/ Прочитано:

1.003

Предновогодишно, стартуваат „Монструм“ и „Ровер“- Бошковски повторно на клупата за обвинети

Понеделник, 3 декември 2012 – Месецов стартуваат двата најавувани судски процеси „Монструм“ и  „Ровер“ . Случајот „Монструм“ каде им се суди на шестмина за тероризам ќе започне на 20 декември. Една недела претходно, на 11 декември во судска постапка ќе влезе случајот „Ровер“, каде поранешниот министер за внатрешни Љубе Бошковски се товари дека знаел, а не презел ништо за да се спречи ликвидацијата на Маријан Тушевски и на Kиро Јанев во 2001 година.

На 20 декември стартува судската постапка за случајот „Монструм“ што ја крене на нозе целата земја кога минатиот Велигден кај Смиљковското езеро со калашников и пушка беа ликвидирани 5 момчиња и еден рибар. Обвинителството товари шест лица за тероризам кои со ликвидацијата на 5-мината недолжни македонски државјани се обиделе да ја загрозат безбедноста во земјата и да предизвикаат меѓуетнички тензии.

Потписник на обвинението е Гордана Гешковска, познатата обвинителка од случајот „Пајажина“ која за првообвинетиот Велија Рамковски, неговото семејство и соработниците успеа да издејствува 109 години затвор. Судскиот процес ќе го води Ивица Стефановски, млад судија со 4-годишно искуство од областа на кривичната материја, а од неодамна Стефановски се бори со организираниот криминал, откако судијата Зоран Димитриевски замина во Апелациониот суд.

Бошковски повторно во судница

Поврзувањето на поранешниот министер Љубе Бошковски со  ликвидацијата на Маријан Тушевски и на Kиро Јанев од 2001 година во случајот познат како „Ровер“, влегува во судска постапка. Следната недела на 11 декември е закажано првото рочиште за овој предмет во кој 15 обвинети се товарат дека го подготвувале убиството и криеле информации за ликвидацијата на Маријан Тушев и Киро Јанев. Претседавач на судскиот совет е Илија Трпков, млад судија кој работи на кривична материја. Трпков за првпат е избран за судија минатата година. Обвинител во предметот е Лидија Раичевиќ Вучкова, која досега има искуство во повеќе предмети каде се одлучувало за убиство.