/ Прочитано:

1.614

Преглед на закони и подзаконски прописи чиишто одредби стапуваат во примена во месец ЈУНИ 2014

Четврток, 29 мај 2014 – Во приложениот текст заедно со табеларен преглед и специфицирање на  содржината на одредбите објавена е листа на закони и подзаконски прописи чиишто одредби стапуваат во примена во месец јуни 2014 година.

zelena

На 1.06.2014 стапуваат во примена одредби од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување (Закон за изменување и дополнување „Службен весник на Република Македонија“ бр. 170/2013), а со кои се дефинира статусот „носител на семејно земјоделско стопанство“, реглирање на носителот на семејно земјоделско стопанство како обврзник за плаќање на придонес за задолжително пензиско и инвалидско осигурување и основицата за плаќање на придонеси.

На 1.06.2014 година стапуваат во примена одредби од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (Закон за изменување и дополнување „Службен весник на Република Македонија“, бр. 170/2013), со кои како осигуреници се додаваат носителите на семејно земјоделско стопанство – физички лица кои остваруваат нето приход од вршење на земјоделска дејност од прва, втора и трета категорија согласно со Законот за земјоделство и рурален развој, се регулира пензиската основица на носителите на семејно земјоделско стопанство, работата за која се оценува работната способност на носителот на семејно земјоделско стопанство, поднесување пријава носителот на семејно земјоделско стопанство, плаќање на придонесот од платата на работниците, од основиците на осигурување за физичките лица, како и од основицата на осигурување на носителите на семејно земјоделско стопанство во зависност од висината на остварениот катастарски приход како средства потребни за остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување, поднесување пријави со податоци од страна на носителите на семејно земјоделско стопанство и верските службени лица.

На 1.06 2014 стапуваат во примена одредби од Законот за здравственото осигурување (Законот за изменување на Законот за здравственото осигурување „Службен весник на Република Македонија“ бр. 187/2013)  со кои се регулира дека својството на досегашните осигуреници индивидуални земјоделци се менува во осигуреници – носители на семејно земјоделско стопанство од втора и трета категорија.

На 1.06.2014 стапуваат во примена одредби од Законот за користење и располагање со стварите на државните органи (Закон за дополнување „Службен весник на Република Македонија“ бр. 27/2014), а  кои регулираат дека одредбите на овој закон  кои се однесуваат на продажбата на недвижни ствари со електронско јавно наддавање соодветно ќе се применуваат и при продажбата на недвижните ствари на единиците на локалната самоуправа и градот Скопје.

На 1.06.2014 стапуваат во примена одредби од Законот за здравствена заштита (Закон за изменување и дополнување „Службен весник на Република Македонија“ бр. 39/2014), а кои се однесуваат на Надворешна контрола на квалитет на лабораториски услуги заради обезбедување на точност и сигурност на резултатите од спроведените лабораториски испитувања.

На 04.06.2014 година стапуваат во примена одредби од Законот за градежно земјиште (Закон за изменување и дополнување „Службен весник на Република Македонија“ бр. 163/2013), а кои се однесуваат на испитот на општинските службеници за стекнување на овластување за спроведување на постапка за отуѓување и давање под закуп на градежно земјиште сопственост на Република Македонија, потоа на деловите на испитот и начинот и постапката на полагање.

На 01.06.2014 година стапува во сила Правилникот за содржината на инвестиционата стратегија на пензиски фонд („Службен весник на Република Македонија“ бр. 25/2014). Со овој правилник поблиску се пропишува содржината на документот за инвестициона стратегија на задолжителен пензиски фонд и документот за инвестициона стратегија на доброволен пензиски фонд со кој управува друштво за управување со задолжителни пензиски фондови, друштво за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови или друштво за управување со доброволни пензиски фондови.

На 01.06.2014 година стапуваат во примена одредби од Правилникот за техничките правила за утврдување способност за пловидба на чамец и баждарење, начинот на водење на регистарот на чамци, образецот и содржината на пловидбената дозвола и регистерската ознака (Службен весник на Република Македонија“ бр. 177/2013) а кои се однесуваат на опремата на чамец наменет за лична употреба, чамец наменет за вршење стопанска дејност и чамец за јавна намена,чамец наменет за превоз на патници на релации подолги од 500 метри.

На 28.06.2014 стапуваат во примена одредби од Правилникот за критериумите, начинот на работа на автошколите, наставниот план и програма за обука, стручниот кадар, опремата со која треба да располагаат, како и евиденциите што треба да ги водат автошколите за оспособување на кандидати за возачи (Службен весник на Република Македонија“ бр. 90/2013) со кој се регулира дека сообраќајниот автодром треба да има пат со најмалку две сообраќајни ленти за движење на возила во спротивни насоки, во должина од најмалку 180 метри, а широчина од најмалку пет метри.

На 30.06.2014 стапуваат во примена одредби од Правилникот за формата и содржината на образецот на барањето за доделување на идентификациска ознака (број на шасија) и формата и содржината на водење на евиденцијата за издадени одобренија и на начинот и постапката за обележување и поништување на идентификациските ознаки на шасијата и/или моторот на возилото (Службен весник на Република Македонија“ бр. 101/2013), а кои се однесуваат на постапката за идентификација на тракторите.

* На 30.06.2014, согласно Законот за возила, истекува рокот за легализација на трактори и тракторски приколки, а физички или правни лица кои совесно ги владеат и ги користат на територијата на Република Македонија тракторите и тракторските приколки и кои не поднеле барање за регистрација, а кои не ги исполнуваат условите од овој закон, може да поднесат барање за регистрација до Министерството за внатрешни работи со кое доставуваат документација како доказ за регулиран сопственички статус. Доколку по истекот на предвидениот рок, при вршењето на контрола на сообраќајот на патиштата, Министерството за внатрешни работи затекне трактор или тракторска приколка која не е регистрирана, на затекнатото физичко лице ќе му изрече глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност, а на правното лице глоба од од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност.

Целосниот преглед на законите и подзаконски прописи чиишто одредби стапуваат во примена,  можете да ги погледнете во табеларниот преглед.