/ Прочитано:

1.558

ПРЕСУДА „РОВЕР“: Сите обвинети повторно прогласени за виновни, Бошкоски овојпат доби 10,5 години затвор

Среда, 19 ноември 2014 – Во знак на непочит, како што рече, свртен со грб кон судскиот совет,  Љубе Бошкоски ја дочека новата  пресуда за случајот „Ровер“ со која му беа изречени десет и пол години затвор, односно година и пол помалку отколку со претходната.

Со денешната пресуда, на повтореното судење, за виновни беа прогласени и останатите обвинети, но казните на некои од нив им беа намалени за половина година, додека на други за година и година и пол – па така: Зоран Трајковски, шефот на обезбедување на поранешниот министер доби 8 и пол години затвор, Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ добија 7 години, а на Гоце Митревски и на Никола Негриевски им беа изречена  5 и пол години затвор. Имено, судскиот совет на чело со судијата Илија Трпков, овојпат кај обвинетите за помагање не утврдил умисла за убиство на Киро Јанев, туку само на Марјан Тушевски. Првите тројца обвинети, пак, кои според Обвинителството се директните извршители на убиството во отсуство повторно беа осудени  на доживотна казна затвор. Четвртообвинетиот Вук Вукичевиќ, исто така странски државјанин на кого му се судеше во отсуство, кој претходно беше осуден на доживотен затвор, денеска за помагање доби 15 години. Покрај барањата на одбраната и на самите обвинети за укинување или замена на мерката притвор, каде некои се наоѓаат повеќе од две години, Судот донесе одлука тие да останат во притвор до правосилност на пресудата.

Судијата во објаснувањето пред изнесувањето на пресудата се осврна на навредите што во текот на процесот беа изнесени против него и судот од страна Бошкоски, кој меѓу другото, бараше и психијатриско вештачење на членовите на судскиот совет, а поради нарушување на редот и мирот во судница повеќе пати беше исклучуван.

„Секој има право согласно Уставот и законите да мисли што сака, но закани ниту еден суд не признава“, рече судијата Илија Трпков.

Тој исто така истакна дека судот не криел докази, како што беше посочено од одбраната. Наведе дека за првите четворица обвинети била распишана меѓународна потерница и дека доколку биле фатени ќе се постапело согласно договорите за екстрадиција потпишани со предметните држави. Според изнесените наводи на одбраната во текот на постапката, Судот иако знал дека обвинетите Илиќ и Ковачевиќ се државјани на Босна и Херцеговина, ги барал како српски државјани.

Во однос на тврдењата дека членовите на судскиот совет не се воделе од напатствијата на Апелација, судијата Трпков рече дека тие истите ги респектирале, и дека пресудата е донесена на база на критичка анализа на бројни материјални докази изведени во текот на судењето.

Апелациониот суд Скопје, во април годинава ја укина пресудата со образложение дека биле направени низа пропусти во првостепената постапка.

Новото судење со ист обвинителен акт почна во јули. Во текот на повторената постапка не беа изведени нови докази.

>> Повеќе за предметот информирајте се тука. Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk