ПРЕСУДА „ШПИОН“: Највисоки затворски казни за ексразузнавачот Ефремов и поранешниот генерал Стојков
Понеделник, 6 октомври 2014 – Основниот суд Скопје 1 ги прогласи за виновни сите обвинети во аферата „Шпион“. Највисока затворска казна доби првообвинетиот Марјан Ефремов, кој според Обвинителството бил „мозокот“ на групата која шпионирала за странски разузнавачки служби, а истовремено се занимавала со уценување, измами и изнуди. Нему му беа изречени 15 години затвор за кривичните дела: шпионажа, злосторничко здружување, измама, уцена и прикривање.
Најниска затворска казна од една година доби еден од последните обвинети, додека на обвинетиот Слободан Милошевски, кој ја призна вината дека уценувал, му беше изречена условна казна во траење од 2 години, која нема да се реализира доколку во наредните 5 години не стори ново кривично дело. Останатите седумнаесет обвинети добија затворски казни во распон меѓу три и девет години. На поранешниот генерал Горан Стојков му беше изречена затворска казна од 9 години за делата злосторничко здружување, изнуда, недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи и послужување во службата. Цветан Дамјановски, поранешен вработен во МВР доби 6,5 години затвор за злосторничко здружување, уцена и недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи. Контраразузнавачот Александар Диневски е осуден на 4,5 години затвор за злосторничко здружување, шпионажа и одавање државна тајна. Ексдиректорот на Управата за спречување на пари и корупција, Ване Цветанов, доби вкупно 3 години затвор за делата злосторничко здружување и злоупотреба на државна, службена или воена тајна. Судот не го осуди Цветанов за шпионажа, бидејќи Јавното обвинителство во завршен збор го повлече обвинувањето за тоа кривично дело. Поранешниот шеф на кабинет на собранискиот спикер, Марјан Маџовски, пак со првостепената пресуда е осуден на една и пол година затвор за кривичните дека злосторничко здружување и уцена. Маџовски, Цветанов и уште четворица обвинети правосилноста на пресудата ќе ја дочекаат на слобода, додека на останатите обвинети кои се наоѓаат во притвор веќе една година, притворот денеска им беше продолжен.
Евидентно беше незадоволството од висината на казните кај обвинетите и нивните бранители, кои најавија жалба до повисокиот суд. Најгласен беше Стојков, кој за време на советувањето на судскиот совет околу притворот, им се обрати на новинарите во судница истакнувајќи дека е осуден повторно за дело за ке веќе имало правосилна пресуда.
„Ова е политичка пресуда… Во која држава се суди повторно за правосилна судска пресуда“, нервозно се обрати Стојков, кој во завршни зборови тврдеше да бил наместен од вработени во МВР.
Судијата Ѓоко Ристов, кој го водеше предметот, пред изрекување на пресудата посочи дека има бројни цврсти докази кои укажуваат дека обвинетите ги сториле кривичните дела. Тој нагласи дека првообвинетиот Ефремов водел многу прецизна евиденција за сите дејствија, па оттука се најдени текстови, снимки и скајп комуникации, во кои обвинетите меѓу себе се идентификувале со шифри како: „пајак“, „зубар“, „студеничани“ и „мачор“. Судијата Ристов, во своето образложение исто така наведе дека Ефремов, како мозок на операција, собирал документи и луѓе и ги вклучувал во злосторничкото здружување, а кои го снабдувале со информации што тој им ги продавал на странски разузнавачки служби, меѓу кои грчката, унгарската и српската. Според она што беше изнесено, тој наводно документирал и дека имал средби со припадници на ЦИА, но и средби со лица во Руската амбасада во Србија. Според доказите и изјавите на обвинетите, информациите чинеле по 600-700 евра.
Судскиот процес за првата македонска шпионска афера стартуваше на 27 јануари година. За неколку лица опфатени со обвиниението, во текот на судењето постапката беше издвоена. Апелациониот суд во Нови Сад, пак, неодамна ја усвои жалбата на адвокатите на новинарот Зоран Божиновски, обвинет во овој предмет за изнуда на пари, и тој го напушти екстрадициониот притвор во Нови Сад каде помина 11 месеци со обврска на секои 15 дена да се јавува во тамошната полициска станица. Како гаранција дека нема да ја напушти земјата, му е одземена и патната исправа. Екстрадиционата постапка за него и понатаму продолжува, како и постапката за политички азил.
Со пресудата на Основниот Скопје 1:
1. Марјан Ефремов е огласен за виновен за кривичните дела Злосторничко здружување од член 394 ст.1, Шпионажа член 316 ст.3 в.в со чл.45, Измама член 247 ст.3 в.в со ст.1, Уцена член 259 ст. 2 в.в со ст.1 и член 45, Шпионажа од член 316 ст.1. в.в со член 45, Прикривање член 261 ст.3 в.в ст.1 од КЗ и му определена единствена казна затвор во траење од 15 години.
2. Иџет Абди е огласен за виновен за кривичните дела Злосторничко здружување од член 394 ст.1, Шпионажа член 316 ст.3 в.в со чл.45 од КЗ и му е определена единствена казна затвор во траење од 4 години.
3. Алексо Ангеловски е огласен за виновен за кривичните дела Злосторничко здружување од член 394 ст.1, Шпионажа член 316 ст.3 в.в со чл.45 од КЗ и му е определена единствена казна затвор во траење од 4 години.
4. Мирослав Зафировски е огласен за виновен за кривичните дела Злосторничко здружување од член 394 ст.2, Шпионажа член 316 ст.3 в.в со чл.45 од КЗ и му определена единствена казна затвор во траење од 3 години и 6 месеци.
5. Благоја Цветановски е огласен за виновен за кривичните дела Злосторничко здружување од член 394 ст.2, Шпионажа член 316 ст.3 в.в со чл.45 од КЗ и му е определена единствена казна затвор во траење од 3 години и 6 месеци.
6. Миќо Насковски е огласен за виновен за кривичните дела Злосторничко здружување од член 394 ст.2, Измама член 247 ст.3 в.в со ст.1, Уцена член 259 ст.2 в.в ст.1и в.в со член 45 од КЗ и му е определена казна затвор во траење од 4 години.
7. Горан Стојков е огласен за виновен за кривичните дела Злосторничко здружување од член 394 ст.2, Изнуда член 258 ст.2 в.в со ст.1, Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи член 396 ст.1, Послужување во службата член 356 в.в со член 23 од КЗ и му е определена единствена казна затвор во траење од 9 години.
8. Марјан Маџовски е огласен за виновен за кривичните дела Злосторничко здружување од член 394 ст.2 , Уцена член 259 ст.2 в.в со член 19 од КЗ и му определена единствена казна затвор во траење од 1 година и 6 месеци.
9. Слободан Милошевски е огласен за виновен за кривичните дела Злосторничко здружување од член 394 ст.2 , Уцена член 259 ст.2 в.в со ст.1 од КЗ му e определена алтернативна мерка – Условна осуда во траење од 2 години која нема да се реализира доколку во следните 5 години не стори ново кривично дело.
10. Влатко Стаматовски е огласен за виновен за кривичните дела Злосторничко здружување од член 394 ст.2, Одавање државна тајна член 317 ст. 2 в.в со со член 45, Изнуда член 258 ст.2 в.в со ст1. од КЗ и му определена единствена казна затвор во траење од 3 години и 6 месеци.
11. Ване Цветанов е огласен за виновен за кривичните дела Злосторничко здружување од член 394 ст.2, Злоупотреба на државна, службена или воена тајна член 360 – а ст.2 в.в со ст.1 од КЗ и му е определена единствена казна затвор во траење од 3 години.
12. Александар Диневски е огласен за виновен за кривичните дела Злосторничко здружување од член 394 ст.2, Одавање државна тајна член 317 ст. 2, Шпионажа член 316 ст.3 в.в со чл.45 од КЗ и му е определена единствена казна затвор во траење од 4 години и 6 месеци.
13. Ацо Вучиниќ е огласен за виновен за кривичните дела Злосторничко здружување од член 394 ст.2 , Уцена член 259 ст.2 в.в со ст.1 од КЗ и му е определена единствена казна затвор во траење од 2 години и 6 месеци
14. Цветан Дамјановски е огласен за виновен за кривичните дела Злосторничко здружување од член 394 ст.2 , Уцена член 259 ст.2 в.в со ст.1 од КЗ, Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи член 396 ст.2 од КЗ и му е определена единствена казна затвор во траење од 6 години и 6 месеци.
15. Живко Петровски е огласен за виновен за кривичните дела Злосторничко здружување од член 394 ст.2 , Уцена член 259 ст.2 в.в со ст.1 од КЗ и му е определена единствена казна затвор во траење од 2 години.
16. Тоше Кушиновски е огласен за виновен за кривичното дело Шпионажа член 316 ст. 3 в.в со член 45 од КЗ и му е определена единствена казна затвор во траење од 3 години.
17. Георги Хаџи Мицев го огласи за виновен за кривичното дело Послужување во службата член 356 од КЗ и му е определена единствена казна затвор во траење од 1 година.
18. Кирил Соколов го огласи за виновен за кривичното дело Шпионажа член 316 ст. 3 в.в со член 45 и в.в со член 24 од КЗ и му е определена единствена казна затвор во траење од 3 години.
>> Повеќе за предметот прочитајте тука. Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk