу лесно да ги дознаат, дека можат да учествуваат во оценувањето на формата на игрите, односот на судиите како и самото расположение пред натпреварите, им создава чувство и задоволство дека владеат со дадениот актуелен спорт или активност и дека нема ништо непознато за нив во тој спорт односно во фудбалот. Честопати тоа чувство е потполна спротивност на нивната анонимност во секојдневниот живот, спротивност од заплетканоста во животот, од непознавањето на многуте работи и чувство дека поради тоа непознавање не можат рамноправно да учествуваат во промената на светот во кој живеат и не можат, во тој ист свет, да ја изразат и да ја докажат својата личност.

 Големиот дел на навивачите на светското фудбалско превенство всушност претставуваат посетителите (публика) и туристите. Според тоа публиката, спортските манифестации и туризмот се неразделно поврзани. Влијанието на спортските манифестации врз посетителите (публиката) и туристите се гледа низ повеќе ефекти, а не само низ привлекувањето на одреден број на учесници и посетители кои претставуваат туристи, туку и низ директни влијанија.

Исто така, не само што светското првенство во фубла е глобален настан, тоа претставува и најважен политички настан за земјата домаќин, пасош на мирот што дава можност за промовирање на општествените добра. Првенството претставува еден од мотивите за патувања на милиони посетители кои сакаат да бидат дел од истото. За таа цел, потребата треба да се доживее во свеста на човекот и да се замисли целта која ќе се постигне со патувањето.

Светското Фудбалското превенство како мотив е надворешната дразба која поттикнува и разрешава една потреба кај поединецот и делува надразнувачки и на психичките функции на човекот, а истовремено има поволно физиолошко и психолошко влијание врз човекот, и може да биде уште поатрактивна доколку фановите се одликува со пониско или повисоко културно и образовно ниво, а манифестационите мотиви пак се одредени од видот и значењето на натпреварот.

Ваквите глобални манифестации како специфични општествени појави имаат за цел да ги задоволат и одредени општествени потреби. Тие се и потебни во онаа количина во која таа се продава на пазарот и во која таа дава можности за квалитетна разонода. Но без оглен на тоа што тие се големи и скапи што секоја земја не е во можност да обезбеди, услови за одржување, одржувањето на светските фудбалски првенства даваат можност за подобрување на патната мрежа, сообраќајните сретства, сигнализација, ПТТ мрежа, можности за ТВ преноси и др. Всушност целта секогаш е во остварување и промоција на позитивната енергија.

Кој е ваш фаворит на Светското првенство?

БРАЗИЛ!


Разговараше: Милчо Велјаноски

Објавено: 14. 06. 2014