/ Прочитано:

864

Пресудата за случајот „Ел-Масри“ пред Меѓуресорската комисија за извршување на одлуките на ЕСЧП

Среда 13 март 2013 – Пресудата за случајот „Ел-Масри“ e на дневен ред пред Меѓуресорската комисија за извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП). Судот во Стразбур со пресудата утврди повреда на човековите права од членовите 3, 5, 8, 10 и 13 од Европската конвенција за човекови права и ја задолжи Македонија да му плати штета на Ел-Масри во висина од 60.000 евра. Министерот за правда Блерим Беџети појасни дека дека од денешната дебата треба да произлезат одредени мерки кои треба да се преземат од страна на државните органи со цел извршување на пресудите на ЕСЧП. 

Владиниот агент Костадин Богданов укажа дека согласно правилата на Советот на Европа, Македонија има должност да ја изврши пресудата, односно да преземе мерки за нејзино извршување.

„Покрај исплатата на паричните средства кои му беа досудени на апликантот треба да се преземат и други мерки во насока на извршување“, рече Богданов.

Тој појасни дека Стразбур не предлага мерки, туку им остава на самите држави да ги дефинираат мерките кои треба да ги преземат и дека токму од тие причини е формирана оваа Меѓуресорска комисија за да ги дефинира конкретни мерки во насока на нивна целосна имплементација.

„Под индивидуални мерки се подразбира да се доведе апликантот во состојба во која бил претходно или да се репарира на некој начин, а под општи мерки се подразбираат мерки кои се преземат за да не се повтори истата или слична ситуација“, додаде Богданов.

Германецот со либанско потекло, Калид Ел-Масри, ја тужеше Република Македонија во Европскиот суд за човекови права за негово тајно предавање од страна македонското МВР на американските агенти на ЦИА. На 13 декември 2012 година, Големиот судски совет донесе конечна одлука со која ја прогласи македонската Влада за виновна, односно дека е одговорна за тортура, малтретирање и тајно предавање на лице (secret rendition) осомничено за поврзаност со тероризам. Судот со пресудата утврди повреда на човековите права од членовите 3, 5, 8, 10 и 13 од Европската конвенција за човекови права и ја задолжи Македонија да му плати штета на Ел-Масри во висина од 60.000 евра.

Граѓанска постапка во Основниот суд Скопје 2 

Освен од Стразбур, Ел-Масри бара  правда и пред македонските судови. Во тек е граѓанска постапка во Основниот суд 2 Скопје. Процесот се одолговлекува бидејќи Ел-Масри во моментов издржува затворска казна во Германија за физички напад на  градоначалникот на германxкиот град Улм. Досега во судница беше сослушана истражителка од Лондон, која изминативе 5 години работела на случајот на германскиот државјанин Калид Ел-Масри. Таа тврдеше дека собрала докази обезбедени од воздухопловни служби, од странски полициски истраги и извештаи, сведочења на затвореници и многу други информации што упатувале на веројатноста дека Ел-Масри бил киднапиран. Оштетното побарување во оваа постапка е во висина 50 илјади евра за наводната тортурата во Македонија од страна на македонското МВР.

>> Случајот Eл-Масри против Македонија можете да го проследите тука.