/ Прочитано:

1.945

Пресуда во корист на тужител за исправка на податоците во матичната книга на родените за промена на податокот за пол

Македонското здружение на млади правници информира дека Управниот суд Скопје, на 7.7.2016 година, донесе пресуда со која се уважува тужбата на тужителот и се поништува решението на Министерството за правда кој како второстепен орган го потврдил решението на Управата за водење на матичните книги и го одбил тужителот за исправка на податоците во матичната книга на родените за промена на податокот за пол.

foto akademik

Тужителот се стекнал со сите права во согласност со закон

„Според Судот, со спорното решение повреден е законот и во конкретниот случај нецелосно е утврдена фактичката состојба, поради што е погрешно применет Законот за матична евиденција и Законот за општата управна постапка, согласно кои Министерството за правда требало да му укаже на првостепениот орган за сторената повреда. Во текот на управната постапка не биле ценети доказите, односно целокупната медицинска документација според која дошло до комплетна трансформација на полот, поради што тужителот се стекнал со сите права согласно закон во склад со новоформираниот пол за промена на податоците во матичната евиденција“, истакнуваат од МЗМП.

Оттаму додаваат дека постапката за предметот се водела во рамките на проектот „Борба против дискриминацијата“, поддржан од Институтот „Отворено општество“ – Будимпешта. Полномошник во постапката е адвокат Жарко Хаџи Зафиров од Адвокатското друштво „БОНА Фиде“ Скопје.

Постапката пред управните органи била поддржана од страна на Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници” и од адвокатката Наташа Бошкова.

foto akademik

Управата и Министерството ја негираат судската пракса

Адвокатката Наташа Бошкова вели дека ова не е прва ваква пресуда на Управниот суд и дека веќе постои судска пракса во однос на ова прашање.  Но, и покрај тоа, нагласува адвокатката, Управата за водење на матичните книги  продолжила да ги одбива барањата за исправка на податоците во матичната книга на родените за промена на податокот за пол, со што и ги игнорирала насоките на Управниот суд.

„Управата и Министерството за правда во иднина треба да ги следат насоките на Управниот суд. Недозволиво е ваквото игнорирање на Судот, дотолку повеќе што и ставот и праксата на Европскиот суд за човекови права се јасни, а тоа е дека државата во вакви случаи има обврска да ги исправи податоците во матичната книга на родените“, истакнува Бошкова.

М.В