/ Прочитано:

3.623

Пресудите на Европскиот суд за човекови права треба да се задолжително адвокатско четиво – Адвокат Павлина Зефиќ

Личност со долгогодишно искуство во сферата на заштита на човековите права и проучување на европските антискриминациони практики во правосудната дејност, адвокатката Павлина Зефиќ за Академик ги елаборира состојбите во македонската адвокатура во однос на антидискриминацијата како идеја, процес и законодавство, компарирано низ европската методолошка призма. Според неа, Уставниот суд не сака предизвици, а адвокатите како да не сакаат да го предизвикуваат судот и ја забораваат изреката „Интерпретацијата на Уставот и законите не е секогаш логична, но барем секогаш значи збогатување на правото“.

Улогата на адвокатот е пресудна, тој треба да препознае случај на дискриминација

 „Често пати од странките знаеме да слушнеме дека се “дискриминирани“ и тогаш кога станува збор само за повреда на некое одредено право или пак нееднаков третман. Токму поради тоа улогата на адвокатот е пресудна, тој треба да препознае случај на дискриминација и да побара соодветна заштита на правата на клиентот. Најлесно е да се препознае директната дискриминација со употреба на компарација, но тука е индиректната (скриената) дискриминација, вознемирувањето, поттикнувањето и повикувањето“, вели Зефиќ.

Таа е на мнение дека постои правосудна пасивизираност во однос на ова прашање, за што најдобро говори судската, но и адвокатската пракса. За да се интензивира правосудниот „ентузијазам“, како што истакнува, треба добро познавање и на феноменот дискриминација, но и на судската постапка.

Пред македонските судови ретко се наоѓаат тужби за утврдување и заштита од дискриминација

„Во случај на дискриминација првиот чекор е поднесување претставка до комисијата за заштита од дискриминација а потоа поведување и спор пред судовите. Но, пред македонските судови ретко се наоѓаат тужби за утврдување и заштита од дискриминација. Во 2013 год. Основниот Суд Скопје 2 Скопје одлучувал дури за 1 спор – на штета на тужителот. И покрај тоа што во овие случаи товарот на докажување е обратен и паѓа на сторителот, тужителите мака мачат со обезбедување на докази, вештачења и сведоци кои не се осудуваат да сведочат бидејќи не секогаш се заштитетни и покрај обврската од виктимизација. Поради тоа во случаи на дискриминација адвокатите прибегнуваат кон други основи за одредување на петитумот на тужбата, без притоа да се впуштаат во нешто што за нив е непознато. Кај нас оваа тема како да е се уште нова, отсуствува судска пракса и интерпретација на Уставот и законот во пракса“, објаснува адвокатката Зефиќ.

Во европските земји адвокатите користат тестови за дискриминација

„Од друга страна пак, во европските земји нашите колеги користат тестови за дискриминација а добиените резултати ги користат како релевантен доказ пред судовите. Со право можам да кажам дека најчесто претставките и тужбите во случаи на дискриминација се поднесуваат од страна на Здруженијата на граѓани и фондациите. Адвокатите како да не сакаат да го предизвикуваат судот и ја забораваат изреката „Интерпретацијата на Уставот и законите не е секогаш логична, но барем секогаш значи збогатување на правото“, ги илустрира Зефиќ состојбите во македонската адвокатура.

Уставниот суд не сака предизвици

Таа има добиено впечаток дека Уставниот суд не сака предизвици и дека евидентна е неговата пасивизираност во однос на барањата кои пристигнуваат до него како институција.

„Со последниов случај кој беше изложен пред Уставниот Суд за дискриминација на лице од Ромска националност на граничниот премин, добив впечаток дека и Уставниот Суд не сака предизвици. Дури дискусијата на судиите отиде дотаму дека „лицето кое е дискриминирано требало да докажува факти“, вели адвокатката.

Од тие причини, смета дека сето тоа води до заклучок дека судската пракса во случаите на дискриминација е мала, но за среќа тука е праксата на Европските судови, особено ЕСЧП со која се прават револуционерни чекори.

„Затоа пресудите на ЕСЧП треба да бидат задолжително четиво за нас адвокатите, со користење на ставовите на Судот нашиот случај може да добие на јачина и оправданост во случаите на дискриминација. Улогата на адвокатите е пресудна и во постапките пред ЕСЧП. Само во 2013 год. Судот разгледувал 859 жалби против Македонија од кои 800 ги отфрлил како недопуштени. Недопуштеност, значи неисцрпување на домашните правни средства и непочитување на рокот од 6 месеци. Повеќе од сигурно е дека кај јавноста е создадена погрешна слика за ЕСЧП, кој во никој случај не претставува последна истанца. Како адвокати сме обврзани да внимаваме на допуштеноста бидејќи во правото нема простор за грешки“ аргументира Зефиќ.

На што најчесто се жалат македонските граѓани и како да се подобри заштитата на нивните права?

Според Зефиќ, македонските граѓани пред ЕСЧП најчесто се жалат за долгото траење на постапките, но Судот разгледува и жалби во поглед на долгото траење на притворот, тортурата, слободата на изразувањето, почитување на приватниот и семејниот живот.

„При поднесување на жалба за дискриминација пред ЕСЧП дискриминацијата мора да се поврзе со повреда на одредено право од Конвенцијата. Македонските адвокати преку праксата на ЕСЧП можат да најдат решение на нивните случаи. Судот на пример утврдил постоење на индиректна дискриминација против Хрватска поради автоматско сместување на деца Роми во специјални одделенија бидејќи недоволно го познавале хрватскиот јазик. Судот одлучувал и во жалби за дискриминација каде жалителот бил осуден за клевета поради изразено политичко мислење, па во повеќе случаи контатирал повреда на правото на слободно изразување“, објаснува таа.

Адвокатката  укажува дека пред ЕСЧП се поставило и прашањето дали адвокатските приправници се понеповолно третирани од приправниците во другите професии бидејќи давале правна помош без надомест, но судот сметал дека во овој случај не постои дискриминација.

„Одговорноста за подигнување на свеста за дискриминацијата ја гледам кај секој од нас, особено кај адвокатите бидејќи ние сме бранители на правата на странките. Но најголема одговорност според Законот и е дадена на Комисијата за заштита од дискриминација која мора да има поактивна улога особено во информирање на јавноста“, посочува Зефиќ.

Според неа, свој придонес во борбата против дискриминацијата треба дадат и судовите, Народниот правобранител и граѓанскиот сектор.

„Верувам дека со носењето на првите позитивни пресуди за дискриминација покриени со добро медиумско претставување, оние кои на своја кожа ја почувствувале дискриминацијата ќе се охрабрат да бараат заштита пред судовите“, резимира младата адвокатка Павлина Зефиќ, чиј примарен интерес во делокругот на работа е граѓанското право и заштитата на човековите права, особено специјализираноста за подготвување на апликации до Европскиот суд за човекови права.


Разговараше: Милчо Велјаноски / veljanoskim@akademik.mk

Објавено: 21. о3.2014