/ Прочитано:

1.369

Преглед на закони и подзаконски прописи чиишто одредби стапуваат во примена во месец ЈУЛИ 2014

Погледнете ја најновата листа на закони и подзаконски прописи чиишто одредби стапуваат во примена во месец јули 2014 година, заедно со табеларен преглед  кој ги содржи и конкретните одредби од прописите кои ќе започнат да се применуваат во месец јули 2014 година.

plava

На 1 јули 2014 година стапуваат во примена одредби од Законот за данокот на додадена вредност (Закон за изменување и дополнување, „Службен весник на Република Македонија“ бр. 12/2014), кои се однесуваат на промени во однос на даночните периоди во кои ќе се пресметува и плаќа данокот на додадена вредност – периодот од една календарска година повеќе нема да биде можност за доброволно регистрираните даночни обврзници и даночни обврзници чијшто вкупен промет во изминатата календарска година не го надминал износот од 2.000.000 денари. Оттаму, овие даночни обврзници ќе преминат од годишни во тримесечни даночни обврзници, а УЈП со решение ќе им го смени даночниот период од календарска година во календарско тримесечје. На овие обврзници за прв даночен период во 2014 година ќе им се смета периодот од 1 јануари 2014 до 30 јуни 2014 година, а понатаму даночните пријави за ДДВ ќе ги поднесуваат тримесечно.

Исто така, од 1 јули ќе се применуваат и одредбите од Законот кои се однесуваат на   ослободување од данок на додадена вредност на прометот и увозот на добра и услуги наменети за реализација на проекти финансирани врз основа на договор за донација, склучен меѓу Република Македонија и странски донатори, ако во договорите е предвидено дека со добиените парични средства нема да се плаќаат даноци, како и кај проектите кои се финансирани преку ИПА инструментот и се спроведуваат во услови на децентрализирано управување, за делот на средствата од национално кофинансирање обезбедено од Буџетот на Република Македонија.

На 1 јули 2014 година, стапуваат во примена одредби од Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија (Закон за изменување, „Службен весник на Република Македонија“ бр. 43/2014), со кои се регулира дека еден од условите за ставање во трговија на увезен семенски и саден материјал од видови на земјоделски растенија е поседувањето на контролна марка – етикета со сериски број, издадена од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство – Управа за семе и саден материјал. Со контролната марка – етикета се потврдува дека увезениот семенски и саден материјал ги исполнува законските услови за ставање во трговија во Република Македонија. Надоместокот за издавањето на контролна марка – етикета ќе биде на товар на снабдувачот и ќе се уплатува во Буџетот на Република Македонија.  Формата, содржината на барањето за издавање на контролната марка – етикета, потребната документација, формата и содржината на контролната марка – етикета, како и начинот на издавањето на контролната марка – етикета се пропишани со истоимениот Правилник („Службен весник на Република Македонија“ бр. 82/2014), кој како и Правилникот за формата, содржината, како и начинот на водење на Регистарот на издадени контролни марки – етикети (кој го води Управа за семе и саден материјал) и Евидентната книга за искористени контролни марки – етикети (која ја води снабдувачот) („Службен весник на Република Македонија“ бр. 82/2014), ќе започнат да се применуваат на 1 јули 2014 година, исто така.

Одредбите од Законот за спортот (Закон за изменување и дополнување, „Службен весник на Република Македонија“ бр. 187/2013) кои ќе започнат да се применуваат од 7 јули 2014 година, се однесуваат на регистарот на членови на навивачка група – регистар на навивачи, чиешто водење е еден од условите што секој спортски клуб ќе мора да ги исполни за да може да врши дејност спорт. Запишувањето во регистарот на навивачи кај одреден спортски клуб ќе се врши исклучиво по лично барање на навивачот, а деца со навршена 14-годишна возраст ќе можат да бидат запишани во регистарот на навивачи доколку, покрај документ за лична идентификација издаден од државен орган што има фотографија, достават и заверена изјава на нотар од нивниот законски застапник за согласност за упис во регистарот на навивачи. Покрај другите лични податоци што ќе се водат за членовите на навивачка група, во регистарот на навивачи ќе се внесуваат и податоци за изречените забрани за присуство на спортски натпревари. Личните податоци од регистарот на навивачи, кои треба да подлежат на заштита според Законот за заштита на личните податоци, ќе се чуваат пет години од денот на нивното внесување во регистарот на навивачи, а спортските клубови ќе бидат должни да ги ажурираат на секои шест месеци и да доставуваат препис од нив до Министерството за внатрешни работи и до Агенцијата за млади и спорт. Глоба во износ од 2.500 до 5.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на спортскиот клуб и на одговорното лице во спортскиот клуб, ако спортскиот клуб не води регистар на навивачи, односно не го избрише навивачот од регистарот на навивачи којшто дал неточни податоци при уписот. Глобата за  членот на навивачката група кој не ја исполнил законската обврска во рок од осум работни дена да го извести спортскиот клуб за промените во врска со податоците запишани во регистарот ќе изнесува од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност.

Согласно со изменетите одредби од Законот за девизното работење (Закон за изменување и дополнување, „Службен весник на Република Македонија“ бр. 188/2013), кои ќе започнат да се применуваат од 1 јули 2014 година, жалбите против решенијата и заклучоците на девизните инспектори ќе се поднесуваат до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, наместо до комисијата при Министерството за финансии составена од тројца државни службеници.

Од 1 јули 2014 година ќе започнат да се применуваат поголем број одредби од Законот за инспекциски надзор (Закон за изменување и дополнување, „Службен весник на Република Македонија“ бр.  147/2013 и Закон за изменување и дополнување, „Службен весник на Република Македонија“ бр. 41/2014) со кои се уредуваат основите за организација и работа на инспекциските служби, основањето, статусот и работата на Инспекцискиот совет, правата и должностите на инспекторите, начинот и постапката на вршење инспекциски надзор, основните права и обврски на субјектите на инспекциски надзор, како и други прашања кои се однесуваат на инспекцискиот надзор. Меѓу нив се и одредбите според кои: Инспекцискиот совет, наместо досегашниот статус на  меѓуресорско тело, ќе добие статус на самостоен државен орган, составен од претседател и шест члена кои функцијата ќе ја извршуваат професионално, а кои, по пат на јавен конкурс, ќе ги избира и разрешува Владата на Република Македонија; инспекторатите, како органи во состав на министерствата, ќе се стекнат со својство на правно лице, ќе имаат сопствена буџетска сметка како буџетски корисници од прва линија и самостојно ќе спроведуваат постапки за вработување; детално се уредуваат условите за вршење на должноста инспектор, условите и начинот на издавање и одземање на лиценцата за инспектор, полагањето на испит за инспектор, континуираното следење на успешноста на инспекторите, постапката за утврдување на дисциплинска одговорност, стручното оспособување и усовршување на инспекторите и други прашања од областа на работните односи на инспекторите; надлежноста за одлучување во втор степен по жалба против одлуките на инспекторите преминува од посебните тричлени комисии формирани во министерствата во Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен; се утврдуваат прекршоци и глоби за претседателот и членовите на Инспекцискиот совет, како и за директорот на инспекторатот, односно функционерот кој раководи со органот на државната управа во чиј состав е организациската единица за вршење на инспекциски надзор.

На 1 јули 2014 година, ќе започнат да се применуваат одредбите од Законот за финансиската инспекција во јавниот сектор (Закон за изменување, „Службен весник на Република Македонија“ бр. 43/2014) со кои се врши усогласување со одредбите од општиот Закон за инспекциски надзор во однос на финансиските инспектори. Така, покрај другите услови предвидени во Законот, за назначување на позицијата финансиски инспектор ќе се бара исполнување и на условите пропишани со Законот за инспекциски надзор, а одредбите од Законот за инспекциски надзор ќе се применуваат и во врска со класификацијата, вработувањето, унапредувањето, стручното усовршување и оспособување, мерењето на ефектот и други прашања во врска со работниот однос на финансиските инспектори.

Од 1 јули 2014 година, престанува да важи одредбата во Законот за техничката инспекција (Закон за изменување и дополнување, „Службен весник на Република Македонија“ бр. 41/2014) која се однесува на легитимацијата на државните инспектори кои ја вршат техничката инспекција, нејзината употреба и начинот на нејзиното издавање и одземање – материја која е детално уредена со последните измени на Законот за инспекцискиот надзор, како lex generalis.

Според измените и дополнувањата на Правилата за пазар на природен гас („Службен весник на Република Македонија“ бр. 91/2014), од 1 јули 2014 година, потрошувачите кои што имаат годишна потрошувачка на природен гас во претходната календарска година поголема од граничната вредност на годишната потрошувачка пропишана со одлука на Регулаторната комисија за енергетика ќе можат самостојно да настапуваат на пазарот на природен гас.

На 1 јули 2014 година ќе започне да се применува Одлуката за начинот на формирање и објавување на курсевите на Народната банка на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2014), која целосно ќе ја замени претходната ваква одлука донесена во 2010 година, како и Одлуката за начинот и условите за купување и продавање на странски платежни средства („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2014), со што ќе престане да важи  Одлуката за начинот и условите на купопродажба на странски платежни средства во Република Македонија, донесена во 2002 година.

Целосната листа на законите и подзаконски прописи чиишто одредби стапуваат во примена е дадена во табеларен преглед.