/ Прочитано:

1.139

Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за регистрирање на готовинските плаќања (затворен)

Вторник, 12 ноември 2013 – Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за регистрирање на готовинските плаќања во прво читање е на собраниска Комисија за финансирање на буџетот.  Предложените законски одредби се однесуваат на поголема заштита на интересите на граѓаните како крајни потрошувачи на услугите и добрата кои ги нудат даночните обврзници кои вовеле и користат одобрен фискален систем на опрема.

Се предлага дополнување на законот така што се пропишува нов член 4-а, со кој се пропишува дека ако даночниот обврзник кој вовел и користи одобрен систем на фискална опрема на купувачот на доброто, односно корисникот на услугата во моментот на предавањето на доброто, односно на извршувањето на услугата не му издаде фискална сметка, купувачот на доброто односно корисникот на услугата нема обврска да ја плати цената на доброто, односно цената на услугата.

Објаснување на содржината на одредбите 

Со членот 1 од Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за регистрирање на готовински плаќања се предлага изменување на членот 3-а став (5) од постојниот закон, заради негово допрецизирање и усогласување со системот за регистрирање на готовински плаќања.

Со членот 2 се врши дополнување на одредбите од постојниот закон со нов член 4-а со кој се пропишува дека доколку даночниот обврзник на купувачот на доброто, односно корисникот на услугата во моментот на предавањето на доброто, односно на извршувањето на услугата не му издаде фискална сметка, купувачот на доброто, односно корисникот на услугата нема обврска да ја плати цената на доброто, односно цената на услугата.

Со членот 3 од предлогот, се пропишува нов член 21-в во постојниот закон со кој се предвидува глоба во износ од 20 евра во денарска противвредност за физичкото лице – купувач на добро, односно корисник на услуга доколку не побара фискална сметка или истата не ја чува до 15 метри од напуштањето на местото на прометот на доброто, односно на услугата како обврска која произлегува од членот 6 став 1 од законот.

Со членот 4 се пропишува завршна одредба за влегување во сила на законот осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

>> Целосниот текст на Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за регистрирање на готовинските плаќања во прво читање може да го проследите тука.