Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители (второ читање)
Среда, 12 декември 2012 – Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители е на второ читање на Законодавно-правната комисија. Целта на законското решение, меѓудругото е регулирање на правото на надоместок на членовите на Комисијата за приемен испит и Комисијата за завршен испит. Вкупните финансиски трошоци од имплементација на Законот за изменување и дополнување на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители доколку предлогот биде усвоен би изнесувале 1.820.000,оо денари во текот на една година.
Објаснување на содржината на одредбите на Предлог-законот
Предлогот на законот за изменување на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители содржи 4 члена.
- Со членот 1 од предлогот се изменува членот 53 каде што се предвидува дека претседателот и членовите на Комисијата за приемен испит имаат право на надоместок. Во оваа одредба се предвидува дека висината на надоместокот со посебен акт ја утврдува Управниот одбор на Академијата. При утврдување на надоместокот се земаат предвид следниве критериуми: бројот на пријавените кандидати, времетраењето на приемниот испит, сложеноста на активностите на подготовка и спроведување на приемниот испит, како и присуството на седници на Комисијата.
- Со членот 2 од предлогот се менува ставот 7 од членот 62 и се предвидува дека претседателот и членовите на Комисијата за завршен испит имаат право на надоместок. Висината на надоместокот со посебен акт ја утврдува Управниот одбор на Академијата. При утврдувањето на висината на надоместокот, се земаат предвид следниве критериуми: бројот на кандидатите кои го полагаат завршниот испит, времетраењето на завршниот испит, сложеноста на активностите на подготовка и спроведување на завршниот испит, како и присуството на седници на Комисијата.
- Во членот 3 е уредена материјата за надоместок за надоместок на патни трошоци за учесниците на континуирана обука, чија висина ја определува Управниот одбор на Академијата со посебен акт имајќи ги предвид реалните трошоци за превоз од работното место до местото на одржување на обуката.
- Со членот 4 се уредува материјата за влегување во сила на овој закон и неговата примена.
Финансиски импликации
Законот за изменување и дополнување на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители ќе предизвика дополнителни финансиски импликации врз Буџетот на Република Македонија. По направена пресметка согласно критериумите кои се предлагаат со предлогот за изменување и дополнување на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители за вкупно 18 членови на двете комисии вклучувајќи ги во таа бројка и двајцата претседатели на комисиите, утврдено е дека за воведување на овие измени и дополнувања во законот потребни се вкупно 320.000,оо денари за спроведување на приемен и завршен испит во текот на една година.
Со усвојувањето на предложената измена со додавање на членот 68-а, Академијата би имала потреба од вкупно 1.500.000,оо денари за исплата на патните трошоци во текот на една година. Во оваа пресметка не се земени во предвид дневните трошоци бидејки согласно одлуката на Владата на Република Македонија овие трошоци не се исплаќаат.
Вкупните финансиски трошоци од имплементација на Законот за изменување и дополнување на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители доколку предлогот биде усвоен би изнесувале1.820.000,оо денари во текот на една година.