/ Прочитано:

4.833

ПРЕСУДА „АГЕНТ“: Три години затвор за Томановиќ, по две за Пешликоски и Богоевски

Понеделник, 16 декември 2013 – Три години затвор за адвокатот Васко Томановиќ, две години за поранешниот разузнавач Слободан Богоевски, адвокатот Владимир Пешликоски и за претставникот на „Меркатор“ Митја Валич, кому му се судеше во отсуство. Вака денеска пресуди скопскиот Кривичен суд за случајот „Агент“, каде шестмина обвинети се товарат за финансиски малверзации при купопродажбата на спорното земјиште што се наоѓа близу Спортскиот центар „Борис Трајковски. 

Условна осуда од две години доколку во наредните 4 години го повторат делото, судот им досуди на Даниела Трајковска и на словенечкиот државјанин Ален Јегени. Според пресудата, обвинетите треба да платат и штета, која според обвинението изнесува околу 850.000 евра, средства за кои се смета дека се стекнати со дејство на кривичните дела злоупотреба на службената положба и перење пари. Судскиот совет им го укина притворот на сите обвинети до правосилноста на пресудата. 

Првообвинетиот Васко Томановиќ е осуден на 3 години затвор за перење на пари и за злоупотреба на службената положба. Словенецот Митја Валич е осуден на 2 години затвор за злоупотреба на службената положба. По 2 години добија адвокатот Владимир Пешликовски и поранешниот разузнувач Слободан Богоевски за перење на пари. Последните двајца Јегени и Трајковски добија условни казни за помагање на перење на пари. 

По пресудата, одбраната се обрати на јавноста. 

„Притворот е укинат, тоа единствената добра одлука на судот. Осудителната казна е тотално погрешна, тоа е резултат на едно креативно толкување на законот од страна на судот со што се направи еден преседан, обвинение кое нема оштетен нема штета, а има затворски казни. Ваква одлука и обвинение, нема од 1945 година па наваму“, изјави адвокатот на Слободан Богоевски, Трајче Китановски.

Жалба за првостепената одлука најави одбраната на Томановиќ, адвокатот Јордан Апостолски. 

„Задоволни сме што се укина притворот, но не сме задоволни од пресудата бидејќи во конкретниот случај никој не е оштетен“, рече Апостолски. 

Случајот датира од пред 13 години кога прв пат на продажба било понудено државно земјиште. Станува збор за плацот со површина од 19.000 метри, во непосредна близина на Спортскиот центар „Борис Трајковски“. Во обвинението стои дека како кориснично право на земјиштето поседувала кипарската фирма „Централ Балкан инвестмент – ЦБИ“, од Никозија, а нивните интереси во Македонија ги застапувал обвинетиот адвокат Томановиќ. Според обвинението, потпишаниот договор со Министерството за транспорт и врски бил раскинат, но три месеци пред тоа била формирана фирма со речиси идентично име. Токму оваа фирма се јавила како потенцијален купувач на земјиштето. Всушност, како купувач се јавила фирмата „Инвестмент интернешенел“, која е фирма-ќерка на словенечки „Меркатор“ и со која управувал обвинетиот Валич.

Во текот на процесот, обвинетите во своја одбрана тврдеа дека работеле законски и уверуваа дека никој не е оштетен. Обвинителството, пак, побара затворски казни и конфискација на имотот на обвинетите.

>> Завршен збор на првообвинетиот Васко Томановиќ