/ Прочитано:

1.324

ПРЕСУДА НА ГРАЃАНСКИОТ СУД ВО КОРИСТ НА СЕКСУАЛНИТЕ РАБОТНИЧКИ: Човековите права важат за сите граѓани

За првпат во Република Македонија една маргинализирана група, како што се сексуалните работници кои континуирано и секојдневно се изложени на насилство, се охрабрува да побара судска заштита на своите права пред националните судови. Со оваа пресуда граѓанскиот суд потврди дека основните човекови права важат за сите граѓани подеднакво и мораат да се почитуваат од страна на надлежните органи и институции, вели адвокатката Хајди Штерјова-Симоновиќ.

????????????????????????????????????

Како што беше образложено на прес-конференцијата на ХОПС – „Опции за здрав живот“ во врска со овој случај, на 20 и 21 ноември 2008 година, во вечерните часови, полицијата спровела полициска акција наречена „Сузбивање на улична проституција”, во која биле лишени од слобода 32 лица, од кои 23 сексуални работнички.

Воскре Наумоска-Илиева од ХОПС образложува дека полицијата противзаконито ги задржала сексуалните работници повеќе од 20 часа во нехумани и деградирачки услови, додека другите приведени биле пуштени на слобода само неколку часа по приведувањето.

„Сексуалните работници ја поминаа критичната ноќ во просторија од неколку квадратни метри без пристап до храна и вода и без можност за одржување на санитарна хигиена. Дел од нив беа оставени без медицинска помош за надминување на апстиненцијалниот синдром, како резултат на зависноста од дрога, и беа изложени на непотребна болка и страдање. Утредента, сите без образложение беа однесени на тестирање и беа тестирани за ХИВ, за хепатитис Ц и други сексуално преносливи инфекции, без информирана согласност од страна на сексуалните работници“, истакнува Наумоска-Илиева.

akademik foto 1

За овој случај, како што образложува адвокатката Хајди-Штерјова Симоновиќ, 14 сексуални работнички, на кои им биле повредени правата, се охрабриле да побараат судска заштита и поднеле тужба до Основниот суд Скопје 2 Скопје, против МВР и против Основниот суд Скопје 1 Скопје.

„Со оваа тужба 14-те сексуални работнички од граѓанскиот суд побараа утврдување на повреда на нивните лични права, поточно правото на приватен и семеен живот, правото на слобода и безбедност и повреда на правото на физички и психички интегритет, односно забраната за мачење, нечовечко и деградирачко постапување и казнување, во согласност со Уставот на РМ, материјалните закони (ЗОО) и Европската конвенција за човекови права и слободи, и правичен надомест на нематеријална штета. По седум години од првобитното поведување на  оваа постапка, во повторена постапка, Основниот суд Скопје 2 Скопје, повторно делумно го усвои тужбеното барање на сексуалните работнички и повторно утврди дека на 20 и 21 ноември првотужениот, РМ-МВР, при спроведување на полициската акција ‘Сузбивање на уличната проституција’  ги прекршил одредбите на Европската конвенција за човекови права, повредувајќи ги горенаведените права на сексуалните работнички“, вели Штерјова-Симоновиќ.

Адвокатката Штерјова-Симоновиќ истакнува дека првостепениот суд утврди дека првотужениот, РМ-МВР, ги прекршил овие права бидејќи ги уапсил тужителките без да има основано сомневање коешто е издржано и поткрепено со докази.

„При апсењето не им биле кажани на разбирлив јазик причините поради кои се приведуваат и се лишуваат од слобода, не им била овозможена медицинска заштита, биле претресувани во присуство на мажи,  биле држени во нечовечки услови повеќе од 20 часа, а подоцна снимките биле јавно објавени и биле достапни за медиумите, биле присилени на тестирање и не им било кажано дека постои судска наредба за тестирање. Со истата пресуда, Судот утврди дека Основен суд Скопје 1 Скопје, ги повредил овие права, така што наместо да им овозможи заштита на правата на тужителките, издал судска наредба за тестирање на крв само на барање на првотужениот, без никакви докази со кои ќе се потврди дека постои основано сомневање и без притоа да ги распраша тужителките и останатите приведени, иако истите во тој момент биле лесно достапни. Поради тоа, Судот им досуди правичен надомест на нематеријална штета за претрпена физичка и душевна болка поради утврдената повреда на нивните горенаведени права“, вели Штерјова-Симоновиќ.

Адвокатката нагласува дека, иако не е правосилна, пресудата  е значајна за правната пракса во Македонија и за зајакнување на сексуалните работници во заштитата на нивните права.

„За првпат во Република Македонија една маргинализирана група, како што се сексуалните работници кои континуирано и секојдневно се изложени на насилство, се охрабрува да побара судска заштита на своите права пред националните судови. Со оваа пресуда граѓанскиот суд ПОТВРДИ дека основните човекови права важат за сите граѓани подеднакво и мораат да се почитуваат од страна на надлежните органи и институции“, вели Штерјова-Симоновиќ, нагласувајќи дека со оваа пресуда првостепениот суд директно ја применува Европската конвенција за човекови права и слободи како извор на правото.

„Се надеваме дека повисокиот суд ќе ја потврди ваквата пресуда и ќе придонесе кон подобрување на заштитата на правата на маргинализираните заедници во Македонија. Исто така, се надеваме дека во иднина МВР нема да спроведува вакви акции со кои се наштетува и на веќе постојните програми за превенција на ХИВ, хепатитис Ц и други сексуално преносливи инфекции, кои ги спроведуваат Министерството за здравство на РМ и граѓанските здруженија“, истакнуваат  Воскре Наумоска-Илиева и Штерјова-Симоновиќ.

М.В